Тајванската епизода во Собранието ги стави под мраз економските врски со Кина
Кинеската Ексим банка одби да даде нов кредит за автопатот Кичево-Охрид кој го гради „Синохидро“. Скопје неочекувано се сврте кон Тајван без некоја посебна потреба
Мирче Јовановски, Љупчо Поповски
Една недела во ноември 2025 година и неколкудневна посета во јули 2024 година на Тајван по сѐ изгледа ги нарушија односите меѓу Македонија и Кина и ги вратија сеќавањата на милијардата на Васил Тупурковски од 1999. Овој пат односите меѓу Македонија и Кина не се прекинати, но изгледа дека се замрзнати.
Неодамнешното објавување на вицепремиерот Александар Николоски и премиерот Христијан Мицкоски дека побарале кредит од кинеската Ексим банка со кој ќе биде завршена изградбата на автопатот Кичево-Охрид (кој го гради кинески „Синохидро“) и дека биле одбиени е знак дека работите меѓу Скопје и Пекинг не се добри. Затоа сега македонската влада ќе бара 182 милиони евра за да го заврши автопатот од домашните банки.
„Имавме мала потешкотија, морам да признаам, посебно во делот на обезбедување на средства за довршување на делницата Кичево-Охрид. Затоа што заемот којшто го добиваме од кинеската Ексим банка, повеќе не го добиваме, престана“, изјави Мицкоски на почетокот на април.
Македонската влада ова разидување со огромната земја и втора економска сила во светот го држи генерално под вода и да не биде под поширок радар. Но редоследот на настаните покажува дека под таа вода има вител.
Вител под водата
Како се одвиваа настаните?
Во јули 2024 година во Тајпеј отидоа двајца македонски пратеници: потпретседателот на Собранието и член на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, и Фатмир Битиќи од СДСМ. Тие беа дел од големата делегација од триесетина земји на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК) и на тој собир Тајван стана официјална членка на таа група. И двајцата пратеници патуваа по функција во Тајпеј. Милошоски и Битиќи се копретседавачи од Македонија во ИПАК. Основан во 2020 година, ИПАК има за цел да се фокусира и да ги реформира политиките на земјите кон Народна Република Кина. Според она што го пишува на официјалната веб-страница на организацијата „ИПАК ги обединува законодавците ширум светот, промовирајќи ја демократијата и справувајќи се со заканите за системите засновани на правила и за човековите права предизвикани од подемот на Кина“.
Пратениците од најмалку шест земји тогаш изјавија за Асошиетед прес дека кинеските дипломати ги притискале да не присуствуваат на конференцијата. Таква информација сподели и Милошоски. Во писмената изјава, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека ИПАК „воопшто нема кредибилитет“ и го повтори својот став дека Тајван е дел од кинеска територија.
„Јас сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека добивте покана од ИПАК, дали ќе присуствувате на конференцијата што ќе се одржи следната недела во Тајван“, гласела пораката испратена до Антонио Милошоски, пренесоа тогаш црногорски „Вијести“.
Петнаесет месеци подоцна работите од Тајпеј се префрлија во Скопје. На 20 ноември 2025 овде дојде делегација од официјалното дипломатско претставништво на Тајван во Италија и требаше да се пренесат искуствата на оваа земја околу „паметните градови“, како една од водечките земји во развој на високата технологија.
Неколку дена претходно вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ја соопшти своевидната предигра на овој настан. На панел дискусијата на Економскиот форум во Виена тој изјави дека македонската влада веднаш по нејзинот конституирање, добила понуда од Кина за заем без камата, под услов нивни компании да учествуваат во изградба на инфраструктурни проекти што би се финансирале од заемот. Според него, владата се одлучила за Европа.
„Бидејќи не сме членки на ЕУ, имавме две алтернативи: Да потпишеме со Кинезите – не е тајна дека тие дојдоа уште на првиот ден кога започнавме како влада, понудија заем без камата, ако градиме со нив. Но, ние мислевме дека од витално значење за Европа, бидејќи коридорите, особено железничките, користат мошне иновативна сигнализација што може да се искористи и за други работи, покрај железницата, решивме да потпишеме договор за стратешко партнерство со Велика Британија“, рече Николоски.

