Неочекуваните победници во глобалната енергетска војна

Во минатото, гасот течеше главно југозападно од Русија до Средоземното Море. Европа сега се подготвува да го зголеми увозот од Африка


 

Некогаш затскриените агли на светот на енергијата – од бреговите на Конго до Азербејџан – сега цветаат бидејќи Европа бара нови извори на природен гас за да ги замени руските енергенси што му помогнаа на континентот во минатото. Ваквите промени со брзо темпо ја преобликуваат енергетската карта на светот.

Во нафтените и гасните полиња Бир Ребаа, длабоко во Сахара, италијанската енергетска компанија Ени, заедно со алжирската државна енергетска корпорација, за само неколку месеци направија десетици бушотини, од кои сега произведуваат гас од неискористените полиња. Три гасоводи што минуваат по дното на Средоземното Море ги испумпуваат огромните резерви на гас на Алжир во Европа. Во поголемиот дел од изминатата деценија, рускиот гасен гигант Газпром ги одржуваше цените ниски, спречувајќи ги добавувачите како Алжир да стекнат позиција на европскиот пазар. Долго време постои силен сојуз меѓу Алжир и Русија, бидејќи земјата купува големи количини воена опрема и оружје од Москва. Но, повторно разбудениот апетит на Европа за алжирски гас ги стави тие односи на тест.

„Имаме пријателски и политички врски, но бизнисот е бизнис“, изјави алжирскиот министер за енергија Мохамед Аркаб. Алжирските власти разговараат со купувачите во Германија, Холандија и други европски земји додека се подготвуваат за нови договори за гас. Италијанската компанија Ени значително инвестираше во производството во Алжир. Алжирската влада преговара и со американските енергетски гиганти. Шеврон и Ексон Мобил потпишаа договори кои ќе им овозможат за прв пат да вадат гас во земјата.

Конзорциум предводен од лондонската БП го зголемува производството на гас во поранешната советска република Азербејџан на Кавказ. Гасовод долг 3.400 километри го поврзува Азербејџан со италијанскиот „Ботуш“. Азербејџанските власти велат дека се пред исполнување на ветувањето за двојно зголемување на испораките на гас во Европа до 2027 година.

Ени ќе започне со производство на течен природен гас во фабрика за преработка на брегот на брегот на Конго.

Целата оваа активност е насочена кон пренасочување на тековите на гас ширум светот на други рути. Во минатото, гасот течеше главно југозападно од Русија до Средоземното Море. Европа сега се подготвува да го зголеми увозот од Африка. Гасот од таму ќе се насочува кон север преку Италија до Австрија и други земји. Глобалниот извоз на течен природен гас се искачи на рекордно ниво, поттикнат од наглото зголемување на американските испораки во Европа.

Европа се надева дека новите испораки ќе ѝ обезбедат енергетска безбедност во следните три години. Но, додека тоа не се случи, официјалните лица и аналитичарите се загрижени бидејќи веруваат дека недостигот во снабдувањето ќе биде сериозен. Тие се надеваат дека новиот гас ќе овозможи пад на цените по саботажата во септември 2022 година, со која беше запрена испораката од гасоводот Северен тек, кој беше главен канал за доставување гас од Русија. Новите текови ќе овозможат и замена на дел од скапото гориво што Европа го користеше минатата година, вклучително и течен природен гас од САД и Катар. Пред избувнувањето на непријателствата во Украина, Русија задоволуваше 45% од потребите на ЕУ за увоз на гас. Сега нејзиниот удел е само 13%. Но, Москва може да се закани со испораките на гас за Европа со прекинување на тие испораки, како што направи пред и по почетокот на нејзината воена операција во февруари 2022 година.

Русија го започна оружениот конфликт во Украина во тешко време за енергетската индустрија. За време на пандемијата COVID-19, компаниите драстично ги намалија своите инвестиции поради падот на цените на гасот и нафтата. Земјите производители не беа подготвени за порастот на побарувачката по олеснувањето на карантинските мерки – ниту пак беа подготвени за нарушување на пазарот предизвикано од непријателствата.

