Никој немал толкава власт во Бугарија каква што ќе има Румен Радев

Со резултат каков што не е забележан 30 години поранешниот претседател ќе мора да научи да раководи со државата и да не стане само уште еден пропаднат „спасител“


Румен радев сега ќе треба да покаже дека е способен да ја раководи државата (Фотио: АП)

 

Со апсолутно мнозинство од 131 пратеници (по пребројаните 97 отсто од гласовите) коалицијата на Румен Радев буквално се прошета на неделните избори во Бугарија, пловејќи на фонот дека општеството конечно мора да се пресмета со корупцијата, олигарсите и политиката на статус-кво.

Поранешниот претседател, кој поднесе оставка во јануари за да учествува на парламентарните избори, изгледа како последната надеж за Бугарите да излезат од вителот на апатија и големата недоверба во сите политичари. Излезноста беше најголема во последните неколку изборни циклуси (48 отсто), а коалицијата на Радев , Прогресивна Бугарија“ освои неверојатни 44 отсто од гласовите.

„Гласавме во големи бројки, ја победивме апатијата. Но, недовербата во бугарската политика е сè уште голема и имаме многу работа пред нас. Ова е само првиот чекор“, им рече Радев на новинарите.

Тој додаде дека изборите се победа за „надежта над недовербата и слободата над стравот“. Коалицијата „Прогресивна Бугарија“ нема некоја цврста идеолошка подлога. Неговите гласачи се главно од левицата, националистите и проруските партии. Но според анкетите на денот на гласањето многу млади луѓе кои учествуваа на големите протести во декември гласаа за радев. Како и разочарани гласачи на ГЕРБ.

Радев навести дека би можел да најде заедничка основа со пробриселскиот реформистички табор околу тресењето на судството заразено со корупција – кое се смета за една од главните лостови на моќ на бугарската мафија.

Во денот на голема пресметка на бугарските гласачи со досегашната политичка класа има уште еден победник: либерално-центристичката коалиција Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија (ПП-ДБ). Иако таа во поголемиот дел од пребројувањето на гласовите од Централната изборна комисија беше на второ место, сепак во финишот ќе заврши трета со освоени 12,8 отсто. Тоа е на нивото на нејзината досегашна поодршка, иако значаен дел од нејзините досегашни гласачи заминаа кон Радев.

Пред ПП-ДБ е порано владејачката партија ГЕРБ на Бојко Борисов која има мизерни за неа 13,4 проценти. Тоа не само што е голем пораз за Борисов, туку е вистински потоп за него и неговата партија, затоа што на овој или на оној начин командува со бугарската политика од 2009 година, кога со неговата штотуку основана партија однесе голема победа на изборите. Сега на таа моќ ѝ дојде крајот.

Изгледа дека крајот доаѓа и за амбициите на олигархот Дељан Пеевски, најчесто посочуваниот човек во Бугарија дека ги плете мрежите на корупцијата и санкциониран од САД според Законот Магнитски. Против неговата партија, ДПС-Нов почеток имаше најмногу пријави за изборен поткуп во текот на вчерашниот ден, па сепак неговата поддршка се намали речиси за двојно од последните избори во октомври 2024 година; сега освои само 6,7 проценти.

Во парламентот ќе влезат само уште тврдокорните националисти од Преродба, едвај поминувајќи го цензусот од 4 отсто. Тие на вчерашните избори освоија 4,3 отсто, речиси три пати помалку гласови во однос на октомври 2024.

Во распределбата на мандатите тоа треба да изгледа вака: „Прогресивна Бугарија“ – 131 мандати; ГЕРБ 39; ПП-ДБ 38, ДПС 20 и Преродба 12.

Сите други партии потонаа далеку под прагот за влез во парламентот. Најблиску до преминување на прагот беа националистите од Меч и Величие со нешто над три проценти. Колапс доживеа и некогаш моќната Бугарска социјалистичка партија која освои само 3 отсто. Овие избори може да го означат крајот на Има таков народ на Слави Трифунов, чии претставници учествуваа во неколку влади последниве пет години. На вчерашното гласање нивниот резултат беше едвај 0,7 отсто.

За мнозинство за избор на влада се потребни 121 пратеници, но за уставно мнозинство за менување на клучни закони во правосудната сфера неопходни се 160 пратеници. Стравот на прогресивната јавност и на приврзаниците на Радев беше дали дали партиите на Борисов и Пеевски можат заедно да соберат 80 пратеници за да ги блокираат уставни измени, пред сѐ во правосудството. Такво стравување веќе нема, затоа што ГЕРБ и ДПС заедно ќе имаат едвај 59 пратеници.