На настанот во Скопје, на кој се обрати претставникот на Тајван во Италија, Винсент Цаи, беше кажано дека со него се отвора вратата за идна соработка на Македонија со Тајпеј, дека ова е прв ваков состанок по многу години и дека ова е „само почеток“ на тоа што ќе следи. Амбасадорот Цаи дури најави посета на наша бизнис делегација во март оваа година на настан во Тајван, упатувајќи покана да се приклучат и официјални преставници од власта. Малку подоцна во обраќањето тој навести, исто така, дека Тајпеј ќе организира инвестициски форум за Македонија во 2026. Бизнис делегација од македонија во Тајван не откаптува овој март, а дали ќе се организира бизнис форум не знаеме.
Неочекуван прием во Собранието
Со неколку збора, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата ова го оцени како почеток на кршење на мразот со оваа земја, по познатата историска епизода кога Македонија (во време на владата на Љупчо Георгиевски) го призна Тајван и доби милијарда долари, за подоцна да се повлече од таквата одлука поради притисоците на Кина, а милијардата „испари“ во нечии џебови.
Но не остана само на тој форум организиран од Бизнис конфедерацијата. Тајванската делегација ден претходно официјално беше примена во Собранието од потпретседателот Антонио Милошоски, што предизвика голем гнев на Кина. Покрај Милошоски од македонска страна беа присутни и Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
Во писмо до Милошоски, амбасадата на Кина нагласи дека ваквиот потег ја поткопува политичката основа на билатерланите односи меѓу двете земји.
„Со ваквиот чин се испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван. Тајван е дел од Кина. Единствената референца за регионот Тајван во ОН е ‘Тајван, провинција на Кина’. Тајван никогаш не бил држава, ниту во минатото, ниту ќе биде во иднина“, беше наведено во реакцијата на амбасадата. Реакцијата на кинеската амбасада беше насочена исклучиво кон потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
Амбасадата потсети дека Северна Македонија има јасни обврски кон принципот „Една Кина“, потврдени во Заедничкото коминике од 1993 година и повторени во 2001 година. Во документите стои дека македонската Влада ја признава Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на Кина, а Тајван како неразделен дел од кинеската територија.
„Овој сериозен погрешен чин го нарушува принципот ’Една Кина‘, политичкиот ангажман што Северна Македонија го презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“, се наведува во реакцијата.
Амбасадата предупреди дека ваквите потези можат да имаат последици врз билатералните односи и економската соработка. „Дали напуштањето на огромен пазар и идни развојни можности е во согласност со интересите на македонскиот народ?“, прашаа од амбасадата.
Кина повтори дека прашањето за Тајван е „црвена линија“ што не смее да се премине. „Никој не треба да ја потцени решителноста на кинескиот народ да го заштити националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, стоеше во реакцијата.
Фатмир Битиќи во куса изјава за „Независен“ не ги поврза неговото патување во Тајпеј и средбата со тајванската делегација во Скопје со одлуката на кинеската Ексим банка да го прекине финансирањето.
„Мислам дека одлуката на Ексим банка е чисто комерцијална одлука и губење на фокус, неверување во физибилити изведливост на проектот. Проект којшто е еден од оние што им создава главоболки поради корупциските обвинувања“.

Ден по реакцијата на кинеската амбасада Милошоски рече дека официјалната македонска позиција е „Една Кина“, а претставниците на Тајван што ги прими ги нарече „добронамерни“. „Избраните претставници во Собранието имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација… и да разменат мислења околу меѓународни теми“.
„Независен“ му се обрати на Милошоски, да го даде своето видување дали оваа средба со тајванската делегација влијае на односите со Кина и за острото писмо на кинеската амбасада до него.
Милошоски се реши да не коментира ништо.
На 21 ноември, ден по бизнис форумот со тајванската делегација, амбасадорката на Кина Џијанг Сијаоан (штотуку дојдена во Скопје) се сретна со претседателот на Собранието, Африм Гаши. Спикерот Гаши ја убедувал амбасадорката дека Скопје го поддржува концептот „Една Кина“.
