Новата идеја за балканска мини унија дочекана со скепса


Додека се чека ЕУ да се смилува и да ги прими Македонија и Албанија во своето привилегирано друштво, македонските политичари не гледаат друга алтернатива за земјава освен членството, иако од надвор стигнуваат сигнали за други алтернативи за земјава и за другите земји од регионот.

Иако засега нема понудено ништо официјално, од Брисел стигнуваат информации дека воскреснува старата идеја за привилегирано партнерство, а германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност нуди и малку поинаква опција која би и дала предност на економската, пред политичката интеграција- членство во Европската економска зона.

Оваа идеја подразбира шесте држави на Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово)  да имаат пристап до единствениот пазар на ЕУ како Норвешка и Исланд. ЕУ ќе треба да ги зголеми ресурсите за Западен Балкан најпрво за да се испромовира, а потоа и за да се прифати оваа идеја. Ова регионално партнерство не би требало да го исклучи идното пристапување кон ЕУ кога секоја земја одделно ќе биде подготвена за тоа. Конкретно, идејата на Кнаус е дека ЕУ треба да им понуди на сите шест земји од Западниот Балкан влез во заедничкиот пазар на ЕУ, а потоа радикално да ја реформира методологијата за проверка на напредокот.

Македонскиот државен врв и опозицијата уште на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски усогласија заеднички став дека нема да се прифати ништо друго освен полноправно членство во ЕУ.Викендов и премиерот Зоран Заев уште еднаш потенцираше дека „нашето место е во ЕУ и нема да прифатиме никакви понуди за договори за некакви пактови или економски сојузи“. Оваа идеја и во експертиските кругови се разгледува со резерва со оглед на тоа дека официјален предлог се уште нема.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека било какво олеснување на протокот на луѓе, идеи, роба и патување во овој регион и било каква зголемена соработка не пречи и може да биде само во интерес на Македонија, но предупредува дека кон овие идеи треба да се пристапи многу внимателно.

„Тоа не смее да биде замена, алтернатива или да им наштети на евроатланските интеграции. Значи владата мора да процени дали таа идеја, која доаѓа првенствено од српскиот претседател Александар Вучиќ, е начин да се надополни и зголеми соработката во регионот или е начин за некаква алтернатива за членство во ЕУ. Ако е второто треба да се пристапи многу внимателно. Не може да биде таа зона замена за полноправно членство. Заев треба да размисли дали таа зона му ги намалува или зголемува шансите да ги почне преговорите како прва индикација, а понатаму треба да се донесе и стратешка одлука дали таа може да ја успори или забрза интеграција“, вели Арсовски.

Политичкиот аналитичар и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, е на иста линија со државниот врв и тој лично не се согласува со ваквите опции што ни се нудат од Брисел.

Неговото образложение е дека членството на шесте земји од Балканот со вкупно 15 милиони жители, во организација која броји 28 земји членки, или 27 ако Велика Британија излезе од сојузот, нема да смени ништо суштински во Унијата. Според него пологично е да се заокружи целиот овој процес со членство на сите земји, отколку да се бараат други алтернативи за овие земји.

Според него, со оглед на тоа дека Франција се води од идејата дека демократијата почива на гласачите а проширувањето на ЕУ е дел од кампањите во изборните процеси, доколу ваква идеја биде понудена на следниот самит во Загреб идната година, оваа или некоја друга Влада ќе биде приморана да ја прифати. Кржаловски анализира дека Франција го зема предвид тоа што Заев и оваа Влада попуштија за многу посуштински прашања, како што беше Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, па ќе прифати и ваква идеја.

Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии „Евротинк“ пак отворено го критикува овој предлог на Гералд Кнаус, и иако неговите намери ги оценува како искрени, предлогот го нарекува штетен и погрешен.

„Интегрирањето и членството во ЕУ нема алтернатива! Оттаму, презентирањето на неговиот, како предлог на Комисијата или позиција на некоја држава-членка е сосем погрешно и дополнително создава негативна перцепција за Унијата и го храни евроскептицизмот кај нашите граѓани. Комисијата има и други, различни концепти, а има безброј други алатки кои може да ги употреби за спречување на назадувањето и за водење на целиот процес. Да размислуваме за тоа како да го употребиме огромното мнозинство на држави-членки во поддршка на правилна реформа, а не во замена за нашите стратешки определби“, коментира Стојковски.

Европската економска зона се базира врз четири слободи: слободно движење на капитал, луѓе, услуги и стоки. На нив се надоврзуваат и конкурентност, државна помош, заштита на потрошувачи, животна средина, статистика и други области. (Ф.Ф.С.)