Ново затегнување на монетарната политика, Народна банка ја зголеми референтната камата за 0,25 процентни поени


Фото: Б. Грданоски

Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика со тоа што ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени и сега таа е на ниво од 5,75 проценти.

Комитетот за оперативна монетарна политика вчера на седница донел и одлука за зголемување на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 процентни поени со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,65 проценти и 3,70 проценти. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

– Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на  каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем, информираат денеска од Народната банка.

Според централната банка, неопходна е натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Во април годишната стапка на инфлација бележи забавување, коешто започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки е над историскиот просек.

Побавниот годишен раст на инфлацијата, како што информира НБ, главно произлегува од помалиот раст на цените кај прехранбената компонента. Најновите очекувања за движењата кај увозните цени, според оценката на НБ, упатуваат на надолно придвижување на берзанските цени на нафтата и храната, што поволно би влијаело и врз домашните цени, но и понатаму, како што нагласува централната банка, е нагласена неизвесностa во следниот период, условена од ефектите од војната во Украина.

– Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина, велат од НБ.

На девизниот пазар движењата се стабилни со зголемена склоност за штедење во домашна валута. Нивото на девизните резерви на крајот на април е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Трговскиот дефицит во првиот квартал од годинава е значително понизок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, коишто од почетокот на годината, заклучно со април, се малку подобри од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.

Според НБ, во последното тримесечје од годинава, реалниот раст на БДП очекувано забавил, со што во просек, за целата 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1 проценти, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција.

– Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов упатуваат на минимален годишен раст кај индустриското производство, мал реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и солидни стапки на раст кај градежништвото и угостителството. Овие движења посочуваат на веројатно умерено забрзување на растот во првото тримесечје на 2023 година, наведува централната банка.

Растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува, посилно од очекувањата според октомвриската проекција, а од друга страна, забрзува растот кај депозитите и тој е над очекувањата за вториот квартал.