Обединети нации на Македонија


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Македонското општество непотребно се навлече на агресивните бугарски приказни за историјата и постојано да наоѓа некакви оправдувања за македонската самосвест. Како да е тоа грев

 

(Колумна за Дојче веле)                                                                                                                                            Дали Mакедонија полека, полека се доближува до границата преку која ќе го помине своето достоинство. Или, пак, стоењето на таа граница ќе го стави на најголемо искушение нејзиното достоинство. Откако некаде лани во октомври стана јасно дека Бугарија се подготвува за силно вето на европската иднина на Македонија (иако првите најави тогашното германско претседателство со ЕУ ги добило уште во јули), политиката, медиумите, страничните и директните играчи како да влегоа во некој вител како брзо да се најдат решенија за оваа блокада кои ќе ја кренат рампата на Софија. На некој начин тоа „брзање“ беше разбирливо – колку и да изгледаше можна таа блокада, сепак дојде неочекувано и како сериозен удар за општеството ги измести неговите приоритети и политиките во кои се вложија многу труд, па и жртви. Во таа атмосфера некогаш изгледаше дека премногу се брза, и во прифаќање на некои нелогични бугарски барања, но и во целосно отфрлање на ставовите на Софија кои не успевавме убаво да ги осветлиме и да видиме што е нивната вистинска суштина. Како резултат на тоа се подигна и забетонира антибугарското расположение во јавноста, исто толку како што се подигна и забетонира антимакедонското расположение во Бугарија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на неколку пати изјави дека ќе треба да се направат некакви мачни компромиси, без да објасни што навистина значи тоа. Доколку неговата вчерашна изјава – дека нема ништо против во преамбулата на Уставот и Бугарите да се наведат како етничка заедница – е дел од тие мачни компромиси, Османи го одбрал погрешниот пат. Не е прашањето дека некој има анимозитет кон Бугарите, туку затоа што тој во неговата голема желба да биде успешен како шеф на дипломатијата за да го реши спорот, директно ја отвора вратата македонскиот Устав да ја претвори државата во „Обединети нации на Македонија“, во која ќе се загуби нејзиниот граѓански карактер.

Според последниот попис од 2002 година Бугарите во Македонија сочинуваат 0,073 % од населението. Зошто тогаш во преамбулата на Уставот не би се вметнале и оние етнички групи кои се помногубројни од Бугарите во Македонија според последниот попис? Така, Египќаните се 0,184 %, Црногорците 0,133 %, Унгарците 0,1 %, или пак Грците кои сочинуваат 0,21 %, а можеби и Словенците со 0,18 %. Зошто тие да бидат онеправдани во овие „Обединети нации на Македонија“. Османи навистина се труди да ги најде можните патишта за разврска на проблемот, неговите патувања во странство сигурно се во таа насока, но последниве два месеци како да ја загуби навигацијата.

Потрошена посета

Да го земеме само последниот престој во Париз. По подолго време еден македонски шеф на дипломатијата се сретна со министер за надворешни работи на Франција. Во времето кога Емануел Макрон ја стави онаа прочуена блокада на проширувањето на ЕУ, во која главна жртва беше Македонија, македонските претставници во лобирањето во Париз успеаваа да стигна само до државниот министер за Европа. На Османи му успеа да разговара со шефот на дипломатата Жан-Ив ле Дријан, да потпише со него три договори; да се сретне со двајца советници на претседателот Макрон – и значењето на оваа посета на Париз да ја потроши со барањето по слетувањето во Софија да се сретне со неговата колешка Екатерина Захариева. Бугарската министерка ја искористи шансата да објави дека средбата во вилата „Бојана“ била на барање на Османи, инаку таа немала намера да се среќава со него за време на неговиот транзит низ Софија. Османи им овозможи на медиумите да се залепат зад неговото барање за неочекувата средба со Захариева, а при тоа да не обрнат внимание на важните разговори во Париз. Да потрошиш толку важни разговори во Париз само за една средба на поминување со Захариева – некој тоа би го оценил како вистинска „умешност“.

Дипломатско незнаење? Грешка во чекори? Огромна желба да ја одоброволи Софија? Можеби од сѐ по нешто, а можеби во тоа има дел и оценката на познатите бугарски политичари кои најмногу се занимаваат со „македонското прашање“: дека Османи имал „разумен поглед на разврската на јазолот“ (да парафразираме), а не бил како Никола Димитров, кој бил попасен дури и од короната. Османи е на добар пат да ја зголемува недовербата на македонското национално ткиво (ова не е објаснување од некаква етноцентричност, туку од перцепцијата на многу голем дел од јавноста, дека тој не успева да ги разбере до крај стравовите и дигнитетот на македонската нација). Османи е на своевидна клацкалица, треба да ги одмерува зборовите кога ги кажува во оваа фаза во односите кои изгледаат како комплицирани, а во основа јасно се гледаат, за да не се доведува во ситуација како вчера кога директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симевски, на заедничката прес-конференција да го исправа, нагласувајќи дека белегот за етничката припадност бил вклучен во сите пописи од 1948 година наваму.

