„Њујорк тајмс“ ја поддржа Камала Харис за претседателски кандидат
Редакцијата на „Њујорк тајмс“ денеска ја поддржа потпретседателката на САД Камала Харис како претседателски кандидат на Демократите, нарекувајќи ја „единствениот патриотски избор за претседател“, а во исто време изјави дека за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп тешко може да замисли „ понедостојна личност“ да биде претседател на САД.
Уредувачкиот колегиум на Њујорк Тајмс не поддржа републиканец за претседател на Соединетите држави од Двајт Ајзенхауер во 1956 година, пишува Politico.
„Оваа недвосмислена, обесхрабрувачка вистина дека Доналд Трамп не е способен да биде претседател треба да биде доволна за секој гласач кој се грижи за благосостојбата на нашата земја и стабилноста на нашата демократија да го оневозможи реизборот“, изјави 14-члениот уреднички одбор.
Уредувачкиот колегиум ја нарекува Харис „посветен јавен службеник“, наведувајќи ги нејзините планови за економијата, здравствената заштита, надворешната политика и имиграцијата како причини зошто гласачите треба да гласаат за неа наместо Трамп.
Редакцијата, исто така, предупредува дека постои потенцијална опасност Трамп да не прифати евентуален пораз од Харис како што не прифати пораз од Џозеф Бајден на претседателските избори одржани во 2020 година и ги цитира изјавите на Трамп дека ќе ја искористи владата за напад на неговите политички непријатели.
„Доколку американските гласачи не му се спротивстават, Трамп ќе има моќ да нанесе длабока и трајна штета на нашата демократија“, велат од уредувачкиот колегиум.