„Претседателот Гаши беше дециден дека релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот ‘Една Кина’. Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа“, стоеше во соопштението од средбата.
Николоски нема добри зборови за „Синохидро“
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, неодамна на Телма го обвини кинески „Синохидро“ дека таа компанија има најслаба динамика на работите на автопатот Кичево-Охрид. „Ако сега го видите Кичево-Охрид, единствениот дел кој што не е завршен се 20-те километри кои што се обврска на ‘Синохидро’. Од останатите 34 километри се во функција. Тие беа работени од македонски подизведувачи, од компаниите ‘Гранит’ од Скопје и ‘Илинден’ од Струга“.
Николоски ја повтори и тогаш старата теза дека проектот бил „заборавен“ со години и „природно беше ние да побараме поголема сума средства со цел да го завршиме. Ние побаравме и бевме одбиени (од Ексим банка). Средствата кои што ги побаравме тогаш беа 175 милионии евра, толку требаше да се стигне до овие 760-770 милиони евра со цел да се заврши патот“.

Тој немаше јасно објаснување зошто стигнал негативен одговор од Кина. „Бевме одбиени од причини коишто веројатно само тие ги знаат“ и дека оправдување веројатно нашле во писмото од неколку министри од претходната влада дека ќе нема потреба од натамошно финансирање. Македонија сега ќе ги обезбеди дополнителните пари од домашните банки, но како што вели Николоски, „Синохидро“ ќе продолжи да работи на автопатот, затоа што е таков договорот склучен со нашата влада. Тој договор прво го склучи Миле Јанакиески како министер за транспорт, а го продолжи сегашниот колега на Николоски во владата, тогашниот наследник на Јанакиески, Владо Мисајловски, кој сега министер за одбрана. Кај нив Николоски треба да ги бара грешките што се направени во договорот.
Претходникот на Николоски, Благој Бочварски од СДСМ, не се согласува со оценките на Николоски дека „проектот биквално беше до никаде“. Во изјава за „Независен“ тој тврди дека во 2023 реализацијата била 84 отсто, а денес, две години подоцна е 91 проценти. Според него, избраниот модел за реализација на овој проект по принципот Црвен Фидик многупати се покажа како лош и кај нас и во регионот, посебно за големите инфраструктурни проекти.
Бочварски вели дека овој автопат е „темна страница врз македонското градежништво во целина“, затоа што е започнат со избрзан проект, без геомеханички истраги на теренот, па дури и аматерски. „Во тек на градбата се направија дополнителни проектирања неколку пати (проектирање на клучки, репроектирани косини, еластични огради…). Сите овие оддолжувања на градбата државата ја чинат нови финансиски средства што веќе ја удвојуваат почетната сума од приближно 400 милиони на околу 800 милиони евра за овие 57 километри“.
Но тој не го коментира одбивањето на Ексим банка да продолжи да го финансира проектот, како досега.
„Независен“ праша и во Владата дали ваквиот потег на Кина можеби е реакција на посетите на Тајван од страна на пратеници и особено по приемот на тајванската делегација во Собранието?
Одговорот на портпаролката на Владата, Марија Митева, беше лапидарен:
„Ние побаравме дополнителни средства со цел завршување на проектот и по добиениот негативен одговор како Влада обезбедивме средства од домашно задолжување со цел реализација на проектот во предвидениот рок. Во врска со одлуката на Ексим банка, како Влада не можеме да одговориме за причините и мотивите зошто е донесена“.
Од развојот на настаните околу „Синохидро“ и Ексим банката изгледа веројатно дека Пекинг повлекува потези кои ќе ја отежнат, барем на официјално ниво, економската соработка меѓу двете земји. Дали овие екскурзии со Тајван биле направенио со некаква дипломатска и бизнис стратегија на македонските власти, не е познато. Ако за форумот организиран од Бизнис конфедерацијата кинеската амбасадата (а преку неа и официјален Пекинг) можеби донекаде ќе прогледала низ прсти, официјалниот прием на тајванскиот претставник во Италија во Собранието изгледа ја прелил чашата.