Владата работи на десет критични точки кои се обемни, а една од нив е реформата на Изборниот законик, истакна денеска министерот за европски прашања, Беким Сали.
„Едно од специфичните точки е Изборниот законик, кој што бара поголем, поширок консензус. Не можеме тоа да го направиме преку ден само за да го исполниме тој чекор. Затоа што износите кои што ги споменуваме се осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или пак исполнувањето на чекор има за цел функционирање на системот. Сметам дека како политичари треба да мислиме на идните процеси. Секако и финансискиот дел е една инфузија за нашиот финансиски систем. Меѓутоа ние како политичари треба да сносиме одговорност за иднината на државата и тука изборите ни се многу битен фактор“, изјави Сали.
Тој додаде дека Извештајот од Европската комисија не е пристигнат, но како што рече, би требало во текот на оваа недела да го добие нашата влада. Посочи дека македонската јавност знае дека тој извештај е позитивен и од 16 до 21 точка се прифатени.
„Тоа е одличен знак за нас. Предупредувањето на комесарката Марта Кос и на европатеникот Томас Вајц се однесуваат на најави за идниот период, односно за овој период до јуни , за кој имаме два месеца и сметам дека критични се околу 10 точки. Значи тоа се критични точки кои што се во грејс период. Не се зборува за останатите што се тековни точки, чекори, кои што треба да ги реализираме. Работиме на сите сфери, значи на грејс периодот и на редовниот период, кој што треба да го исполниме. Сметам дека нивната најава, предупредување е превентивен знак за нашата држава, треба да работиме понапорно“, рече Сали.
Тој додаде дека за шест точки од 10-те критични веќе се при крај, завршени и се очекува до крајот на април да се реализираат, со цел нашата Влада да има два месеци период на адаптација и за можни измени.
„Мораме да признаеме дека се многу специфични и не случајно се останати така. Очекуваме од тие чекори поголем дел да ги реализираме, некои се веќе завршени и останатиот дел од редовните 27 чекори, кои што се таргет точки, очекувам поголем дел да бидат исполнети од нашите институции“, подвлече Сали.
Евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба нашата земја да ги исполни до јуни, кои, како што рече „се во рамките на грејс периодот“, т.е. периодот по кој ако не се исполнат сретствата ќе пропаднат.
„Ова е системот по кој што функционира Реформската агенда, и доколку периодот помине, а тие не се исполнат, тогаш парите се губат. Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги исполнат нив. На тоа се однесуваше предупредувањето, и такво предупредување не беше испратено само кон Северна Македонија туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат нивните реформски агенди. Значи, во тек е напорна работа, не можам да давам предвидувања, ќе треба да почекаме до крајот на јуни за да го видиме исходот“, изјави Рокас.
Евроамбасадорот Рокас додаде дека исто така, во тек е подготовката на извештајниот период за чекорите што треба да се исполнат до јуни 2026 година.
„Јас и мојот тим тесно соработуваме со сите министерства и гледаме дека постои моментум. Но, не можам да предвидам каков ќе биде исходот на крајот од јуни, односно ќе треба да почекаме“ дотогаш, вели Рокас.