„Одисеја“ за паметење со Филхармонија во Градски парк (фото)


Филхармоничарите завчеравечер направија „одисеја“  за присутните во Градскиот парк во Скопје на традиционалниот концерт на отворено. Прекрасните звуци од познати филмски теми го исполнија паркот, а посетителите за возврат ги наградуваа музичарите со громогласен аплауз.

Годинава концертот на отворено беше насловен „Одисеја 2024“, според  култниот филм на славниот режиссер Стенли Кјубрик „Вселенска одисеја: 2001“.

На програмата беа дел од значајните музички парчиња на славниот режисер, а изведбата беше надополнета со видеопроекции, односно од сцени од филмските ремек-дела, правејќи го овој спој на класичната музика и филм уште повпечатлив. 

Филхармонијата звучеше моќно под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, а публиката уживаше во музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“. Како гостин вокал се претстави Елена Васова. 

-Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика, велат од Филхармонија.

Неговиот совршен сенс за поимање на звукот и негова визуелизација, создаде во сите дела маестрален спој на музика и слика, се чини, како на ниту едно друго место во филмската индустрија.

„Сцената со мајмунот“ („The dawn of man“) во „Вселенска одисеја: 2001“, на пример, можеби најпознатата филмска сцена некогаш создадена, кога во африканска пустина мајмуните (предците на човекот) наидуваат на монолит, па мајмунот од својата перспектива ги гледа сонцето и месечината заедно на врвот на монолитот, Кјубрик ја воведува музиката. Генијален звучен приказ на кој никој не останал рамнодушен. Се слуша Лигети, па „Така зборуваше Заратустра“, почетокот на симфониската поема на Штраус, инспирирана од истоименото дело на Ниче, којашто е „виновникот“ за оваа препознатливост. Ја паметиме познатата реченица во делото на Ниче: „Зарем луѓето не слушнаа дека Бог е мртов?“, па Кјубрик не случајно го одбрал Штраус преку Ниче, за да нѝ ја долови суштината на филмот – како човекот го преиспитува својот однос кон Бога, ќе потенцира Тина Иванова во текстот за „Фронтлајн“. 

 

 

Фото: Маја Агракијева