За инфлацијата нека бере гајле Славески: Димитриеска-Кочоска вели дека тоа не е работа на Финансии
Министерството за финансии не ја менаџира инфлацијата. Ние сме дел од Владата, меѓутоа инфлацијата е тема која што ја засега Народната банка, вели министерката
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ја префрли топката за преземање мерки против растот на инфлацијата врз Народната банка на Македонија и делумно на Министерството за економија, a ја стави на страна институцијата која што ја раководи, Министерството за финансии во битката против загрижувачкиот пораст на трошоците за живот годинава.
Таа во интервју за емисијата „Топ тема“ на Телма синиќа изјави дека мерките за сузбивање на инфлацијата се кај Народната банка, додека Министерството за финансии има ограничена можност тоа да го прави преку стапките на ДДВ и акцизите само во одредени случаи.
Годишната инфлација во мај изнесуваше 4,8 отсто, во април 5,6 отсто, а во март 4,9 отсто што ја вброи Македонија меѓу земјите со висока стапка на инфлација. Таа беше висока и во јануари и во февруари – 3,1 отсто и 2,8 отсто соодветно.
Иако нејзиниот став околу надлежностите во основа е точен, сепак, многумина се прашуваат дали меѓу двете институции, Народната банка и Министерството за финансии, има одредени „триења“. Особено што министерката исто така се спротивставува на јавно изнесениот предлог на гувернерот на НБМ, Трајко Славески, за законски измени со кои централната банка би добила поголеми надлежности во определувањето на банкарските провизии. За разлика од него, таа смета дека оваа проблематика треба да остане да ја регулира пазарот.
„Министерството за финансии не ја менаџира инфлацијата и ова е нешто што еднаш засекогаш мора да го расчистиме. Ние сме дел од Владата, дискутираме, меѓутоа инфлацијата е, да кажеме, тема која што ја засега Народната банка. Народната банка е таа којашто ги има механизмите за справување со инфлацијата“, изјави Димитриеска-Кочоска.
На забелешката на уредничката Наташа Стојановска дека сепак се потребни одредени механизми за ублажување на ударот , Димитриеска-Кочоска рече дека Министерството за економија е тоа кое што работи директно со компаниите и ги следи состојбите.
„Државниот пазарен инспекторат кој што е секојдневно на терен во следење на ценовните движења, прави контроли. Така што, Министерството за финансии директно апсолутно нема никаква надлежност“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа појасни дека во законот, што е останат „од претходниот период“ постои еден механизам, а се однесува на корекции во ДДВ-то и акцизите, како и дека тоа не е направено случајно затоа што и ДДВ-то и акцизите „на некој начин индиректно влијаат на сите производи“.
„Меѓутоа, ние информациите ги добиваме од Регулаторната комисија за енергетика, којашто апсолутно нема никакви допирни точки со Министерството за финансии и повеќе има комуникација со Министерството за енергетика и Министерството за економија, коешто дава информации околу тоа какви се состојбите“, рече министрката за финансии.
Таа додаде дека има честа комуникација со директорот на Државниот пазарен инспекторат и од добиените информации пред неколку дена, односно пред следната контрола која ДПИ ќе ја прави на 15-ти јуни по маркетите, знае дека состојбата пред сѐ кај основните прехранбени производи е стабилна.
„Таму апсолутно немаме некои позначајни промени. Периодот којшто следи, најверојатно поради сезонскиот карактер, дури кај одредени производи можеби ќе има и одредено намалување. Тоа е генерално она што можам да го кажам“, рече Димитриеска-Кочоска.
На коментарот дека сепак, како Министерство за финансии секако ја интересираат состојбите, врз основа на кои се прават и проекциите во Буџетот, како и очекувањата на идни понатамошни мерки, како и дека порастот на трошоците на живот влијае врз приходите и расходите во Буџетот, односно колку пари има и колку средства ќе се дадат на ранливи категории граѓани коишто се директно засегнати од стапките на инфлација, министерката рече дека е така, но дека Министерството за финансии не ја проектира директно стапката на инфлација.
„Сепак, како податоци повеќе го користиме искуството, бидејќи тоа е директна надлежност на Народната банка и секако тука се ММФ, Светска банка коишто помагаат во одредени области кога станува збор за прогнозите. Прогнозите за оваа година некаде во Министерството за финансии беа дека (инфлацијата) ќе биде околу 4,5% согласно последните податоци. Меѓутоа, колегата од секторот за макроекономија вчера ме информираше дека прогнозите на одредени меѓународни институции се дека процентот на инфлација ќе биде понизок“, рече Димитриеска- Кочоска.
