Ни потерница, ни барање за екстрадиција: СДСМ тврди дека власта и натаму го штити Груевски

Интерпол не издава налози за апсења за лица што добиле политички азил, а Владата тактизира со екстрадицијата


СДСМ реагира на информацијата дека нема активна потерница против Никола Груевски , а нема ни барање за екстрадиција од страна на нашата влада, толкувајќи го тоа како обид на премиерот Христијан Мицкоски да го заштити и натаму од судска казна.
 
„Уште не постои важечко барање за екстрадиција на Никола Груевски од Унгарија.  Барањето поднесено од претходната влада СДСМ е истечено, а актуелната Влада на Мицкоски не поднела ново барање. Исто така, нема активна потерница од Интерпол за негово апсење. Мицкоски и ВМРО-ОКГ ништо не направиле за да го вратат Груевски во Македонија и да одговара пред правдата.
 
Ова не е случајност.  Ова е јасен доказ дека Мицкоски ја штити криминалната организација на која самиот е дел. Додека јавно се фали со „чувство“ и закани кон опозицијата, за Груевски, кој е осуден за повеќе кривични дела, не само што не презема ништо, туку активно го чува во Будимпешта. Мицкоски може да продолжи да го крие Груевски колку што сака. Но, граѓаните јасно гледаат кога станува збор за нивните криминални соработници, ВМРО-ОКГ ги штити со сите сили. Кога станува збор за политички противници, тогаш „имаат чувство“ и јавно им се закануваат со прогон и Обвинителство. Никој не е над законот, ниту Груевски, ниту Мицкоски, ниту нивните заштитници, реагираат од СДСМ.
 
Иако името на Груевски стои на меѓународна потерница на македонското МВР, што сугерира дека таа е активна, унгарскиот медиум Телекс објави дека потерница за Груевски нема во базата на Интерпол. БИРН уште во 2020 година објави дека одредбите наменети за заштита на политичките бегалци од прогон од страна на репресивни режими иронично го штитат поранешниот премиер на Македонија од затворска казна и други кривични обвиненија. Како што пишува БИРН, со добиениот политички азил Груевски е во суштина слободен човек, а неговиот статус во Унгарија го спречува Интерпол да ја издаде потерницата што Северна Македонија ја бара од 2019 година, проценувајќи ги шансите во вакви услови да се најде зад решетки рамни на „нула“. Имено, според  правилникот на Интерпол донесен во 2015 година и потврден во 2017 година, „секоја потерница или црвена потерница што се однесува на бегалци ќе биде индивидуално оценета од страна на Генералниот секретаријат за одобрување“.
 

„Интерпол нема да издаде налог за апсење ако тој дојде по барање на земјата од која избегал бегалецот и ако неговиот статус на бегалец веќе е потврден во земјата каде што побарал засолниште“, стои во правилникот. Говорејќи во 2017 година, генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток, рекол дека одредбите се дизајнирани да спречат злоупотреба на Интерпол за  политички пресметки.