Нов црвен пат привлекува внимание низ целиот свет: Еве за што всушност служи
Индија имплементираше необично решение на еден од своите патишта кое би можело да спаси многу животи – и човечки и животински.
Дел од автопатот што поминува низ резерватот за тигри „Верангана Дургавати“ е обоен во светло црвена боја за инстинктивно да ги охрабри возачите да забават. Тоа е првиот таков „црвен пат“ во Индија, проект што е дел од поширока стратегија за намалување на бројот на судири со диви животни, пишува „Гудгудгуд“.
На делница долга околу два километри, патот е обложен со специјален црвен термопластичен слој дебел пет милиметри. Експертите велат дека човечкиот мозок ја регистрира црвената боја побрзо од кој било друг, поради што возачите потсвесно стануваат повнимателни и ја намалуваат брзината.
Покрај визуелното предупредување, специјалната површина создава и мала вибрација и звучен ефект кога возилата поминуваат, што дополнително го предупредува возачот дека влегува во чувствителна зона.
Проектот не застана тука. Дури 25 подвозници за диви животни се изградени по патот на местата каде што тие најчесто го преминуваат патот. Исто така, се поставени и заштитни огради за да се насочат животните кон безбедни премини, наместо кон коловозот.
Резерватот низ кој минува патот е дом на бенгалски тигри, леопарди, волци, пантери и бројни други заштитени видови, поради што судирите со животни се сериозен проблем.
Индиските власти наведуваат дека еден добро одржуван премин за животни може да спречи до 1.400 сообраќајни несреќи во текот на својот животен век.
Слични решенија се имплементирани од страна на Индија на други патишта во последниве години. На пример, на автопатот Нов Делхи-Дехрадун е изграден коридор долг речиси 11 километри за премин на диви животни. Во текот на првите 40 дена, камерите за надзор снимиле повеќе од 40.000 премини на животни, вклучувајќи слонови, елени, леопарди, чакали и пауни.
Индиските власти нагласуваат дека целта на ваквите проекти е да се зголеми безбедноста во сообраќајот, да се намали страдањето на дивите животни и да се демонстрира дека транспортната инфраструктура од големи размери може да се изгради со почит кон природата.