Ноќ на вештерките


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Ноќта на вештерките или Hallowe’en, исто така позната и како Ноќта спроти Сите Свети, станува празник кој го слават во многу земји, а полека почнува да се одбележува и кај нас, особено меѓу младите. Според некои научници, овој празник бил под влијание на западноевропскиот празник на жетвата и денот на мртвите. Други сметаат дека овој празник независно произлегол од келтскиот празник Саун и има христијански корени. Типични активности врзани за Ноќта на вештерките се костимирани забави, правење фенери со длабење тикви, палење огнови, посетување „опседнати“ места, правење шеги, раскажување страшни приказни и гледање хорор-филмови.

Читам за Ноќта на вештерките и некако се ми личи дека овој празник изворно настанал во Македонија, а другите ни го украле и присвоиле како што ни украдоа и присвоија многу работи во минатото. Ако можеле да ни украдат и присвојат дел од историјата, дел од територијата, дел од идентитетот и името, зошто не можат да ни украдат и една ноќ.

Овој празник изворно настанал во Македонија, а го измислиле политичарите и нивните партиски кујни. Ние во Македонија овој празник го празнуваме веќе две и пол децении секоја ноќ. Секоја ноќ е ноќ на вештерките во Македонија веќе две и пол децении и секоја ноќ е ноќ на костимирани забави, палење огнови, посетување „опседнати“ места, правење шеги, раскажување страшни приказни и гледање хорор филмови.

Ако излезете навечер и прошетате по улиците и кафулињата во нашата земја, а особено во главниот град, ќе видите еден голем маскенбал. Ќе видите луѓе маскирани во најразлични костими со неколку лица за секоја пригода. Секој од нив има едно лице за родителите, друго за пријателите, трето за колегите, лице за секоја пригода, а она вистинското, свое лице, го остава дома пред утринското миење на лице и погледнување во огледало. Секоја ноќ е маскенбал и секој е маскиран во нешто што не е, туку нешто што замислил дека е, лажејќи се себеси и сите околу. Секоја вечер можете да видите луѓе маскирани во спонзоруши, средовечни мангупи, старци кои глумат дваесетгодишници, празноглави кои продаваат памет, фризерки и бербери престорени во стилисти, кафеански пејачки во инфлуенсерки. А сите тие наутро мамурни со подочници од бурната и лажлива ноќ брзаат на работа за ситни пари и се лигават пред моќникот кој партијата го поставила да шефува. И тој што шефува е мрзоволен и мамурен од минатата ноќ на вештерките која се славела некаде во некој партиски штаб. Партиските ноќи на вештерките се приказна за себе, маскенбал на кој и маскенбалот во Рио може да му позавиди. Таму се безрбетниците, лажговците, полтроните, преваранти, муфљузи, некадарните и безидејните маскирани во патриоти, државници, престорени и маскирани во грижливи и одговорни политичари.

Страшните приказни како дел од фолклорот за ноќта на вештерките можете да ги чуете во секојдневните говори, трибини и интервјуа на политичарите во кои секогаш постои непријател кој не демне и ни дише во врат, лош волк кој сака да не уништи и изеде, но само благодарејќи на нивната грижа за нас и нивното политичко визионерство и перманентната борба против криминалот ние опстојуваме како народ и како индивидуи. Страшниот волк секогаш има лик на политичкиот противник или неистомисленик и секогаш се менува со промената на власт.

Смешните пак приказни можете да ги чуете секогаш кога ќе почнат политичарите да спинуваат и да ги бранат криминалците од своите редови само за да куртулат од одговорноста. Смешните приказни можете да ги чуете кога ќе почнат да се фалат со своите успеси во економијата, а народот одвај преживува, во екологијата, а ние дишеме на жабри, во надворешната политика, ние сме крајот на светот, со здравството во кое луѓето умираат на рутински операции или жени на породување.

Хорор филмовите можете секогаш да ги погледнете на сите национални телевизии кога политичко полтронче во дебатна емисија брани криминалци од своите партиски редови или кога обвинител раскажува за успесите во борбата против криминалот, а истиот кутриот одвај проста реченица може да склопи бранејќи ја пристрасноста, политичката обоеност и двојните аршини.

Се прашувате сигурно каде се тиквите како симбол на Ноќта на вештерките, а одговорот ви се наметнува сам, секаде каде што не треба, дел со партиски амин, дел по клуч, а некој и со калауз.