За дата центри биле заинтересирани десетици компании, вели Мицкоски


Има десетици заинтересирани компании за дата центри во државава, кои со законските измени за кои почна постапката во Собранието се изедначуваат со технолошко индустриските развојни зони.

Ова го изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на новинарите при неговата посета во Општина Кисела Вода.

„Имаме неколку десетици заинтересирани компании, разговараме и преговараме, секако ќе бидат избрани локации кои што нема да имаат никакво влијање на животната средина – рече Мицкоски, кој присуствуваше на пуштање во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода.

Тој исто така рече дека Владата останува на проекцијата за економски раст од над 3,5 проценти, а според премиерот Христијан Мицкоски, податоците за првиот квартал од годинава се показател дека македонскиот БДП е еден од најдобрите во Европа. 

„Ние остануваме на оние проекции коишто ги имавме, дека ќе биде над 3,5 проценти. Имајќи предвид дека во првиот квартал остваривме раст реален од 3,1 проценти, а со усогласени вредности 3,3 проценти, сезонски усогласени вредности 3,3 проценти, што во однос на бруто домашниот производ претставува еден од најдобрите во Европа, во овој момент. Колку и да сакаат поединци да ја извртуваат вистината или сатирично да го пренесуваат сето тоа. Но за нив имам лоша вест, Македонија забрзува, Македонија победува и Македонија како многу пати во историјата ќе победи, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа какви се очекувањата за движењето на економијата во делот на БДП.

Ребалансот на Буџетот, како што рече, ќе биде готов месецов.