Оговаранции, гласини, лажни вести


ИЉО ТРАЈКОВСКИ

Лето е нели, па си реков ај една полефтерна тема. Да не му го расипувам расположението на читателот кој, со мобилниот во рака, лежерно брсти повеќе интернет страници одеднаш. А летото и со него годишно-одморските доживувања, баш е време за оговаранции. Озборувањето велат е едно од поголемите просточовечки задоволства. Еден мој, покоен пријател, знаеше луцидно да каже, „Мала оговаранција, големо задоволство!“
Ама сепак, темата и не е толку бенигна. Штом со неа се зафатила македонската влада мора да станува збор за сериозно политичко прашање. А токму таа димензија сакав да ја избегнам во овие летни денови. Но, нема бегање. Сега и овде сé е политика, па дури и озборувањето и гласините. Всушност, нашата политика и јавност во голема мерка се темели токму на тие две, ќе ги наречам, социјални вештини – озборувањето и ширењето гласини. Продорот на информациската технологија, особено експлозијата на социјалните мрежи, ги менува и техниките на комуникација. Во овие нови услови, озборувањето и гласините добиваат не само нови форми туку и нови моќи. Тие денес официјално се третираат како ширење лажни вести, полувистини и дезинформации. Против нив се кренати сите влади на светот.
Лажните вести и дезинформациите за актуелните влади се покажуваат како сениште. Против него, како што пишуваше Карл Маркс во времето на ширењето на сеништето на комунизот, се обединуваат „Сите сили на … Европа во света хајка…: римскиот папа, рускиот цар, Метерних и Гизо, француските радикали и германските полицајци.“ И македонските властодршци, пред некој ден, официјално се приклучија во оваа хајка. Владата, лично преку премиерот го објави својот Предлог план за одлучна акција против ширење дезинформации и против напади врз демократијата. Самиот наслов дејствува како многу силен комуникациски вектор. Тој повикува на одлучна акција, како да е прашање на нечиј опстанок и на одбрана од напади врз демократијата.
Владините функционери одговорни за оваа тема оцениле дека дезинформациите го загрозуваат опстанокот на владата, а со тоа и демократијата. Слични аргументи користат и други бранители на властите ширум светот и тоа е сосема логично, за тоа се платени. И во политиката како и во физиката законот за инерцијата си го прави своето – секое тело настојува да ја одржи својата почетна позиција. Но, дали одбраната на власта на конкретна влада е автоматски и одбрана на демократијата? Токму оваа влада дојде на власт врз брановите на движењето за рушење на претходната влада која ја заробуваше државата и ја урнисуваше демократијата. Значи, не е антидемократско секое рушење на влада. И обратно, не е секој предлог план за одлучна акција за одбрана на некоја конкретна влада автоматски и план за одбрана на демократијата во таа земја. Напротив. План кој опстанокот на една конкретна влада го прикажува како прашање на опстанок на демократијата во дадена земја може да се претвори во план за ново заробеништво на државата. За да не дојде до тоа, Планот, односно неговите планери мора да се потрудат подобро да ја разберат дијалектиката меѓу политиката на дезинформации и лажни вести и борбата против таа политика, од една страна, и социологијата и психологијата на озборувањето и на гласините, од друга страна.
Неспорно е дека денес политичарите (од власта или опозицијата) и нивните следбеници (помали или поголеми фанатисти) секаде во светот, па и кај нас користат дезинформации, полувистини и лажни вести. Макијавелизмот е позната технологија која одамна наоѓа своја примена во борбата за власт. Ширењето дезинформации, полувистини па и лаги е само едно од средствата на богатиот макијавелистички арсенал. Сепак, денес во услови на пад на довербата кон јавните институции и особено кон политичарите, оваа појава добива акутни димензии. И токму поради тоа властодршците се заплашени. Тие многу добро ја знаат моќта на јавното мнение, но и неговата податливост за манипулација. Токму поради тоа во сите земји и на многу меѓудржавни нивоа се преземаат активности за борба против дезинформациите и лажните вести. Соодветни платформи и тела се поставени на ниво на Советот на Европа, во рамките на Европската Унија и пошироко. Таквите напори на властите се легитимни. Но, за да бидат во функција на унапредување на демократијата, а не за одржување на власта тие треба да бидат усогласени со темелните претпоставки на демократијата.
А демократијата е владеење со учество на народот (демосот). Тоа може да значи многу работи, но овде вниманието го насочувам на две културни претпоставки. Прво, тоа значи донесување на политиките (сите, па и на таа за одлучна борба против дезинформациите) по пат на демократска делиберација, демократско промислување, а не нивно инаугурирање одозгора. За жал, делиберативната демократија во оваа земја сеуште не нашла свој промотор. Второ, народното промислување претпоставува разговор, аргументација, дијалог помеѓу граѓани со различни комуникациски вештини и навики. Демократијата е жива таму каде што народот не е замолчен туку зборува, разговара. Народот разговара за политички проекти, политички настани или за политичари. Што од тоа ќе стане тема на разговор зависи од состојбите во кои се наоѓа општеството и нивото на политичката култура и свеста на граѓанството. Не џабе се вели дека освестените и големи умови разговараат за идеи, просечните за настани, а ситните души за конкретни лица.
Кога народот зборува тој и озборува. Демократијата откако знаеме за неа е подложна на манипулации. Во демократија на власт се доаѓа со ‘гласот’ на народот. А народот својот глас го искажува на гласачките кутии и врз основа на гласовите, гласиштата, гласините, озборувањата, информациите и дезинформациите, вистините и полувистините кои во јавноста циркулираат непрекинато. Кој може да го сопре народот да зборува и озборува да слуша и шири гласини, дезинформации, полувистини па и лаги – шарени лаги во кои никој умен не верува, но ги слуша и шири!? Ниту во најнегативната утопија опишана, на пример, во Ние од Јевгениј Замјанитин, незадоволните наоѓаат начин да го искажат своето несогласување. Макар и со мрморење. Таа мрморечка и неразговетна политика е подривачка.
Народското зборување е и озборување, трачарење. Колку само солени и слатки муабети почнуваат со повикот, … ај кажи некој трач те молам.. Колку време пред избивањето на аферата Рекет, на пример, беа третирани како трач муабетите дека овој или оној бизнисмен бил рекетиран, дека рекетарството и корупцијата од страна на претставници на сегашната власт се во ист обем и се извршуваат со посредство на исти луѓе како и претходно.
Во таа смисла, озборувањата, гласините, полувистините па и лажните вести наместо да се санкционираат треба да се превенираат. Тоа не се прави со програма за одлучна па ни најодлучна борба против дезинформациите туку со програма за борба против криминалот и корупцијата како главни извори на оговаранциите.
Озоборувањето и сличните на него појави не е само по себе негативна. Тоа е составен елемент на човековото битисување и важна социјална вештина. Го имало, го има и ќе го има. Но, во некои општествени околности тоа станува главна институција. Ова е особено случај со помалите општества кои се наоѓаат на прагот меѓу традиционализмот и модернизмот. Во нив оние кои не ја развиле оваа вештина не се ‘добро’ друштво и, најчесто како такви се предмет на озборување. Македонското општество е токму такво. Во него озборувањата за луѓето лично се многу поважен критериум за селекција отколку јавното искажување за нивните дела и политики. Затоа, покрај програмите за борба против дезинформациите понеопходна ни е поддршка за долгорочна просветителска работа за медиумско описменување на граѓанството како составен елемент на програмите за граѓанско образование.