Општина Центар победи – Уставен потврди дека законски е донесен ДУП-от за Градска четврт „Даре Џамбаз“


Уставниот суд ја потврди законитоста при носењето на ДУП-от Градска четрвт И 04 – Даре Џамбаз во Општина Центар и донесено е решение со кое се одредува дека нема да се поведе постапка, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Со ова се отфрлува Иницијативата поднесена од ССИ Инвестмент ДООЕЛ Скопје.

– Би сакал да ја информирам јавноста дека подносителот на Иницијативата го поднел известувањето за јавна анкета надвор од предвидените законски рамки, додека Општина Центар во меѓувреме ја има завршено постапката согласно Законот пред надлежните органи од Министерството за транспорт и врски и Град Скопје за добивање позитивно мислење за ДУП-от Градска четрвт И 04 – „Даре Џамбаз“ – изјави градоначалникот Богдановиќ.

Со донесување на Деталните урбанистички планови, донесени во 2012-та година не се почитувани  стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и на тој начин е оштетен јавниот интерес, како главен постулат на кои се засновани Деталните урбанистички планови во Општина Центар. Со непочитување на стечените права и зголемување на катноста, на места каде не треба да постојат 8 ката, била предвидена надградба со која се дозволувала градба на повеќе од 8 ката.  На овој начин директно е причинета штета на постоечките права, како и основните стандарди за обезбедување квалитетен живот на центарци.

– Би сакал да потенцирам дека и ние како Општина Центар при носење на Деталните урбанистички планови, се придржуваме на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето, подобрување на условите преку плански одредби кои воведуваат повисоки стандарди во однос на постојната состојба или во однос на претходниот урбанистички план, хармонизација и хуманизација на просторот со плански одредби кои ќе ја штитат и стимулираат приватната сопственост, но на начин кој нема да го повреди јавниот интерес – додаде Богдановиќ.

Со денешната Одлука, Уставниот Суд на РСМ ја потврди Одлуката на Советот на Општина Центар и состојбата на објектите од ДУП-от Градска четрвт И 04 – Даре Џамбаз.

Успешното спроведување и донесување на нови и ревидирани ДУП-ви кои произлегуваат од таканаречениот Мораториум на градби, Општина Центар ќе продолжи да го спроведува, се’ со цел да се донесат подобри Детални урбанистички планови за жителите на Општина Центар и зголемување на квалитетот на живот во Општина Центар.