Нишел Николс, легендарната Ухура од „Ѕвездени патеки“ почина на 89 години


САД- Американската актерка Нишел Николс, која се прослави како поручничката Ниота Ухура во оригиналната серија „Ѕвездени патеки“, почина на 89 години. Николс ги урна бариерите со оваа улога, станувајќи една од првите црни актерки во САД која играше лик со авторитет. Подоцна беше ангажирана од НАСА како амбасадорка за да охрабрува жени и Афроамериканци да станат астронаути.

„Ѕвездени патеки“ урна стереотипи во 1960-ите, давајќи им важни улоги на актери од други раси. Така ликот на Николс беше компетентен и рамноправен офицер за комуникации.

Во една епизода од 1968 година, таа и Вилијам Шатнер се бакнаа, што беше еден од првите меѓурасни бакнежи на американската телевизија, во времето кога бракот помеѓу белци и црнци сè уште не бил озаконет во 17 сојузни држави.

Увидувајќи го значењето на нејзината улога, Мартин Лутер Кинг ја премислил Николс околу напуштањето на серијата, а таа потоа ја повтори улогата во шест филма од серијалот.

Џорџ Такеи и Џ.Џ. Абрамс беа меѓу главните фигури на франшизата „Ѕвездени патеки“  кои и оддадоа почит на Нишел Николс.

Такеи, кој го толкуваше Хикару Сулу низ оригиналните серии и филмови, беше еден од првите колеги што ѝ оддаде почит на актерката.

„Денес, моето срце е тешко, моите очи светат како ѕвездите меѓу кои сега почивате, моја најдрааг пријателке“.

Ѕвездата на „Ѕвездени патеки“ Вилијам Шатнер, со кого Николс сподели еден од првите меѓурасни бакнежи на телевизија, исто така изрази сочувство.

„Таа беше убава жена и играше восхитувачки лик кој направи толку многу за редефинирање на социјалните прашања и овде во САД и ширум светот“, напиша Шатнер.

Марина Сиртис, која ја толкуваше советничката Деана Трој во „Ѕвездени патеки: Следната генерација“ , изјави дека Николс „ја отвори вратата за нас останатите“. (Варајати)