Тејлор Свифт поднесе барање за заштита на гласот и ликот од злоупотреба со вештачка интелигенција


Вашингтон – Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт поднесе барања за заштита на аудиоснимките со својот глас и лик, со цел да спречи злоупотреба со вештачка интелигенција.

„Свифт поднела пријава за заштита на две аудиоснимки од својот глас, на кои го промовира новиот албум „Животот на шоу-девојка“ („The Life of a Showgirl“), каде што вели: Хеј, јас сум Тејлор Свифт и можете да го слушате мојот нов албум на барање на „Амазон мјузик“, односно Хеј, Тејлор е. Мојот нов албум излегува на 3 октомври и со клик можете да го зачувате за да го слушате на „Спотифај“, пренесе американската телевизија НБС њуз.

Пејачката поднела и барање за заштита на фотографија на која настапува на сцена во препознатлив светкав костим, свирејќи на розова гитара. Добитничката на Греми наградите во последните години беше мета на бројни лажно создадени содржини, вклучувајќи и лажни аудио и видеоснимки во кои наводно промовира различни производи, како и манипулирање на фотографии кои се шират на интернет. Свифт е меѓу бројните познати личности кои се соочуваат со вакви злоупотреби, во време кога алатките за генерирање содржини со вештачка интелигенција стануваат сè пософистицирани и подостапни.

Пред Свифт, американскиот актер Метју Меконахи стана првиот кој поднесе низа барања за заштита на сопствениот лик, вклучувајќи фотографии, видеа и аудиозаписи, со цел да се заштити од сè пореалистичните лажни содржини направени со вештачка интелигенција. Експертите велат дека ваквите постапки би можеле да станат сè почести, бидејќи познатите личности се стремат кон тоа да воспостават посилна правна основа за поднесување тужби во случаи на неовластено користење на нивниот лик или глас.

Таканаречените звучни ознаки досега најчесто се користеле за заштита на препознатливи звуци поврзани со брендови, т.е рикањето на лавот од филмската куќа Метро голдвин мајер (Metro-Goldwyn-Mayer), ѕвоната на Ен-би-си (NBC), како и смеата на маскотата „Пилсбери доубој“ (Pillsbury Doughboy).

Адвокатот за трговски марки Џош Гербен смета дека обидот за регистрација на гласот на некоја позната личност претставува новина во правната постапка која сè уште не е тестирана пред судовите. Тој посочи дека пејачите традиционално се потпирале на авторските права за заштита на својата музика, но дека развојот на вештачката интелигенција сега овозможува создавање нови содржини кои го имитираат гласот без директно копирање на веќе постоечките снимки.

Во текот на својата кариера, Тејлор Свифт има поднесено стотици барања за заштита на својата марка, поточно, своето име, текстови на песни и придружниот бренд, но ова е првпат да побара правна заштита за својот звучен идентитет.