Хакиран мејлот на главниот државен ревизор, Максим Ацевски
Главниот државен ревизор Максим Ацевски информира дека неговата службена електронска адреса [email protected] била цел на безбедносен инцидент, при што од неа биле испратени неовластени пораки.
Во известувањето Ацевски ги повикува сите приматели да ги игнорираат и избришат пораките во кои се бара внесување на корисничко име, лозинка или други доверливи информации.
„Доколку сте кликнале на линк или сте внеле податоци, ве молам веднаш променете ја лозинката на вашата електронска пошта и известете ја вашата ИТ-служба“, се наведува во соопштението.
Тој информира дека ИТ-службата на ДЗР навремено реагирала, сметката била обезбедена и се преземени сите потребни мерки за спречување на понатамошна злоупотреба.
Воедно, Ацевски им препорачува на сите корисници превентивно да ги променат лозинките на своите електронски пошти.
„Се извинувам за евентуалната непријатност и ви благодарам за разбирањето“, порачува главниот државен ревизор Максим Ацевски.