Ново возило за комунален отпад за Демир Хисар


Со проектните активности за развој на Пелагониски плански регион обезбедивме современо возило за собирање на комунален отпад со капацитет од 12 метри кубни кое што ги исполнува стандардите  и потребите на Јавното комунално претпријатие во општина Демир Хисар, рече министерот Горан Милевски за време на посетата на општината.

– И покрај Ковид кризата Министерството за локална самоуправа во 2020-та година не застанавме со реализација и имплементација на своите проекти, од најразлична области.  Проблемот со собирање на отпадот е одамна јасно дефиниран во сите општини, но се уште постои, пред сè, поради финансиската слабост на јавните комунални претпријатија. Со проектот го унапредуваме квалитетот на општинските комунални услуги и ги зајакнуваме општинските функции и надлежности на општините од Пелагонискиот регион уредени со Законот за локална самоуправа и Законот за управување со отпад. Министерството и во 2021 година ќе ги развива општините преку проекти за подобар животен стандард на граѓаните, појасни Милевски.

– Овој три-годишен мандат од кога сум јас градоначалник ова ни е второ возило за собирање на комунален отпад кое е набавено со програма преку Пелагонискиот плански регион. Основна цел на ова возило ќе биде подобрување на животната средина, a со тоа се подобруваат и условите за живот на граѓаните. Со секоја набавка на вакво возило се проширува бројот на населени места каде што се собира комуналниот отпад и ова возило ќе го користи Јавното комунално претпријатие, изјави градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски.

Од директорот на Јавно Комунално Претпријатие Демир Хисар, Ацко Трајковски истакна благодарност до институциите за набавеното возило а со тоа покажуваат дека се грижат градот да биде почист и граѓаните да ги користат овие комунални услуги.

– Во соработка со градоначалниците заедно се трудиме да ја подобриме животната средина а со тоа да го подобриме животот на граѓаните во овој регион, токму овој проект е уште еден показател за заложбите на градоначалникот за почист Демир Хисар, додаде директорот на Пелагониски плански регион, Гого Видимче.

Вкупната вредност на овој проект за зајакнување на техничките капацитети за собирање на комунален отпад е над 6 милиони денари, од кои една третина се обезбедени од општинскиот буџет на Демир Хисар.