Дури 30 отсто од вработените во Министерството за односи меѓу заедниците немаат компјутери за да работат


Без стратегија, основна опрема за работа и речиси никаква кохезија меѓу вработените, функционирало Министерството за односи меѓу заедниците, осд неговото формирање до денес. Новиот министер Агон Ферати, планира да изгради доверба кон ова министерство, а тоа да почне да работи во насока на подобрување на меѓуетничките односи и односите меѓу различните заедници, од ниво на обрзование, преку фудбалски натпревари, до политички говори. 

Ферати вели дека во Министерството, со кое претходно раководеа Артан Груби, а потоа Иван Стоилковиќ, од вкупно 139 вработени , околу 30 проценти немаат соодветни услови за извршување на своите работни задачи поради недостиг на основна опрема, како што се компјутери, работни маси и соодветен работен простор.

„Затекнавме институција во која човечките ресурси не биле искористени на соодветен начин, а поединци блиски до политичките кабинети имале поголемо влијание од самата институционална структура“, рече Ферати, на денешниот брифинг со новинари.

Тој истакна дека веднаш по преземањето на функцијата започнал процес за подобрување на внатрешната кохезија, преку состаноци со раководителите на секторите и експерти, со цел да се изнајдат решенија за поефикасно функционирање на Министерството.

Според Ферати, еден од најголемите проблеми е недостигот од стратешки документи.

„Од формирањето на Министерството досега постојат само два стратешки документи, со траење од две години, а секоја стратегија треба да биде барем за пет години. Тоа покажува дека институцијата немала јасна насока и долгорочна стратегија“, изјави министерот.

Најави формирање на два нови сектори – Сектор за стратешки партнерства, кој ќе биде задолжен за меѓународната соработка и европските фондови, како и Сектор за анализи и истражувања.

За овие сектори, тој најави осум до 12 нови вработувања, на луѓе компетентни за работата која ќе ја извршуваат. Сепак, тој не може така лесно да се ослободи и досега вработените, па планира да организира обуки за нив за да може да им се доделат конкретни работни задачи.

Ферати вели дека во изминатиот период средствата за грантови не биле распределувани рамноправно, па така од 36 доделени грантови, 29 биле наменети за српската заедница и здруженија, претежно за организирање културни активности, а еден од грантовите изнесувал 500.000 денари.

„Ова се државни пари и следната година приоритет ќе биде нивна поправедна и попропорционална распределба“, рече Ферати, а планира и да ги охрабри македонските здруженија да конкурираат на јавните повици, а не како досега перцепцијата да им биде дека е невозможно едно македонско здружение да добие грант од Министерството за односи со заедниците.

Министерот повика на поголема соработка со медиумите, нагласувајќи ја нивната улога во зачувувањето на општествената стабилност и кохезија.

Како пример ги посочи тензиите што се создаваат за време на спортските натпревари, при што, според него, навредите од стадионите често се пренесуваат на социјалните мрежи, а потоа се рефлектираат и во политичките институции.

„Не можеме да им наложуваме на медиумите што да објавуваат, но телевизиите имаат многу важна улога во пораките што ги испраќаат до општеството“, истакна Ферати.

Тој оцени дека една од причините за незадоволството меѓу заедниците е и начинот на распределба на инвестициите и јавната поддршка, сугерирајќи дека и во спортот треба да се применува поизбалансиран пристап.

„Ако капиталните инвестиции се распределуваат пропорционално меѓу општините, можеби таква логика треба да се применува и во други области, вклучително и во спортот, за да се намалат тензиите и поделбите“, заклучи министерот Ферати.

Инаку, во министерството работат 139 луѓе, а само петмина се отпуштени од работа, кои пак се жалаат на одлуката, а судовите ќе го имаат последниот збор. Оние вработени, кои претходно јавноста ги виде дека спијат во канцелариите, каде немаше ниту доволно бироа и сточлиња,  доаѓаат на работа.(Б.Б.)