Почина политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор Арсим Зеколи
Почина Арсим Зеколи, аналитичар за политички прашања и поранешен амбасадор на Македонија во организацијата ОБСЕ во Виена. Веста ја објави неговиот брат, Шефкет Зеколи, преку јавно соопштение на социјалните мрежи, информирајќи ги членовите на семејството, пријателите и најблиските за загубата на нивниот близок
„Со длабока болка и голема тага, ве известуваме дека денес, на 8 јуни 2026 година, во раните утрински часови, неочекувано почина нашиот брат, Арсим Сулејман Зеколи (1966-2026)“, се вели во соопштението.
Според семејството, погребната церемонија ќе се одржи денес во 18 часот на гробиштата во селото Блаце.
Арсим Зеколи беше амбасадор на Македонија во ОБСЕ во Виена, а потоа еден од најпрепознатливите политички коментатори во јавниот простор. По дипломатската служба, Зеколи остана активно присутен во јавноста како аналитичар, колумнист и коментатор на политичките процеси во Македонија и регионот. Неговите настапи и текстови често беа остри, директни и критички насочени кон центрите на политичка моќ, без оглед на партиската припадност.
Во јавноста беше познат по јасен, полемички стил и по анализи во кои ги поврзуваше внатрешнополитичките случувања со регионалните и меѓународните процеси. Често коментираше за состојбата на демократијата, меѓуетничките односи, корупцијата, влијанијата од соседството и улогата на големите сили на Балканот.
Неговите ставови не ретко предизвикуваа реакции, поддршка, но и несогласувања. Токму тоа го направи Зеколи една од фигурите што ја одржуваа живата јавната дебата, особено во периоди кога политичката сцена беше силно поларизирана, а јавниот простор сè почесто затворен во партиски наративи.
Арсим Зеколи припаѓаше на генерацијата јавни личности кои ја поминаа транзицијата, дипломатските пресврти, конфликтните години, евроатлантските интеграции и долгите политички кризи на земјата, но не останаа само набљудувачи. Тој ја користеше јавната реч како инструмент за критика, предупредување и политичко читање на процесите.
Со неговата смрт, македонската јавност губи еден од најгласните и најконтроверзни аналитички гласови – човек кој ретко пишуваше или зборуваше за да биде удобен, а често настапуваше со ставови што отвораа расправа и бараа одговор.
Од него се прости и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
„Со тага ја примив веста за смртта на амбасадорот Арсим Зеколи. Арсим беше исклучително образован и начитан човек, со свое мислење кое не се двоумеше да го каже, без разлика дали тоа некому му се допаѓаше или не.
Често јавно ме критикуваше, но тоа не нè спречуваше да се среќаваме и со часови да разговараме за меѓународната политика, регионот и геополитиката.
Кога бев претседавач со ОБСЕ, често го поканував во мојот кабинет. Како поранешен амбасадор во Мисијата на ОБСЕ во Виена и дипломат кој беше силно посветен на самата организација, секогаш носеше интересна и уникатна перспектива.
Еден детаљ особено ми остана во сеќавање. Колку и пати да му понудев кафе кога ќе дојдеше во Министерството, тој одбиваше. Велеше дека не сака да добие ништо од луѓето на власт, за никому да не му остане должен, па дури ни за едно кафе. Таков беше Арсим“, напиша Османи на социјалните мрежи.