Невремето уништи делови од коритото на Серава – активирана гаранцијата
Големото невреме во Скопје, нанело штети на коритото на реката Серава која тече низ Општина Бутел, а кое беше чистено и уредувано во март годинава.
Затоа што изведбата имала гаранција од 10 години, а невремето во Скопје, успеа да го оштети по само неколку месеци, Општина Бутел ја активираше гаранцијата за санирање на штетите на коритото на реката Серава, со што започнува постапката за целосна санација на сите утврдени оштетувања, информираа денеска од локалната самоуправа.
Од Општината посочуваат дека со активирањето на гаранцијата се преземаат конкретни активности за отстранување на недостатоците на коритото, согласно договорните обврски.
– Проектот за изградба на речното корито на Серава, во должина од 1.800 метри, заедно со трим-патеката, е еден од најголемите капитални зафати реализирани во Општина Бутел. Во рамки на проектот е изграден и парк со површина од 5.000 квадратни метри – велат од општина Бутел.
Градоначалникот Дарко Костовски истакна дека нема да дозволи неквалитетна изведба на проектот и дека сите оштетувања ќе бидат целосно санирани преку активирање на гаранцијата, во согласност со договорот со изведувачот.
Од Општина Бутел нагласуваат дека целта е инфраструктурниот проект да биде реализиран со соодветен квалитет и трајност, во интерес на граѓаните.
По кој пат се уредува коритото на Серава во Бутел? Ќе заличи ли овој пат?