Нови пет одличја и нови правила за „Греми“ наградите
Лос Анџелес – Организаторите за доделување на „Греми“ наградите објавија пет нови признанија, како и промени во правилата што би можеле да влијаат на некои многу важни категории, вклучувајќи ја и наградата за најдобар нов изведувач на годината.
Новите категории воведени од Американската дискографска академија, којашто ја организира престижната музичка свеченост, вклучуваат најдобра латинопесна, азиска поп-изведба, ар-ен-би соработка – дует или група, традиционална поп-вокална изведба и најдобар традиционален фолк-албум. Новите награди ќе бидат доделувани почнувајќи од следната церемонија на „Греми“-доделувањето, закажано за февруари 2027 година во Лос Анџелес. Вкупниот број категории според новите правила е 100.
– Промените го одразуваат богатството на денешната музичка индустрија и мноштвото жанрови, техники и творци што ја обликуваат. Следното доделување ќе го одрази извонредниот раст што го доживува музичкиот свет, рече претседателот на Академијата, Харви Мејсон Џуниор.
Правилата се променети и во однос на тоа колку пати еден изведувач ќе може да биде номиниран за Нов изведувач на годината. Оваа престижна награда се доделува на музичарите во подем. Според новите прописи, уметниците ќе можат да аплицираат за наградата најмногу четирипати, наместо досегашните три можности, дозволувајќи им на оние кои веќе го достигнале претходното ограничување уште една шанса за тоа признание.
Номинациите за следните „Греми“ награди ќе бидат објавени на 16 ноември.