Омраза, насилство и извинување


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Овие одбрани и ова поддржување на насилството – иронично, при влез во парламентот – длабоко ме вознемирија. Ме вознемирија како што ме вознемирува секое силеџиство. Замислете си како јавноста околу ваквите појави аплаудира на насилството. Го поддржува. Вели дека е шега. Дека ние што сме вознемирени, не сме разбрале добро

 

Едно утро пред неколку дена другарка ми ми раскажа дека се разбудила од ужасен кошмар: сонувала дека доаѓа на власт нова влада и стрелаат луѓе што не се конформираат. И двете не нѐ изненади овој сон. Долго време актуелна беше заканата или, пак, според некои, „шегата“ на Апасиев кога се дозна дека влегува во парламентот оти „сите ќе нѐ стрелал“. Очигледно е дека ваквото сликовито насилство се протнува во нашата потсвест и остава последици. За ваквиот насилен и скандалозен говор на еден иден пратеник кој претендира да има хуманистички вредности јавноста разговараше, осудуваше, но што е најстрашно, ликуваше и го бранеше.

Токму овие одбрани и ова поддржување на насилството – иронично, при влез во парламентот – длабоко ме вознемирија. Ме вознемирија како што ме вознемирува секое силеџиство: шеретската насмевка на насилникот што по улица ќе те плесне по задник, „шо е бе, шо е“ на крапинецот што непрописно се паркира, „ај глеј си работа“ на простакот што ќе ти го земе редот, „шо ме гледаш“ на никогаш казнуваното момче со синџири околу тоа врат што му останал. Со уште еден додаток: замислете си како јавноста околу ваквите појави аплаудира на насилството. Го поддржува. Вели дека е шега. Дека ние што сме вознемирени, не сме разбрале добро. Било шега, метафора, не сме биле доволно образовани за да сфатиме што, всушност, авторот сакал да каже.

Ме вознемири друг тип говор на омраза пред некое време, за што реагирав, и поради што подолго време трпев лични притисоци. Тоа беше твитот на Катица Ќулавкова во текот на еден нервозен викенд кога беше објавено дека во Чаир има најмногу случаи на корона вирус и дека таму не се почитува полицискиот час, при што се појавија тенденциозни прилози по телевизии и портали кои ја истакнуваа етничката димензија на ширењето на вирусот. Овие новини индиректно укажуваа дека Албанците се виновни што се шири вирусот. Во ваква жешка атмосфера на етничка омраза осамна и твитот на Ќулавкова, „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, кој беше поддржан од многумина и осуден од малкумина. За жал, тој твит доби поддршка и најмалку осуда од македонските писатели (со исклучок на неколку што се бројат на прсти) кои би требало да имаат најпрогресивни и хуманистички вредности, но сепак во себе го негуваат национализмот и го прикриваат со нежни логореични релативизаторски изливи. Се разбира, професорката по книжевност и писателка, за која различните интерпретации треба да се „добро утро“, и овде нѐ обвини нас дека ние не сме ја разбрале, по што исчезна од социјалните мрежи.

Меѓу многуте примери на јавни личности што неодговорно (тенденциозно или не) поттикнуваат насилство преку својот говор и своето општествено влијание е и Бранко Тричковски. Иницијативата #СоНеаСум застана во одбрана на Рашела Мизрахи, која недостоинствено и врз родова основа беше вербално напаѓана од овој новинар. Задоволна сум што многу луѓе ги тргнаа политичките разлики и несогласувања на страна и се согласија дека едноставно ваков говор, кој доаѓа од позиција на привилегија и неказнивост, е неприфатлив. Нападен е, недостоинствен и крајно деструктивен, и треба да се од-нормализира. Но се разбудија и стандардните релативизатори, кадебевтекогашите кои се чини водат тефтер со есап за тоа кои јавни личности за што реагирале, а и кои невладини институции за што поднеле кривични пријави. Патем, самите тие тефтероесапџии не се познати по ниедна иницијатива за поддршка на човековите права и често виреат во своите дупчиња додека не се појави прилика некого јавно да мразуцкаат.

Но ете, можеби насилниот говор на нашето општество, посебно нервозен и напнат во време на пандемијата, ве понел. Можеби како јавна личност сте кажале нешто што излегло од рамките на вашата првична намера, на вашата лична интерпретација. Но и за ова има одговорна и човечка постапка што разоружува и покажува зрелост. А тоа е извинување. А во сите горенаведени примери се извини – никој. Ќулавкова се избриша од социјалните мрежи, откако твитна дека ние не сме ја разбрале зашто сами сме биле полни со предрасуди, правејќи нѐ будали. Апасиев доби поддршка од неговите поданици и се чини уште повеќе уживаше во скандалот што го создаде – што ми е посебно жал, зашто можеше да игра достоинствено и да даде пример за тоа како мала партија им држи лекција на поголемите партии што сами го перпетуирале тој дискурс на омраза и насилство. Бранко Тричковски се огласи, во едно издвоено патетично обраќање кон Уранија Пировска, која беше дел од прилично масовната акцијата #СоНеаСме. Во ова лично обраќање, тој ја изложи неа на напади и дисквалификации, а и го потцени движењето – како десетиците жени и мажи што го поддржаа #СоНеаСум да се всушност безумни поданици на една личност. Притоа, тој тврдеше дека сам е жртва, дека е неразбран генијалец, и праша кадебилакога и зоштонереагиралакога. А да, и дека ги поддржувал жените во борбата против мизогинијата, како што впрочем добро памтиме од неговите исмевања на движењето #СегаКажувам, што укажува дека тој е  тој што всушност ништо не разбира. Само пред една недела светот се разбранува пред историското обраќање на Александрија Окасио-Кортез токму за ваков тип на говор на омраза, но еве, тоа го одминало Бранко Тричковски во неговиот мачо свет на патронизирачкиот подучувач. Толку го одмина, што тој продолжи да навредува со низа недолични изливи.

Говорот на омраза раѓа насилство. Во овие простори тој е посебно опасен, не треба да ви кажувам зошто. Траумите од последните војни и вооружени конфликти на овие простори сѐ уште се свежи. Само во текот на минатата година имаме пораст во случаите на меѓуетничко насилство и тоа меѓу малолетници. Насилството кон жените во патријархалните општества како нашето сѐ повеќе излегува на виделина, се регистрира и не се премолчува. И затоа е многу едноставно: за да покажеме зрелост, капацитет за дискусија и за демократско решавање на проблеми и несогласувања, единствениот пат е со нетолеранција кон силеџиството и воспоставување на достоинствен дијалог. И се разбира, нешто што би ја покажала зрелоста која е ѝ е очајно потребна на просечната влијателна македонска јавна личност, а тоа е извинувањето.

(Румена Бужаровска е писателка)