Во Законот за Народна банка стои дека основна цел на Народната банка е „постигнување и одржување на ценовната стабилност“, а втората цел, која е подредена на основната цел, е „да придонесува кон постигнување и одржување на финансиската стабилност“.
Како што се додава, Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.
Сепак, економистите повеќепати посочувале дека за да се оствари оваа основна цел на Народната банка од клучно значење е усогласеноста помеѓу монетарната (која е во надлежност на НБ) и фискалната политика за која најодговорна е Министерството за финансии, односно Владата како извршна власт. Тоа во практика значи дека доколку Владата со својата политика „пумпа“ повеќе пари во економијата, или ја зголемува личната и општата, односно јавната потрошувачка, тоа ќе изврши притисок врз побарувачката, односно врз инфлацијата. Тоа, пак, ќе ја принуди НБМ да примени рестриктивна монетарна политика, а како основен инструмент за тоа е референтната каматната стапка, што е сигнал и за банките да ги одредат каматите на кредитите што ги користат граѓаните и компаниите на повисоко ниво. Слично е со поголемиот буџетски дефицит, јавниот долг итн, што само покажува дека посредно, фискалната политика влијае врз општото ниво на цените, односно врз трошоците на живот преку кои кај нас се мери стапката на инфлација.
Инфлацијата годинава доби во динамика, најмногу како резултат на состојбите на светскиот пазар кај енергентите, по кризата во Ормускиот теснец, но и влијанието на кризата врз снабдувањето со вештачки ѓубрива за земјоделството, пластични маси, поскапувањето на транспортот, осигурувањето и тн.
Владата, за да го намали ценовниот шок кај нафтените деривати, го намали ДДВ-то и акцизите, што придонесе побарувачката да се одржи на релативно високо ниво, пред сѐ поради тоа што од Македонија се снабдуваа и потрошувачи од соседните земји. Но, таквата политика како последица има поголем увоз на нафтени деривати, што секако ќе влијае и на надворешно-трговската размена, односно трговскиот дефицит.
Димитреска-Кочоска, прво на прес конференција, а потоа и вчера за време на интервјуто на „Топ тема“ се спротивстави и на заложбата на гувернерот Славески да добие повеќе простор да влијае врз банкарските провизии, откако неколку банки најавија дека ќе ги зголемат. Тој во објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) деновиве истакна дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите и затоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.
„Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги“, наведе Славески.
Повикот на Славески дојде откако четири банки во земјава најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет. Инаку банките лани оствариле приходи од нето провизии 118 милиони евра, додека вкупната добивка беше 304 милиони евра.
За разлика од Славески, кој бара законски измени, министерката за финансии категорично се спротивставува на таквата иницијатива.
„Што да менуваме? Нешто што законски никогаш не било третирано и ако го третираме на едно место ќе треба секаде. Ајде тогаш да третираме и кај медиумите, да им ограничиме колку ќе наплаќаат за реклами итн. Тоа е нешто што никогаш не било законска материја. И гувернерот бил министер за финансии“, рече министерката Димитриеска-Кочоска додавајќи дека Народната банка како регулатор можеби има други механизми, подзаконски акти и слично, преку кои може да ги регулира работите.
„Меѓутоа не може нешто што не е законска материја и што никогаш не било сега да го правиме“, беше категорична министерката Димитриеска-Кочоска додавајќи дека го поддржува гувернерот во неговите заложби (за провизиите на банките), но не преку законски измени.
„Не може цели закони, системски решенија, во државата да ги рушите заради тоа што мислите дека треба во закон да се вметне. Не може да се вметне нешто што не било законска материја“, рече таа негирајќи дека има несогласувања со гувернерот.
„Не, апсолутно. Зошто би имале? Еве пак ќе кажам, и тој бил министер за финансии и во негово време уште поголеми беа провизиите. Никогаш не станувало збор провизиите да бидат законска материја. Ако регулираме и влеземе во законска материја за една дејност ќе треба да ги опфатиме сите, бидејќи тоа после ќе го бараат сите“, смета Димитриеска-Кочоска. (М.Ј.)