Без соодветни реформи растот на БДП ќе забави на 2,4 отсто до 2050 година, со нив ќе се придвижи на 3,8 отсто, порача Светска Банка


Целен пакет реформи, фокусиран на зајакнување на управувањето, отклучување на потенцијалот на приватниот сектор и градење вештини кај работниците – особено кај младите – би можел да ѝ помогне на Северна Македонија да го забрза економскиот раст, да создаде илјадници нови работни места и да го подигне животниот стандард на граѓаните, се наведува во новата анализа на Групацијата на Светска банка.

Извештајот за раст и работни места во Северна Македонија покажува дека, доколку не се преземат соодветни мерки, растот на земјата ќе забави на просечни 2,4 проценти годишно до 2050 година, што е значително под темпото потребно за намалување на јазот во приходите во однос на Европската Унија. Сеопфатен пакет реформи би можел да го зголеми тој раст на 3,8 проценти до 2050 година, создавајќи дополнителни 53.000 работни места за лицата кои моментално се надвор од пазарот на трудот и подобрувајќи ги платите и условите за работа за 196.000 луѓе кои дотогаш веќе ќе бидат вработени.

„Економскиот пат на Северна Македонија од независноста досега претставува успешна приказна. Прашањето сега е како да се надгради таа основа“, вели Карол Мегеванд, директорка на Групацијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија. „Земјата располага со вистински предности: талентирано младо население, стратешка локација и сè поголема интеграција со европските пазари. Овој извештај нуди практични решенија за нивно максимално искористување и, преку соодветни реформи, за забрзување на растот, намалување на јазот во приходите со ЕУ и обезбедување реални можности за граѓаните.“

Извештајот идентификува три приоритетни области за реформи. Првата, која има и најголемо предвидено влијание, е зајакнување на економското управување и конкуренцијата преку подобрување на ефикасноста на јавните расходи, обезбедување еднакви услови за дејствување на бизнисите, подобро управување со државните претпријатија, како и унапредување на трговската политика и логистичката инфраструктура.

Вториот приоритет е забрзување на усвојувањето технологии, иновациите и енергетската ефикасност, со цел да им се помогне на компаниите да станат попродуктивни и поконкурентни, истовремено поддржувајќи ја зелената транзиција на земјата. Третиот приоритет е развивање вештини и мобилизирање на работниците преку поголемо учество на жените во работната сила, подобри транзиции од училиште кон работа за младите луѓе, проширено доживотно учење и намалени бариери на пазарот на трудот.

Извештајот ги истакнува ИКТ и професионалните услуги како особено силен двигател на квалитетно вработување во Северна Македонија, при што приходите од ИТ генерираат речиси двојно повеќе работни места од еквивалентните приходи во другите индустрии. Програмирањето и дигиталните услуги нудат можност за поместување на економијата нагоре во вредносниот синџир, но нејзиното искористување ќе зависи од опремувањето на работниците со соодветни вештини за брзо менувачкиот свет управуван од вештачката интелигенција. Извештајот, исто така, ја идентификува економијата на грижа како недоволно искористен извор на формално вработување, особено за жените.