Бугарите ретко даваат толку голема изборна поддршка како оваа сега на Румен Радев. Подобар од него беше само Иван Костов со десничарската коалиција „Обединети демократски сили“ во 1997. Големата победа на Костов тогаш беше знак за надеж и оптимизам за побрз пат кон ЕУ по неколкуте економски кризни години и мафијашките пресметки. Сегашнава победа на Радев изгледа како последен обид на бугарското општество да излезе од големата апатија кога гледа дека државата е преземена од олигархијата и таа го контролира судството преку Борисов и Пеевски. И не може да се излезе од статус-квото.

Румен Радев сега ќе има огромна власт. Неговата коалиција ќе ја поддржат 131 од 240 пратеници. И ќе треба да го спроведе она за што зборуваше во кампањата, а и во времето кога беше претседател на државата.

Резултатот на коалицијата на Радев е сериозен удар за веродостојната инстутите кои правеа анекти во месеците пред изборите. Во нив поддршката за коалицијата на Радев беше некаде околу 31 проценти. Излезните анкети на три организации велеа дека Радев ќе освои 38 или 39 отсто од гласовите. И тоа беше погрешно, затоа што крајниот резултат е 44 проценти за „Прогресивна Бугарија“.

На неколку минути пред затворањето на избирачките места Радев изјави дека се надева оти со ПП-ДБ ќе бидат на иста линија за смена на Врховниот судски совет, кој е една од клучните брани за реформа на правосудството. И кој е главно контролиран од Борисов и Пеевски и е еден од главните лостови на моќ на бугарската мафија.

Радев го изгради својот политички углед претставувајќи се себеси како противник на врската меѓу мафијашите и политиката. Непосредно пред изборите во недела, тој ги критикуваше Борисов и Пеевски дека седат на врвот на „олигархиската пирамида“ што ја води мафијашката држава.

Но, тој многу често е критикуван дека е најпрорускиот политичар во врвовите на ЕУ и дека неговите ставов ичестопати се совпаѓаат со оние на Кремљ, особено во врска со војната во Украина.

Радев ја охрабри Украина да бара мир, не поддржува испраќање оружје во Киев и вели дека неговото инсистирање дека Крим е „руски“ едноставно одразува стратешка реалност. Тој е исто така критичар на пристапувањето на Софија кон еврото оваа година, тврдејќи дека новата валута ја поттикнала инфлацијата.

Во коментарите по изборите во недела, тој ја прикажа својата желба за дијалог со Русија како сè повеќе дел од европскиот мејнстрим. Тој навести за време на кампањата дека се залага за увоз на евтина нафта од Русија.

Иако овие позиции му помогнаа да изгради база на поддршка дома, тој избегнуваше директна конфронтација со Западот и генерално беше во чекор со европскиот мејнстрим кога присуствуваше на состаноците на Европскиот совет во Брисел. Европските фондови се од витално значење за најсиромашната земја-членка на ЕУ, а бугарските лидери традиционално избегнуваа какви било провокативни лудории во Брисел во стилот на поразениот унгарски лидер Виктор Орбан.

Некои го нарекуваат „бугарски Орбан“, но тој е далеку од таа квалификација затоа што ја нема моќта што ја имаше унгарскиот премир, ниту неговата умешност, а неговата држава е најсиромашна во ЕУ. Самиот тој никогаш не бил дел од врвовите на европската политика.

Радев во неделата вечерта изјави дека Софија ќе вложи „напори да го продолжи својот европски пат“, но исто така повика ЕУ да покаже поголем „прагматизам“ – иако не прецизираше дека директно се осврнува на нејзините односи со Русија.

„Силна Бугарија во силна Европа има потреба од критичко размислување, има потреба од прагматизам, бидејќи Европа стана жртва на сопствената амбиција да биде морален лидер во свет без правила“, рече тој.

Висок дипломат на ЕУ рече дека Радев не е ни блиску до Орбан како деструктивна сила. Тие рекоа дека Радев е во „многу поинаква лига“ кога станува збор за неговата способност или желба да ја преврти политиката.

Во деновите пред изборите, поранешниот пилот на „МиГ-29“ Радев ги отфрли обвинувањата дека е проруски ориентиран. „Не гледам каква проруска позиција имам. Имам целосно пробугарски позиции, имам проевропски позиции“, рече тој. А на последниот митинг во кампањата на само една секунда на голем видео бим пушти фотографија како се ракува со Владимир Путин.

Бугарија по овие избори изгледа дека влегува во помирна политичка фаза. Двајцата од фронтмените на системот на статус-кво и корупцијата, Бојко Борисов и Дељан Пеевски, доживеаја важен пораз. Зад Радев нема ниту една корупциска афера, но сега тој ќе мора да научи да раководи со земјата, а не да биде шеф на државата, каде што немаше такви лостови. Бугарите постојано очекуваат некакви „спасители“ по падот на комунизмот. И брзо се разочаруваат ако спасителот се покаже дека им давал лажна надеж. Румен Радев тоа добро го знае. Како што знае што се случува кога авионот почнува да губи висина. (Н.В.)