Никола Димитров на Делфи форумот: Францускиот предлог не е компромис


 

Поранешниот министер за надворешни работи на Делфи форумот во Грција изјави договорот што беше постигнат меѓу ЕУ и Македонија за продолжување на европскиот пат не е компромис, туку „пакет којшто не донесе решение. Компромис е решение кое двете земји ќе ги направи несреќни, кога едната страна е еуфорична и слави тоа не е компромис. Овде компромис нема. Прашањето не е решено. Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Резултатите од вашата стратегија се тажни – најлоши односи меѓу двете земји што некогаш сме ги имале“.

Тоа беше одговор на Димитров забелешката на еден бугарски претставник во публиката кој рече дека прашањето меѓу двете земји е затворено и дека Македонија сега мора да испорача. Неговата забелешка беше пак на реакцијата на професорката на Универзитетот Пантеон, Марилена Копа, која рече: „Ние мораме да ѝ помогнеме на Северна Македонија, не смееме да бидеме само набљудувачи, Грција треба да се вклучи како медијатор во надминување на проблемот со Бугарија”.

Димитров учествуваше на на панелот посветен на прашањето дали Европа може да испорача безбедност во своето источно соседство.

На форумот учествува и заменикот-министер за надворешни работи, Зоран Димитровски.

Осврнувајќи се на иднината на проширувањето, Димитровски посочи дека клучно за овој процес е постоењето на јасна стратешка визија и подготвеноста за храбри одлуки од страна на земјите членки на ЕУ. 

Во услови на брзи глобални промени, Европската унија треба да делува проактивно и мудро за да ја зачува својата кохезија и безбедност. Земјите од регионот треба да се третираат како идни членки, а не како трети држави. Постепената интеграција треба да овозможи слободно движење на луѓе и стоки и ни треба поголема динамика и резултати преку иницијативи како пристапот до СЕПА, „зелените ленти“ и укинувањето на роаминг трошоците, рече Димитровски.