Вајц меѓу реформата и естрадата: Од 71 реформски чекор Македонија остварила само шест, а се продава како „лидер“ во регионот

Најскандалозен неуспех по сѐ изгледа ќе биде Изборниот законик, кој треба да биде сменет според барањата на ОДИХР, а работата околу него сериозно не е ниту почната


Интервјутот на Томас Вајц што предизвика голема бура во Македонија

 

Се прават ли или не реформи во Македонија, ја одразува ли реалноста интервјуто на Томас Вајц иако е дадено во март, а објавено пред три дена, има ли задна намера зад потегот на Еуроњуз Бугарија или пак станува збор за новинарски превид – се дилеми кои се отворија откако  македонските медиуми ги пренесоа оценките на известувачот дека нема ни напредок, ни реформи, ни политичка волја да се прави тоа во државата и дека ќе му биде многу жал ако ја пропуштиме шансата.

Најпрво, странува збор за медиум под капата на Еуроњуз во Белгија, но со седиште и редакција во Бугарија. Според последните пишувања на „Еурактив“, зад Еуроњуз стојат компании блиски до Виктор Орбан, меѓу кои и телеком операторот кој стана четврт мобилен оператор во Македонија. Практично, интервјуто било правено во време кога пријателот на оваа власт во Македонија, Орбан, беше на власт во Унгарија, а објавено – откако доживеа катастрофален пораз и сите се оградуваат од неговата политика сега. Така, колку што е дилема зошто е сега објавено, толку е дилема и зошто не било објавено тогаш, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ се уште беше под заштита на Будимпешта? 

Од друга страна, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера порача дека спроведувањето на реформите на една влада не е прашање на субјективна перцепција, туку на мерливи резултати. Според него, ако државата не спровела никакви реформи, тогаш немало да добие 75 милиони евра од Планот за раст поврзан со Реформската агенда. 

„Ако не сме спроведувале реформи, немало да сме ги добиеле тие средства. Има три држави во регонот – Србија, БиХ и Косово, коишто ништо немаат добиено од Планот за раст, бидејќи не спроведувале реформи. Очекувам за последниот извештаен период, кој ќе се објави деновиве или во период од една недела, да имаме многу висока оценка во спроведени реформи и да добиеме во една транша околу 70 милиони евра. Тоа е наше очекување, ќе видиме колку ќе се материјализира. И да бидеме земја од Западниот Балкан којашто најмногу добила во тој момент преку една транша, бидејќи посветено работиме на реформите“, рече Муцунски. 

Точно е дека резултатите се мерливи и за таа цел ЕУ има разработено специјална алатка за мониторинг. На неа, пак, пишува дека до јуни оваа година требало да оствариме 71 реформски чекори, а од нив 15 го трошат и грејс периодот од една година, што значи влегуваат во „црвено“ со рокот.

Според министерот за евроинтеграција, Беким Сали, критични се десет точки, при што шест од нив се при крај со реализацијата, но има уште два месеци пред да истече рокот и да се финализираат. И, ова би било дури и добро ако не се знае што е тоа што не се остварува и ако не се знае дека тоа што се остварува според кашите критериуми – не значи дека е завршена работа и според перцепцијата на Брисел.

Па, така, еден поглед на реформската агенда покажува дека од сите обврски (18 чекори во жаргонот на Брисел) преземени во областа на фундаменталните права, владеењето на правото и правосудството формално сѐ уште не е е остварена ниту една и дека евалуацијата што треба да ја добиеме по јуни, треба да ги вклучи реформите што ги работиме сега. За некои од нив уште сега се знае дека формално се остварени а суштински не, како барањето на ЕК да се зголемат платите на судиите и обвинителите, кои се зголемија, не не така како што предвидуваат законите, туку според личната проценка на премиерот Христијан Мицкоски.

Најскандалозен неуспех по сѐ изгледа ќе биде Изборниот законик, кој треба да биде сменет според барањата на ОДИХР, а работата околу него сериозно не е ниту почната и, судејќи по искуствата досега – само ќе се одолговлекува, бидејќи има силен отпор во големите партии да се сменат правилата кои им даваат привилигиран статус. 

Сумирано кажано, до јуни истекува рокот за законското решение за зголемување на платите на судиите и на обвинителите така како што е регулирано со законите, да се обезбеди соодветен број и профил на кадри во Агенцијата за конфискацијата на имот (во земја со висока корупција никој не го сака и тоа!), да се донесе новиот Изборен закон, да се донесе нов закон за Судскиот совет (единствено остварено), како и да се пополнат испразнетите места за судии и јавни обвинители – нешто што требаше да се оствари до декември 2024 година, а сѐ уште нема надеж дека ќе се случи. Владата не успева две години ни да донесе регистар на сите јавни претпријатија и да направи ревизија на буџетските класификации со кои ќе ги намали за 40 отсто тие што се јавуваат како примарни корисници. 

Посебна тема е носењето на новиот Кривичен законик за кој рокот беше „итно“, иако формално беше наведено дека треба да биде готов до декември минатата година, така што и за него тече грејс период до декември оваа година. Овој закон, како и изборниот, нема само реформска туку и политичка симболика, бидејќи ја оцртува политичката волја на власта во Македонија навистина да се справи со корупцијата, односно покажува дали се глумат реформи или навистина нешто се менува.

Кратко кажано, држава што сама си ја предложила реформската агенда а сѐ уште исполнува тоа што требаше да исполни пред две години и која од 163 реформски чекори има остварено само шест, при што некои неостварени обврски имаат драматична тежина, смешно е да тврди дека ќе биде лидер во регионот по остварување на Реформската агенда, само затоа што другите оствариле помалку.

Темпото, пак, со кое се прават реформите е и срам за државата, бидејќи ги покажува нејзините капацитети да ги оствари приоритетите (да не се споменуваат неприоритетните реформи) , нешто што ќе кулминира идната година кога ќе влезат во „црвено“ шеесетина реформи, од кои и такви за кои нема политичка волја да се остварат.     

Тоа е причината што изјавите на Вајц место сериозно да де анализираат се третираат како „естрада“, т.е. фрчат меѓупартиски навреди и соопштенија место да се излезе и да се каже – што е тоа што го кочи новиот Изботрен законик, што е причината што сѐ уште не е готов новиот Кривичен закон, зошто сѐ уште не е готова стратегијата за борба против корупцијата во судството, зошто упорно се десеткуваат финансиите и капацитетите  на судството и на обвинителството, зошто се множат измислените и нефункционални партиски позиции а нема доволно инспектори, ревизори, регулатори и слично… Место тоа од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека Филипче добил „шлаканица од Вајц“, а СДСМ отвори дилема – дали власта со вакви игри отвора врата за внесување на Бугарите во Уставот?