Османи често повторува дека не сака да биде зачин во бугарската изборна кампања, па така вчера кога беше запрашан зошто дозволува Бугарија се меша во пописот што ќе се спроведе кај нас и не реагира со протестна нота, тој одговори: „Нема да дозволам МНР да влезе во дневен изборен фолклор. Тоа не е наш интерес“. Но парадоксално за него, со изјавата дека нема ништо против Бугарите да бидат споменти во Уставот тој на директен начин влезе во бугарскиот „дневент изборен фолклор“ во кампањата, овозможувајќи им на оние што ја блокираа Македонија да се пофалат дека успеале да изнудат отстапки од Скопје. И тоа отстапка која би можела да биде внесена во Уставот. Желбата за решавање на проблемот е една, но патот и динамиката да се стигне до тоа е друга работа.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на неколку пати изјави дека ќе треба да се направат некакви мачни компромиси, без да објасни што навистина значи тоа (Фото: Б. Грданоски)

На сличен начин се обидува да ги поттурне работите во поголема брзина и поранешниот премиер Љупчо Георгиевски. На Георгиевски никогаш не му недостасувала ексцентричност и, како што често сака да нагласува, тој бил оној што отворил вакво или онакво прашање во македонската јавност. Надвор од неговите предлози за решавање на спорот, кои изгледаа како набрзина стокмени и по јазичната структура и по одбраните формулации, Георгиевски како да се најде фрустриран што по големата јавност што ги добија никој не сакаше посебно да дебатира за нив со него Па, самиот ги повика во рингот за да им даде гласност на своите тези со неочекувана реторика: „Чудна работа, плукачи колку сакаш! А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па, еве ви, кукавици отворена понуда за дуел“. По подолго време тоа беше првиот знак од кој Георгиевски сфати дека неговите зборови не одѕвонуваат како порано, дека неговата важност што мисли тој за себе е во бледнеење.

Најпосле, само неговиот сопартиец од раните вмровски времиња, Петар Богојески радо излезе на мегдан со Георгиевски на ТВ24. Тоа не беше лесна дебата за Георгиевски, повозрасните се потестија на неговото поткревање на гласот како во 1990-те, настојувајќи да им даде важност на неговите тврдења или да го оповргне она што го зборуваше Богојески.

Можеби не би требало да се споменува толку една телевизиска дебата, но оваа беше пример за она што веројатно го посакуваат многу структури во Софија – расправи во Скопје за етницитетот и потеклото на македонската нација. Се чини нема на ниедно друго место во Европа толку зборувања за историјата, кој како бил заведен во егархиските книги, на кој јазик подучувале Гоце, Ѓорче, Шапкарев и да не набројуваме. Оваа историска опседнатост станува опасен камен околу вратот – ние постојано треба да се прочистуваме и да ја калибрираме својата историја според бугарскиот наратив.

Три примери

Има многу поелегантни начини тоа да се изведе. Еве само три примери, кои веројатно ги знае и Љупчо Георгиевски.

Феноменалниот писател Франц Кафка, Евреин по националност, роден во Прага во 1883 во тогашната Австроунгарија, умре од туберкулоза во санаториум крај Виена во 1924, во веќе новата држава Австрија. Тој пишуваше на германски. Денес, а и тогаш, тој се водеше како писател од Бохемија кој зборува германски. Го погребаа на Новите еврејски гробишта во Прага. Што е тој? Германец од Бохемија? Евреин од Чешка? Австриец? Чесите и Австријците беа доволно паметни и тогаш и сега да не се занимаваат премногу со неговото етничко потекло (кое, во крајна линија е еврејско), туку да го прифатат како еден од најголемите писатели на 20. Век, кој изврши огромно влијание врз цели генерации и чии романи станаа синоними за многу општествени случувања дури и денес. И да го прифатат како дел од нивната заедничко наследство.

Потоа – Густав Малер. И генијалниот композитор беше Евреин. И тој се роди во Бохемија во Авструнгарската империја, одрасна во чешкиот град Јихлава. Студираше во Виена, каде прво ја освои славатата како диригент, а потоа како композитор. Неговото влијание во диригирањето беше огромно од двете страни на Атлантикот, а неговите симфонии се еден од клучевите на музиката на 20. век. Умре во 1911 година кога уште постоеше Авструнгарија. Погребан е во Виена. Денес, а и тогаш, тој се означува како австриско-бохемиски (чешки) композитор. Ниту Чешка ниту Австрија не претендираат да го имаат сертификатот за неговата етничка припадност. Сѐ е во слава на неговата големина и потсетување на местата низ кои поминал за време на неговиот живот и кариера.

И најпосле – Лудвиг ван Бетовен. Роден во 1770 во Бон во една од германските држави, Бетовен на 21 година се пресели во Виена и оттаму ја освои Австроунгарија и светот. Неговата музика и денес го држи во покорност светот. За него се вели дека е германски композитор, но неговиот живот, уметноста и смртта е поврзана со Австроунгарија и Виена. Умре во Виена во 1827 година. Десетици илјади луѓе беа во погребната церемонија, а Франц Шуберт беше еден од носителите на факлите. Бетовен се роди како Германец, но сѐ со што што го задолжи човештвото е поврзано со австриската империја и Виена. Ниту Германија претендира да тврди дека тој е само Германец и ништо друго, ниту пак Австрија си го зема правото да го присвои, затоа што поголемиот дел од животот и целото музичко творештво, поради што е означен како еден од најголемите генији на човештвото, го создал во Виена.

