Дац и Александар со нова песна за Прилеп со легендарната Блага Петреска


Мајсторите за живи свирки, дуото актер и композитор, Дац и Александар споделија убава вест за нов музички проект кој носи силна емотивна и локална приказна, посветена на Прилеп и неговиот дух.

Станува збор за нова серенада за градот, создадена со, како што велат, „мирис на тутун и топлина од прекрасните прилепчани“, а посебна тежина на проектот му дава учеството на една од најзначајните македонски фолк уметници – легендарната Блага Петреска.

„Создадена со срце, испеана заедно со нашата драга музичка легенда и прилепска душа – Блага Петреска“, стои во нивната објава, со која ја најавуваат и премиерата на спотот кој е снимен на повеќе локации низ Прилеп, места што ја отсликуваат неговата тивка, но силна приказна.

Денес (вторник), тимот ќе биде во Прилеп, каде што ќе се одржи и средба со публиката во Старата чаршија околу пладне. Настанот е замислен како отворено дружење, со насмевки, разговори и симболично „фаќање на здивот на градот во кадар“.