Јаневска на промоцијата на 22. генерација апсолвенти на УЈИЕ во Тетово: Бидете генерација што ќе гради заедница темелена на знаење и интегритет
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се обрати на свечената церемонија на која беше промовирана 22. генерација апсолвенти на Универзитетот на Југоисточна Европа, што се одржа во кампусот во Тетово.

-Дојдовте во последната фаза на студирањето и полека влегувате во гласен и сложен свет, воден од интензивен научен развој. Но, влегувате подготвени. Уште во текот на студирањето можевте да користите дигитални технологии што ја прошируваат реалноста со нови димензии и информации. Универзитетот на Југоисточна Европа ја интегрира вештачката интелигенција во наставата и во научно-истражувачката работа, а на студентите им овозможува да стекнат дигитални компетенции и ги прави конкурентни на пазарот на труд, рече Јаневска.
Таа упати порака – без оглед дали ќе продолжат на магистерски студии или стекнатото образование ќе го применат во професионална средина, треба да покажат дека се генерација млади кои се подготвени да понесат одговорност и да придонесат во градењето заедница што се темели на знаење, интегритет и посветеност.

-Во вашиот успех, удел имаат и вашите родители или старатели, а посебна заслуга оди кај професорите, кои ви беа ментори низ студиските програми и ви помогнаа да развиете способности, да стекнете самодоверба и да изградите вредности што ќе ве водат низ професионалниот и личниот живот, укажа министерката.
Taa се заблагодари на професорите што градат компетентни кадри и што ги поддржуваат заложбите на Владата за унапредување на научната работа, како услов за напредок на државата.
-Професорите дадоа значаен придонес и во подготовката на новата законска рамка за високото образование и науката, рече министерката Јаневска.
Воедно, Јаневска побара сите чинители и натаму да продолжат да работат заедно на реализација на новите решенија, доколку сакаме да се подигне институционалниот капацитет и научната продукција на универзитетите.