(Галерија+видео) Работниците на протест зад паролата „За плата се бориме – не се молиме“
Се бара зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот
Зад паролата „За плата се бориме – не се молиме“, денеска во 11 часот, на 1 Мај, Денот на трудот, застанаа илјадници работници, кои маршираат од Синдикалниот дом до Владата.
Во фокус на нивните барања е зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повика на масовна излезност, истакнувајќи дека работниците треба јасно да го изразат незадоволството од ниските примања, слабата заштита на работничките права и односот на институциите и работодавачите.
„Да ви се заблагодарам за вашето присуство за тоа што ќе го одбележиме 1 Мај најдостоинствено досега во историјата на Македонија. Затоа што сакавте да бидете тука, во име на сите работници. Денеска, кога ќе се движиме до Владата, ќе бидеме нашите граѓани на нивните балкони, на нивните прозори, кои ќе гледаат одозгора. Ќе седат во нивните удобни фотелји и ќе чекаат ние, ние и некој како нас да се избориме за нивната плата.
Да им се извинам на полициските службеници кои мораат денеска да бидат тука со нас. Да ви се извинам и вам, во име на Сојузот на синдикатите на Македонија затоа што треба да се бориме уште пожестоко, уште повеќе затоа што платите се ниски.
Денеска, за жал, 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, денеска, за жал, само неколку илјади луѓе сме тука на протест за 1 Мај. Веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа“, рече Трендафилов на почетокот на маршот.
Маршот продолжи накај Владата, каде Трендафилов рече дека работниците денес не се заштитени на своите работни места.
„За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“ , кажа Трендафилов.
Протестот што започна пред Работничкиот дом на ССМ, а потоа продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени синдикалните барања.

На протестот нема да учествува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои во пресрет на празникот вчера организираа конференција на тема „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.