На Балканот изгледа дека страстите се пониски и поинакви. Па во Бугарија ќе покажуваат факсимили како наводно бил запишан Гоце Делчев во книгата на родените во Кукуш, која националност ја навел кога се пријавувал кога се запишувал во военото училиште во Софија и така натаму и така натаму. Или што бил Кузман Шапкарев. Јасно е дека бугарскиот наратив е да се прикаже дека сите во 19. век биле Бугари и тоа Македонците треба да го признаат за работите конечно да биле чисти. Тој наратив е всадуван со генерации и генерации и тешко може да се промени преку пет, десет, 15 години. Но така е со митовите – од нив најтешко се ослободуваш. Некогаш дури е и невозможно.

Слично е и со забелешките на Георгивески зошто во македонската историографија не се зборувало за „српската окупација“ од Балканските војни до Втората светска војна. Ако по Балканските војни Вардарска Македонија била окупирана од Србите, тогаш што се случило со Пиринска и Егејска Македонија? Дали тие биле „ослободени“ од Бугарија и Грција кога се распаѓаше Османлиската империја, а само Вардарска Македонија била окупирана. Не можеш да земаш само едно парче од историјата и на тоа да градиш тези, а другите од тоа време да ги прифаќаш како природна ситуација.

Македонското општество непотребно се навлече на агресивните бугарски приказни за историјата и постојано да наоѓа некакви оправдувања за македонската самосвест. Како да е тоа грев.

И најпосле, околу тврдењето на Георгиевски за јазикот и предлогот како да се затвори тој проблем. „Македонската страна да признае дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, но врз база на македонските дијалекти. Бугарската интелегенција поради кратковидост кодифицирала јазик само врз база на североисточните дијалекти со што го отворила патот на македонскиот јазичен сепаратизам“.  Како одговор на ова само ќе пренесеме еден дел од поголемиот есеј на големиот познавач на балканската историја (особено бугарската и македонска) Улф Брунбауер, директор на Институтот за источни и југоисточни студии на Универзитетот во Регензбург, Германија, објавен минатото лето по повод издавањето на брошурата „За службениот јазик на Република Северна Македонија“ на Бугарската академија на науките. Насловот на есејот објавен на блогот на Институтот е „Северна Македонија и бугарскиот историски империјализам“.

 

Во него Брунбауер, меѓу другото го пишува и ова:

 

„Аргументацијата во брошурата, зошто кај ‘таканаречениот македонски јазик’ всушност се работи за ‘политички променетa’ варијанта на бугарскиот јазик, е исто толку неоригинална колку и предвидлива. Човек се прашува кого тогаш авторите сакаат да убедат во ‘вистината’ (поим кој се појавува во насловот на четири поглавја), особено што официјална позиција на Република Бугарија е дека македонскиот не е самостоен јазик. Наводните научни докази за бугарскиот карактер на македонскиот јазик се кармакаша на селективно одбрани тврдења во кои секогаш имаат збор странски крунски сведоци, кои ја застапуваат бугарската гледна точка. Констатацијата дека национално-македонски истражувачи на јазикот и историчари манипулирале извори од 19. век, со тоа што прилично широкоградо заменувале ‘бугарски’ со ‘македонски’ или, едноставно, сокривале дека и неутрални набљудувачи во тоа време словенскиот идиом го означувале како ‘бугарски’ и дека звучни имиња на револуционери од Македонија се чувствувале како Бугари, е точна, но веќе здодевна; само ограничени македонски националисти денес зад таквите културолошки или политички изјави на Словените во 19 век гледаат артикулирање на македонската национална свест, а нив ни книвчето нема да ги убеди во нешто друго.

Дека има нешто како јужнословенски континуитет на дијалекти, дека заедницата на лица кои зборуваат еден идиом не засноваат ‘етникум’, дека дотичниот службен јазик почива на политички чин, дека може да настанат нови стандарди – а, Македонците во тоа биле зад Бугарите – дека јазичната политика наменски интервенира во развојот на јазикот, сето тоа се чини дека им е непознато на бугарските истражувачи од Бугарската академија на науките. Водат борба од 19. век со аргументи од 19. век. Такви карти на дијалекти ја заокружуваат големобугарската ориентација на книвчето – траумата од Сан Стефано, се чини, уште е многу вирулентна, барем во ходниците на БАН“.

Некој како историчарот Улф Брунбауер понекогаш како да води повеќе сметка од нас самите за етапите на создавањето на македонскиот јазик преку извонредна елаборација. А многумна овде најчесто несвесно (но некои и наменски) го прифаќаат бугарскиот наратив и прифаќаат да „водат борба од 19. век со аргументи од 19. век“, како што вели Брунбауер.

(Линк до колумната овде)