Опозицијата алармира за огромниот долг, Мицкоски смирува – нема ново задолжување од 350 милиони евра во јуни

Новиот долг достигна 11 милијарди евра и Владата ја турка државата во провалија со задолжувањето, вели пратеникот Фатмир Битиќи


Колку е Македонија задолжена, кој чии кредити враќа и до каде ќе стигнеме ако продолжи државата да се задолжува без притоа да се креира нова вредност, беа едни од темите на седницата за пратенички прашања што се одржува денеска во Собранието. Опозицијата алармира на висината на долгот и на нови задолжуања, како и на зголемување на буџетскиот дефицит, а премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека нема да има ново задолжување од 350 милиони евра во јуни, а буџетскиот дефицит не само што нема да биде поголем туку ќе биде и помал од предвидениот.

Опозициската СДСМ и денес праша зошто на седницата ја нема министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која ја сметаат најповикана да одговори за условте под кои се зема најновото задолжување од 260 милиони евра, а од пратеничката група на владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја бранеа дека се уште е на службен пат, за што до парламентот уредно било испратено известување. Како замена, тука е нејзиниот заменик, Николче Јанкуловски, посочија од власта.

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во прашањата наменети за Министерството за финансии, рече дека новиот долг достигна 11 милијарди евра и дека Владата ја турка државата во провалија со задолжувањето.

Тој постави две прашања до отсутната министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, за растечкото државно задолжување, динамиката на јавниот долг и најавите за нови кредитни аранжмани во услови кога долгот веќе се приближува до ниво од околу 11 милијарди евра.

Битиќи потенцираше дека има дополнителни најави за нови задолжувања и неплатени обврски кон стопанството и предупреди дека ваквата фискална траекторија, заедно со дефицитот кој веќе го надминува законски утврдениот праг и достигнува околу 3,5% од БДП, како и висока реализација на дефицитот уште во првите месеци од годината, укажува на сериозни ризици за одржливоста на јавните финансии и на отсуство на јасна стратегија за стабилизирање на долгот.

„Сакам да ве потсетам дека присуството на министерот за финансии пред пратениците не е прашање на добра лична волја, туку основна демократска должност. Во изминатите денови расправавме за задолжување од 260 милиони евра и за Фискална стратегија 2027–2031, документи што ја определуваат фискалната иднина на државата, а јавноста добиваше објаснувања преку ваши Фејсбук статуси, наместо преку директна институционална одговорност овде, во Собранието“, рече Битиќи.

Тој посочи дека секое задолжување е обврска преземена во име на граѓаните и е товар врз идните буџети и тест за тоа дали власта ја разбира демократијата како отчетност.

„Не кажавте овде во Собранието, но на Фејсбук напишавте дека оваа година за отплата е еврообврзница од 700 милиони евра, дека половина од оваа обврска веќе е платена, а остатокот ќе биде сервисиран во јуни 2026 година. Без притоа да откриете, или пак подготвувате нов статус на Фејсбук, за тоа дали Владата во јуни подготвува ново задолжување од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата и на кој начин планира да го обезбеди тој износ“, рече Битиќи, обраќајки се до отсутната министерка за финансии, додавајќи дека најавеното задолжување треба да се гледа во целокупниот контекст на долгот.

Тој притоа изнесе дека во декември 2023 година јавниот долг бил околу 8,5 милијарди евра, а денеска е околу 10,8 милијарди евра без новиот заем. Со заемот од 260 милиони евра, тој се приближува до 11,1 милијарди евра.

Ако на тоа се додаде можната нова должничка епизода од околу 350 милиони евра во јуни, јавниот долг би се движел кон 11,4 милијарди евра.

„Но, тука не завршува. Има информации дека Јавното претпријатие за државни патишта преговара за нови околу 300 милиони евра, паралелно се споменуваат разговори за уште една милијарда евра задолжување со „земја членка на НАТО“, а доспеаните, а неплатени обврски се движат околу 700 милиони евра кон стопанството. Дел од овие обврски можеби формално не се евидентираат како јавен долг според истата методологија, но економски тие се реален товар врз ликвидноста на компаниите, институциите и граѓаните“, рече Битиќи.

Затоа, како што додаде, пресметката што ја става пред јавноста е следна: 10,8 милијарди евра постоечки јавен долг, плус 260 милиони евра нов заем, плус можни 350 милиони евра во јуни, плус евентуални 300 милиони евра преку ЈП за државни патишта, плус една милијарда евра преку преговори со „земја членка на НАТО“, плус околу 700 милиони евра доспеани неплатени обврски кон стопанството. Тоа е потенцијален јавен и неплатен финансиски товар од околу 13,4 милијарди евра.

„Моето прашање е дали ја потврдувате или ја демантирате оваа пресметка? Кои од овие задолжувања се во подготовка?“, рече Битиќи., кој во второто прашање до министерката Димитриеска Кочоска праша дали Владата планира ребаланс на Буџетот со зголемување на дефицитот и дали ќе се пробие веќе планираниот дефицит од 39,2 милијарди денари, како и дали сценариото за дефицит до 6% е веќе разгледувано во Министерството за финансии?

За овие прашања се произнесе заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, но и премиерот Христијан Мицкоски како одговор на прашање од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ  Олга Лозановска, која практично ги повтори прашањата на Битиќи. 

Мицкоски, повикувајќи се на податоците од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), истакна дека актуелната Влада е 2,5 до 3 пати поуспешна од претходната влада. 

„Нема да има ново задолжување од 350 милиони евра во јуни“, рече Мицкоски посочувајќи дека со последното задолжување од 260 милиони евра ќе се доплати делот од еврообврзницата од 700 милиони евра и оти на тој начин ќе се намали и бруто и нето задолжувањето.

