Ни УНЕСКО не ги исплаши локалните моќници на ДУИ


Нефи Усеини не е градоначалник како неговите сопартијци од ДУИ – Рамиз Мерко во Струга или Блерим Беџети во Сарај, туку е само еден од вкупно 23 члена на Советот на Охрид. Сепак, неговиот глас е одлучувачки во Советот, каде што СДСМ има 11, а ВМРО-ДПМНЕ само еден советник помалку. Тоа, можеби, е една од причините што му овозможија на Усеини да се промовира како уште еден локален моќник од редовите на владејачката партија на Албанците, чии функционери деновиве постапуваат спротивно на препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион.

Последниот 23. советник во Охрид е од редовите на опозициската Беса. Тоа е Џемаил Мена, кој минатиот месец пријави в полиција дека физички бил нападнат од Усеини во просториите на Општина Охрид. Еден месец претходно, во периодот меѓу двата круга од претседателските избори, советникот на ДУИ предизвика исто така инцидент, кога вербално нападна обвинител и инспектор од Управата за културно наследство, кои дошле да извршат надзор над дивоградбата кај чинарот, за чија изградба Исеини како инвеститор немал потребни дозволи. Минатата седмица, дивоградбата на Исеини, за која пред неколку месеци беше издадено и решение за уривање, стана пицерија, која свечено ја пушти во употреба струшкиот градоначалник Мерко. Тој, пак, пред извесно време беше исто така на удар на јавноста поради масовното палење на трската на струшкото крајбрежје и спротивставувањето на Владата во однос на предлогот таа да го преземе управувањето со плажите од локалната самоуправа. Во тоа време, паралелно се развиваше и случајот со платформите што без дозвола се поставуваа во заштитеното подрачје на кањонот Матка, додека градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, тврдеше дека градот Скопје сака да ѝ ги одземе ингеренциите на Општината.

Нефи Усеини

Последниот случај со дивоградбата на Усеини е специфичен поради тоа што свеченото отворање на пицеријата се случи во време кога Охрид за малку избегна да се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО. Дивоградбата кај чинарот, пак, е една од списокот на оние за кои УНЕСКО бара уривање, за што од Владата најавија дека тие ќе постапат согласно со препораките, доколку тоа не го направи локалната самоуправа.

Министерот без ресор од редовите на СДСМ, Едмонд Адеми, кој беше дел од нашата делегација во Баку, каде што се одржа сесија на Комитетот за светско наследство, вчера излезе со оценка дека на две раце може да се избројат дивоградбите во заштитеното подрачје на Охрид.

– На прстите од двете раце може да се избројат дивоградбите од типот куќи, угостителски објекти или хотели во заштитениот појас во Охрид. Најголем дел од 409 градби не се цврста градба, во смисла куќи, хотели, туку дел се гаражи, огради, дел се дополнителни скали – изјави Адеми во интервју за Радио слободна Европа.

На тоа реагираше професорот Владимир Милчин оценувајќи дека министерот ги извртува фактите и се обидува да го одбрани неодбранливото.

– Пицеријата кај чинарот е скали? Хотелот во Лагадин е гаража? Како не ти е срам – напиша Милчин на Фејсбук.

Прашан колку дивоградби ќе бидат отстранети во рокот што го даде УНЕСКО, Адеми рече дека тоа не е задача на Владата туку на општината и зависи од нејзините капацитети и можности.

– Се надевам и верувам дека до февруари голем дел од нив ќе бидат расчистени. Kако што изјави и премиерот, ако општината нема капацитети и можности тоа да го реши, доколку се обрати до Владата, таа ќе излезе во пресрет – изјави Адеми.

За тврдењата на НВО дека во Баку не бил презентиран ист закон со тој што е доставен во Собранието, Адеми категорично негира и посочува дека донесувањето на законите е процес.

– Во јануари е пратена верзија на законот. Знаете, легислативата и законот е процес. Во април е пратена втората верзија во Баку, онаа што е усвоена на седница на Влада. Ако ги читате заклучоците од Баку, УНЕСКО ја поздравува одлуката на Владата за усвојување на законот што е сега во парламент. Значи, не е точно дека во УНЕСКО е пратена друга верзија, а во парламент друга – истакна Адеми.

Според него, забелешките од УНЕСКО за Охрид не се од вчера, туку од 2009, 2010 и 2013 година.

– Голем дел од вината зошто Охрид и Охридскиот Регион се најдоа во ваква состојба е благодарение на претходната влада. Голем дел од тие дивоградби се откако во 2009 година беше донесен законот за легализација. Сега ситуацијата е таква каква што е. Проблемот е во наши раце и оваа влада ќе испорача резултати – изјави Адеми.

Откако законот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион влезе во прва фаза од собраниската процедура, повеќе невладини организации реагираа поради наводно вметнувањето нови членови – спротивни на заложбите за заштита на нашиот туристички бисер. Тие посебно ги критикуваат измените со кои се предвидува советот за Охридскиот Регион да ги гласа сите препораки со Бадинтерово мнозинство. Сметаат дека со ова ќе им се отвори пат политичките субјекти директно да влијаат на сите одлуки на советот.

ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа СДСМ, ја штеди ДУИ

Дали Петре Шилегов ќе го видиме како сече лента на отворањето на дивоизградената платформа на Матка? – праша вчера ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи на информацијата дека градоначалник од владејачкото мнозинство свечено отвори дивоградбата во центарот на Охрид, во сопственост на советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини.

Не споменувајќи воопшто дека се работи за градоначалник на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека СДСМ јавно го одобрува никнувањето на дивоградби низ државата, затоа што зад нив се кријат политички и бизнис-интереси на власта.

– Оваа неодговорна, неспособна и криминална власт е одговорна за тоа што Охрид наскоро може да го изгуби статусот во УНЕСКО. Нивното самоволие оди дотаму што на скандалозен начин во Собранието сакаат да протуркаат закон што не е ист со оној што беше презентиран на Сесијата на Комитетот за културно наследство во Баку. Самобендисаноста и ароганцијата на СДСМ оди до таму што не ја презентираа вистинската и реална ситуација во Охрид, а тоа е бидејќи не беа способни да ги спроведат препораките на УНЕСКО -велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Нејасно е и зошто со предложениот закон се предвидува во советот за охридскиот регион да биде именуван член од Министерството за политички системи и тоа тело одлуките да ги носи според Бадинтерово мнозинство. Класично политизирање со културното и природно наследство на Република Македонија. Ова е уште еден показател дека Заев е подготвен на политички пазар за се во државата па дури и за природното и културно – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ во која не се фрла ни прашинка на Мерко, кој ја отвори дивоградбата. (А.М.М.)