Политиката чека СЈО да искрвави до смрт


Судската одлука за евентуалното укинување на мерката куќен притвор за обвинетите во случајот „Империја“, Орце Камчев и Сашо Мијалков, кој според информациите може да биде донесена денеска, според правните експерти, не смее да се заснова на начелното правно мислење на Врховниот суд во однос на рокот во кој СЈО може да поднесува и презема обвиненија.

Адвокатите на Мијалков и Камчев барањата за укинување на притворот ги поднесоа со образложението дека била изречена од СЈО, за кое сега Врховен смета дека е неовластено да ги продолжи истрагите и обвиненија покренати по 30 јуни 2017 година, како што стои во законот за СЈО.

Највисоката судска инстанција во државата минатата недела изгради мислење дека рокот од 18 месеци за обвиненија и истраги СЈО требало да го смета од моментот кога биле преземени бомбите, а не од преземањето на секој предмет од редовното обвинителство.

Спротивно мислење имаат поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев и поранешниот обвинител Александар Наков. Во изјава за „Независен“ двајцата тврдат дека од исклучителна важност за судот е правилна и доследна примена на Законот за кривична постапка кој е од примарно значење во водењето на постапките.

„Станува збор за фактичка материја. Се утврдува предмет по предмет. Кога се преземени материјалите, оттогаш почнува да тече рокот за истраги и поднесување обвиненија. Начелното мислење на Врховниот суд не смее да има никакво влијание на тоа дали треба да се продолжи мерката куќен притвор за конкретно обвинетите или таа треба да се укине. Судот треба да решава според фактите и околностите што ги има пред себе“, нагласува Илиев.

И поранешниот обвинител Александар Наков смета дека за секој предмет на СЈО законот важи поединечено.

„Апсолутно може да се водат истраги и да се покренуваат обвиненија за предметите што се преземени, како во случајот ‘Империја’, пред приближно седум-осум месеци“, вели Наков.

Субјективните погледи кон еден исклучително важен проблем во кој длабоко навлезе политиката, од која и се изроди СЈО, создаваат забуна во јавноста. Прашањето дали СЈО, кое се претвора во некаква вуду-кукла, може да води нови истраги и поднесува обвиненија се префрла во Обвинителството и Собранието. Последната одлука на Врховниот суд е само последна епизода од правно-политичката рашомонијада со која ѝ се заканува еутаназија на институцијата во која јавноста се колнеше.

Кривичниот суд бара од јавниот обвинител Љубомир Јовески да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО. Воедно, судот бара од Јовевски да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на законите.

„Сè до произнесување на државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој мислење даде Врховниот суд, кои се итни и неодложни, ќе одлучуваат надлежните кривични совети, со цел да не дојде до непотребно одолговлекување“, велат од Кривичниот суд.

Правното мислење на Врховниот суд е обврзувачко само за советите на овој суд, а не и за Кривичниот. Сепак, ако судските пресуди на крајот дојдат на одлука и пред Врховниот суд, неминовно ќе подлежат на веќе даденото правно мислење.

„Секој може да поднесе иницијатива за автентично толкување, но за мене е чудно што таква иницијатива се бара од ОЈО, а не ја покренува самото СЈО, кое е создадено со специјален закон. Тоа за мене е пропуст. Она што е важно да се нагласи е дека евентуалното толкување на Законодавно правна комисија го прави ништовно начелното мислење на Врховниот суд“, вели Наков.

По донесеното мислење од страна на Врховниот суд, Јовески изјави дека одлуката отскокнува од досегашната практика. Врховниот суд толкува нешто што треба да го прави Собранието бидејќи тој треба да одлучува по конкретни предмети. На прашање дали редовното обвинителство ќе ги преземе истрагите кои сега се загрозени во СЈО, Јовески изјави: „Ако има потреба, ќе разговараме со обвинителите од СЈО и ќе ги прифатиме истрагите“.

Со ист став се огласи и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Врховниот суд се впушти во интерпретација на законот за СЈО без за тоа да има надлежност. Надлежност за таква интерпретација има само Собранието или Уставниот суд. Триесет години сум во политиката. Првпат се случува Врховен суд да се впушти во интерпретација на закон без претходна консултација со Собранието или Уставниот суд“, изјави Џафери.

Според правните експерти, ваквите изјави од страна на високи политички функционери се само фрлање прав во очите на јавноста бидејќи политиката долго време го остави СЈО да „крвави“ рането на правниот плочник.

„И примопредавањето на предметите, за кое сега слушаме дека постои можност да се случи, не смее да претставува пазар. Тоа се решава со закон кој под итно мора да се донесе. Нека се праша јавноста како беше можно да се дојде до 2/3 мнозинство за амнестијата за настаните од 27 април во Собранието, а не може да се реши законски иднината на СЈО. Зошто партиите молчат? Добро е познато кој е претседателот на Врховниот суд, т.н. Јово превара, но очигледно тука станува збор за поширок круг на лични интереси. Креаторите на ‘дупката’ за СЈО се повеќе на број“, смета Наков.

Одлуката на Врховниот суд, како што беше објавено, имплицира дека неважечки стануваат сите нови обвиненија на СЈО: за „Империја“ (против Мијалков, Камчев и десетина други), „Попис“ (за Груевски и Ахмети), „Пациент“ (за Бујар Османи како поранешен министер за здравство), „Моќник“ (за Антонио Милошоски), „Хармонија“ (за Никола Груевски, Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски), „Друмарина“ (за Силвана Бонева), „Рентген“ (за Никола Тодоров), „Актор“ и многу други. Меѓу нив е и „Талир“, капиталниот предмет за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за незаконска изградба на партиското седиште. За 18 февруари е закажано првото рочиште. На обвинителна клупа ќе треба да седнат ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски и Леко Ристоски. Во оваа постапка обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски и Елизабета Чингаровска, која лани призна вина и доби условна казна, што го покажува целиот правно-политички апсурд, кој мора што побргу да се реши.

„Не е важно во која форма ќе функционира Специјалното јавно обвинителство. Решенија има, важно е да има политичка волја да продолжат постапките што тоа ги покрена и ги презеде. Најверојатно ќе се случи со нов закон. Мора да се реши, со директни одредби или со преодни одредби, да се каже што со преземените случаи од Јавното обвинителство и со материјалите што ги поседува. Најлогично е да ги преземе Јавното обвинителство за организиран криминал“, смета Илиев, кој вели дека е доведено во прашање постоењето на СЈО.

Дел од правните експерти стравуваат дека доколку предметите прејдат во ОЈО ќе се оневозможи употребата на „бомбите“, особено таму каде што тие се доказ кој е клучен за извршените противправни дејствија со незаконско снимените разговори. Без оглед што, како што велат, со одлука на Апелацискиот суд, а и според целата пракса на Европскиот суд за човекови права, незаконски прислушуваните материјали се доказ во судска постапка, без разлика кој обвинител ги изнесува, редовен или специјален.

Наум Котевски