Според податоците на ММФ, како кредибилна меѓународна институција, рече Мицкоски, во периодот на претходната влада на СДСМ и ДУИ од 1 јануари 2018-та јавниот долг изнесувал 4 милијарди 787 милиони евра, а на 31.12.2023 година 8 милијарди 477 милиони евра. Нето задолжување од 3,69 милијарди.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ: на 1 јануари 2025-та – 9 милијарди јавен долг 619 милиони евра, и како што кажа вашиот колега пратеник, претпоставуваме, бидејќи тој вели дека ќе дојдеме до 11 милијарди, но нема да дојдеме. Тој вели дека ќе дојдеме, но еве јас велам нема да дојдеме, но еве како што вели тој — да биде така, 11 милијарди. Нето задолжување: 1 милијарда 381 милион евра“, наведе Мицкоски. 

Тој рече дека номиналниот бруто домашен производ на 1 јануари 2018-тата година изнесувал 11 милијарди 340 милиони евра. На 31 декември 2023-тата, номиналниот бруто домашен производ изнесувал 15 милијарди 860 милиони долари,  или вкупно за период од 6 години биле додадена вредност на номиналниот бруто домашен производ од 4,52 милијарди долари, а државата ја задолжиле за 3,69 милијарди евра, за истиот тој  период од 6 години. 

„Оваа Влада еве, ваква, таква, никаква, како што тие викаат „не ја бива“ – на 1 јануари 2025-тата година, номинален бруто домашен производ од 16 милијарди 950 милиони евра, на 31 декември, претпоставка според Меѓународен монетарен фонд, а и според буџетот како е креиран, 21 милијарда и 610 милиони евра. Додадена вредност од 4 милијарди 660 милиони евра. Разликата меѓу нивните 6 години и овие 2 години е 140 милиони во корист на оваа Влада. Притоа, се задолжила за 1 милијарда 381 милион евра. Што излегува? Додадената вредност за период од 2 години е поголема од таа за 6 години, а долгот е речиси два и пол до три пати помал“, рече Мицкоски. 

Сето ова, посочи премиерот, е во услови кога имаме епска енергетска криза.

„Да, годинава треба да вратиме близу три милијарди евра, да презапишеме 900 милиони евра стари долгови, 700 милиони евра еврообврзница, буџетски дефицит 650 до 700 милиони евра и околу 320-330 милиони евра се камати кои во 2017 година беа трипати помали и односно беа 110 милиони евра“, рече Мицкоски.

Коментирајќи ги тврдењата за зголемување на буџетскиот дефицит, оцени дека „со ова историско високо ниво на капитални инвестиции“, буџетскиот дефицит ќе биде помал од тој што бил претходно. 

Тој порача дека „Владата ќе го реши и заврши проектот кој бил најголем генератор на дефицитот“ – изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д  што го реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.  

Заклучно со денеска, информира Мицкоски,  вкупниот дефицит на приходите коишто ги собира државата, а каде што не се содржани сопствените приходи на институциите, е околу 28-29 милијарди денари, односно околу 168 милијарди, заклучно со вчера се потрошени, а собрани се 138 милијарди. 

„Најголемиот драјвер, најголемиот генератор е проектот за којшто честопати мене ме повикуваат дека сум кажал, кога сум бил опозиција, дека е криминален, дека е манипулативен и така натаму, а тоа е проектот којшто се однесува на коридорите 8 и 10д, односно познат во јавноста како „Бехтел и Енка“. Не знам зошто мислат дека јас сум го променил тоа мислење. Истото ќе ви го кажам. Да, криминален е. Да, манипулативен е. Нетранспарентна процедура, злоупотреба на европско знаме, да. Така е проектот. Не сум го сменил. Но што треба да правиме, да ги оставиме тие 350 милиони евра што ги дадоа како аванс, на граѓаните пари, и да го напуштиме проектот како што кој било друг таков проект напуштија? Напротив, нашата задача како Влада е да се грижиме за парите на граѓаните и што е можно побргу да ги завршиме проектите за да можеме да ги враќаме долговите коишто тие ги оставиле. И најголемиот генератор на буџетскиот дефицит е токму тој проект, рече Мицкоски. 

Тој проект, појасни, повеќе не е во Министерството за транспорт, туку е во Јавното претпријатие за државни патишта.

„И да, ќе генерира јавен долг, но поради вештите преговарачки способности на Владата, цениме дека нема да биде со тој интензитет генерирањето на јавниот долг, каков што ќе биде интензитетот на креирање на додадена вредност на македонската економија. И нема повеќе да има товар буџетскиот дефицит, како резултат на овој проект, а проектот на терен ќе се работи, посочи премиерот, кој се осврна и на реалните пробелми со кои се соочила новата Влада кога го презела овој проект и наведе дека на терен веќе има активности и прогрес во изградбата, рече премиерот.  

Мицкоски, меѓу останатото потенцираше и дека во услови на, како што рече, епска енергетска криза  Владата го намали  ДДВ-то и акцизата на горивата, како и дека според наплатата на даноците има зголемување на платата и оти се намалува бројот на вработените. 

Јанкуловски, пак, во одговор на пратеничко праашње рече дека управувањето со јавниот долг, особено кога нивото е блиску до психолошката граница од 60 отсто од БДП, бара особена внимателност. Токму затоа оваа Влада е целосно посветена на зачувување на стабилноста на јавните финансии, паралелно со обезбедување средства за развој на државата, истакна заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски во одговор на пратеничкото прашање на Фатмир Битиќи од СДСМ, кој праша во каква состојба е буџетот на државата и дали ќе биде ликвиден.

Јанкуловски истакна дека како Влада имаат внимателен пристап во управувањето со јавниот долг, а економските показатели ја демантираат тезата која која ја пласира опозицијата.