Уште 50 домаќинства во Лисиче селектираат пластика


Големиот интерес на жителите покажа дека грижата за животната средина станува секојдневна навика во Општина Аеродром. Затоа, потпишавме нови 50 договори со домаќинства од населба Лисиче кои активно ќе се вклучат во системската селекција на пластичен отпад, а на семејствата им беа поделени и специјални канти.

Проектот веќе дава одлични резултати, а собирањето на отпадот се одвива редовно и организирано. Целта е да бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, кои преку своето активно учество ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.

Проектот го спроведува ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, а собраниот отпад се предава на овластени компании за понатамошна обработка и рециклирање. За негов транспорт е обезбедено и специјално електрично товарно возило, што дополнително придонесува за намалување на загадувањето.

Општина Аеродром е една од првите општини во државата која спроведува ваков системски проект за селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, поставувајќи пример за современ и одговорен пристап кон управувањето со отпадот.