На диво си наплаќаат влез во Куклица – ни кривична не ги спречи!
Општина Кратово лани поднела кривична пријава против две лица кои подолг период вршеле кривични дела на узурпација, присвојување и неосновано користење на дрвена куќичка (брвнара) во локалитетот Камени кукли во селото Куклица, каде користеле определени права на стопанисување, но досега надлежните не го решиле проблемот.
Граѓани реагираат револтирано на социјалните мрежи дека извесна жена нелегално наплаќа влез за посета на локалитетот „Куклица“ во Кратовско, еден од најпознатите природни феномени во Македонија прогласен за споменик на културата.

Марио Станојковски јавно побара институциите да ги проверат наводите за наплата на влез и ограничувањето на пристапот до локалитетот.
„Куклите кај Кратово се природно богатство кое им припаѓа на сите нас. Јавен простор, создаден од природата, даден за сите. Денес повторно бев спречен да влезам“, напиша тој.
Тој тврди дека туристи од Косово му кажале дека платиле по 10 евра за влез, додека при претходна посета им биле побарани по 20 евра од лице.
„Им било речено дека Куклите се приватна сопственост и тие поверувале бидејќи никој не им ја кажал вистината. Младенци плаќале за свадбени фотографии“, наведува Станојковски.
По објавата на Станојковски се појавија десетици коментари од граѓани кои тврдат дека имале слични искуства.
„Денес со сопругата и внукот решивме да ги посетиме Кратово и Куклите, но наидовме на жена која ни бараше пари за влез, велејќи дека тоа е нејзин приватен имот“, пишува во еден од коментарите.
Петар Слејановски наведува дека со семејството бил спречен да го посети локалитетот затоа што од нив била побарана наплата за влез.
„Жената со нејзиното дрско однесување извади клучеви и ми се закани дека ќе ми ја изгребе колата и ќе ми ги дупне гумите ако продолжам, а не платам 240 денари за влез“, тврди Слејановски.
Сара Драгевска пишува дека на пат кон локалитетот биле запрени од полицајци, кои ги посоветувале да не одат на локалитетот.
„Ние денес тргнавме натаму, по пат не сретнаа полициски службеници и најкултурно и професионално нѐ прашаа каде одиме? Дали кај куклите или во кафаната? Ние одговоривме кај куклите. При што полицајците ни рекоа најубаво е да се вратиме зашто до сега се расправале со ‘некој’ кој наплаќал скапо влез за таму а не издавал фискална сметка за истото. И дека не можат да реагираат соодветно сега. За да не нѐ ограбуваат поединци за џабе, најубаво би било да се вратиме. По возилото во кое беа полицајците имаше уште неколку возила позади нив најверојатно посетители што се вратиле. И ние го послушавме нивниот совет и се вративме“, пишува Драгевска.
На социјалните мрежи се споделува објава на Општина Кратово од 24 јуни 2025 година, во која локалната самоуправа соопштува дека до Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава поврзана со локалитетот „Куклица“.
Во тогашното соопштение Општината тврди дека објектот и земјиштето на локалитетот се узурпирани од физички лица кои вршеле „неосновано и бесправно управување со просторот и користење на одредени права на стопанисување без основ и без согласност на ниту една надлежна институција“.
„Подолг временски период во континуитет Здружението Извор Кратово на чело со Милош Димитровски и лицето Стојна Д. вршат кривични дела на узурпација, присвојување и неосновано користење на Дрвена куќичка (Брвнара) во локалитетот Камени кукли во селото Куклица, каде вршат неосновано и бесправно управување со просторот и користење на определени права на стопанисување без основ и без согласност на ниту една надлежна иснституција и Општина Кратово“, објави лани Општина Кратово.
Според сведоштвата на граѓаните, проблемот сѐ уште не е решен.