Студентите сместени во „Стив“ конечно ќе може да се перат – нема веќе праќање алишта дома


По години реновирања и реконструкции, студентски дом „Стив Наумов во скопска Автокоманда, ќе смести 1.150 студенти во современи услови, чисти наменски простори, светла менза, пристојна читална, со функционални бањи и тоалети што ќе можат да ги корситат неколку студенти одеднаш.

– Она што студентите треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира и понатаму да напредуваат  рече премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на пуштањето во употреба на домот.

Според фотографиите кои ги направи нашиот фотограф Борис Грданоски, може да се види дека има посебна просторија со десетина машини за перење, па конечно ќе престане праксата студентите од другите градови, да трчаат до автобуска за да ги пратат алиштата на перење дома. 

Мензата е реновирана и изгледа светло и чисто, за разлика од порано кога беше мрачна и смрдлива, исто како и бифето. Сега, и порциите храна за студентите изгледаат како од пристоен ресторан, ако продолжат да ги служат истите што денеска ги послужија  за високите гости. Можеби нема повеќе студентите да мора да трчаат во 17 часот, при отворање на мензата за ручек, за да начекаат помфрит и стек, затоа што подоцна нема. 

Читалната, со својата чудесна закривена форма, доби нови маси за читање, одлично осветлување и чисти ѕидови. 

Тоалетите и бањите се како хотелски, со функционални врати и оддели, па нема да мора еден студент да ја заглавува првата влезна врата, а другите да го чекаат да излезе по два часа. Имено, има пет тоалети и четири кабини за туширање. Ова се однесува на популарно наречената „женска зграда“ или зграда бр. 3. Додека во двете други (машки) згради секоја соба има сопствен тоалет.

Во зградите има и заедничка мала кујна, со фрижидер, микробранова печка и решо. 

Собите за сместување ги иаат сите потребни елементи, нови кревети и душеци, со шкаф и биро за работа, во нови природно дрвени бои.  

– Еве денеска сме тука да присуствуваме на ова навистина прекрасно здание, студентскиот дом „Стив Наумов“. 1150 студенти овде ќе ја градат својата студентска иднина. Практично, условите кои што денеска ги имаат се навистина, како што кажаа некои од претходните говорници, најдобри во регионот, можеби и пошироко. Навистина имаме европски услови, тоа кое што тие треба да го прават само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, рече Мицкоски.

Јаневска информираше дека многу скоро ќе се отвори уште еден целосно реконструиран студентски дом – „Кузман Јосифовски – Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди уште 280 места за студентите.

За овие два дома, се вложени 20 милиони евра, а финансиската конструкција е креирана од страна на Владата, на Германската развојна банка и Европската унија.

Оваа инвестиција е дел од поширока програма која предвидува реконструкција на 9 државни студентски домови, 6 училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом. Вкупната инвестиција ќе чини 86 милиони евра, од кои 60 се заем од Германската развојна банка под исклучително поволни услови, 22 милиони се неповратни грантови од ЕУ и околу 4 милиони евра се од буџетот на МОН.

„Вложуваме онаму каде е нотирано дека е најпотребно – во инклузијата на образовниот систем и во студентскиот стандард“, додаде министерката за образование и наука.

Правилата за сместување во новореновираните домови (наскоро и СД „Кузман Јосифовски – Питу“ во Центар) ќе биде готов, но со значително помал капацитет од нешто повеќе од 200 студенти, беа објавени претходно.

Ограничена е  возраста на студентите до кога можат да бидат сместени во студентски домови, па така максимална старосна граница на студент кој аплицира за сместување во дом ќе биде 30 години.

Забрана од 1 до 5 години за сместување во студентски домови се предвидува за студенти кои ќе сторат потешка повреда на куќниот ред, ќе направат штета на инвентарот, ќе бидат фатени со алкохол или други супстанци, или доколку се констатира навредливо, заканувачко, агресивно или насилничко однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување со кое се загрозува безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на студентите и вработените во домот или се нарушува непреченото функционирање на домот.

Во СД „Стив Наумов“ има три згради и осум функционални бараки. Повеќето соби се трокреветни, но има малку двокреветни и апсолвентски, еднокреветни соби.

Цената за сместување студенти со изхрана чини 6.600 денари месечно. (Б.Б.)