Ниту министрите не ни дадоа датум


Во Брисел вечерва ни се случи веќе видено сценарио – штом дојде нашата држава на дневен ред за да направи суштински напредок, некои интереси ја блокираат. На министерскиот состанок во Луксембург, Франција, поддржана делумно од Холандија, се спротивстави на носењето одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Париз стоеше цврсто на тврдата линија инсистирајќи прво да се смени методологијата за преговори, па потоа да се донесе одлука за нивен почеток, а иако силно се противи за преговорите со Албанија, се противеше – и таа да биде издвоена од нашата држава.

Финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен, на прес-конференцијата по состанокот изјави дека неколку земји биле воздржани околу препораката на Европската комисија да почнат преговори со Македонија и Албанија, додека една била резолутно против. Јасно беше дека тоа се однесуваше на Франција.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, соопшти дека ваквата одлука ќе му наштети на кредибилитетот на ЕУ во регионот и дека тоа ќе им овозможи на други земји да влезат во Западен Балкан. Хан изјави дека 25 земји по трет пат за 16 месеци ги поддржуваат препораките за датум, но оти сепак се надева дека лидерите на самитот в четврток и петок ќе го направат вистинскиот чекор околу проширувањето. Хан уште додаде дека Македонија и Албанија во последниве години направија толку болни реформи „кои во поголемиот дел од нашите земји не се возможни“.

Тупураинен соопшти дека претседатлот на Европскиот совет, Доналд Туск, веќе соопштил дека прашањето за датумот за Македонија и Албанија ќе го постави на дневен ред на самитот и дека лидерите ќе имаат можност да донесат позитивна одлука затоа што по вчерашниот состанок некои работи станале појасни.

„Овие земји ќе бидат дел од ЕУ еден ден… но сега е прерано да почне легалниот процес кон проширување“, порачал француски официјален претставник во Париз за локалните медиуми.

Пред состанокот на министрите, француската министерка за Европа, Амели де Моншалан, рече дека нејзината влада не се противи на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но смета дека треба прво да се реформира преговарачкиот процес за тој да влева доверба и во регионот и во Европа.

Моншалан тврдеше дека Париз во принцип не е против проширувањето, но бара реформи. На новинарско прашање зошто „Франција става вето“? Де Моншалан се бранеше со објаснување дека не е дојдена да искажува став што е во линија на вето или не, туку на размена на мислења.

„Франција веќе подолго време инсистира бараните реформи кои се предуслов за почеток на преговорите не само да се изгласани, туку навистина да се имплементираат во пракса. Сакам да истакнам дека Франција смета дека европската перспектива на земјите од Западниот Балканот е несомнена и никако не му се спротивставуваме на тој принцип. Меѓутоа, треба да ги правиме работите на кредибилен начин за да креираме доверба и во регионот и во Европа“, рече Моншалан.

Како на врв на сето тоа, новата методологија ќе значи дека и да добиеме преговори ЕУ во иднина ќе може да донесе обратна одлука – да ни ги прекине.

Наспроти ваквиот став, германскиот и австрискиот министер оценија дека преговорите мора веднаш да се одобрат. Германскиот државен министер Михаел Рот изјави дека позицијата на Берлин е кристално јасна и дека таа се базира врз основа на гласањето во Бундестагот.

„Европската Унија презеде обврски за мир, стабилност, демократија и помирување на Западен Балкан, а тоа значи дека мора да си ги исполнува своите ветувања“, рече Рот.

Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг беше кус и директен:
„Двете земји ги исполнија сите услови, и да не забораваме, тие се дел од Европа.“

Шефот на холандската дипломатија Стеф Блок оцени дека Скопје е поподготвено од Тирана да ги започне преговорите, но побара да се направи уште еден важен чекор, а тоа е донесување на законот за јавно обвинителство.