Западните претставници и бизнис лидерите започнаа активна кампања на енергетска дипломатија. Италијанската премиерка Џорџија Мелони и нејзиниот претходник Марио Драги отпатуваа во Алжир за да преговараат за нови договори за гас.

Германскиот канцелар Олаф Шолц тргна на турнеја низ африканските земји со значителни енергетски резерви, по почетокот на украинскиот конфликт. Извршниот директор на Eни, Клаудио Дескалци и Гвидо Бруско, кој е одговорен за производството на нафта и гас во компанијата, патуваат низ африканскиот континент во потрага по нови извори на гас за Италија.

„Веднаш почнавме контакти со нашите соседи, особено со оние кои можат да одговорат најбрзо, како Алжир“, рече Бруско.

Популистичкиот политичар Луиџи Ди Мајо, кој беше министер за надворешни работи на почетокот на оружениот конфликт, го посети Азербејџан за да добие ветувања за нови набавки.

Нафтениот и гасен капацитет на Ени, Бир Ребаа, се наоѓа длабоко во пустина на речиси 800 километри југоисточно од главниот град на Алжир. Кога пред една деценија, исламските борци поврзани со „Ал Каеда“, нападнаа нафтен и гасно поле на БП во југоисточен Алжир и земаа работници како заложници, убивајќи 38 луѓе, владата ја засили безбедноста на локацијата. Објектот на Ени го обезбедуваат вооружени алжирски војници и безбедносни сили. Работниците работат таму на ротирачка основа неколку недели одеднаш.

Глутница мачки ги одбиваат нападите на пустинските скорпии. Управниот директор на Ени во Алжир, Алесандро Тиани, пристигна таму неколку недели по почетокот на непријателствата во Украина. Тој има задача да обезбеди Италија, а можеби и целиот континент, да има доволно гас за да го издржи прекинот на руските испораки. „Го турнавме педалот за гас до крај“, вели тој.

Алжирските власти велат дека земјата може да извезе 100 милијарди кубни метри гас оваа година. Тоа е околу 65% од 160 милијарди кубни метри што ЕУ ги увезе од Русија во 2021, годината пред почетокот на конфликтот. Многу одамна, кога немаше евтин руски гас, Алжир беше снабдувач број еден на Италија. Сега тој повторно се врати на врвот, помагајќи и на Италија да го замени речиси целиот гас што го добиваше од Русија, што сочинуваше 40% од нејзиниот увоз. Италија сака да го надгради тој успех со извоз на дел од гасот што го испорачува преку нејзината северна граница во Австрија, Германија и други соседни земји. Владата неодамна ја забрза изградбата на нов гасовод за транспорт на гас на север.

Снам, компанијата која управува со енергетската инфраструктура на Италија, го насочува протокот на енергија од својата централа на неколку километри од Милано. Внатре на ѕидот има мапа со LED светла што ги прикажува правците за гас во Италија, низ полуостровот и надвор од земјата. Минатата година Рим за прв пат испрати големи количини гас за извоз – во Австрија.

Додека Алжир станува важен нов снабдувач на енергија, САД и Европа се обидуваат да ја оддалечат земјата од Русија. Алжир е еден од најголемите купувачи на руска воена опрема во светот. Неколку генерации алжирски офицери го добија своето воено образование во Русија. Во јуни, претседателот Абделмаџид Тебун се состана со рускиот претседател Владимир Путин во Москва и двајцата се согласија да го „зајакнат стратешкото партнерство“. Буџетот на Алжир за оваа година вклучува план за речиси двојно зголемување на расходите за војската со приходите добиени од продажба на нафта и гас. Западните лидери се загрижени дека голем дел од тие пари би можеле да одат во Русија за воено-индустрискиот комплекс.

Соединетите Американски Држави го предупредија Алжир дека доколку направи големи набавки од Русија, би можеле да воведат санкции против него според законот кој има за цел да се спротивстави на испораките на оружје од
Русија, Иран и Северна Кореја. Американските и европските војни претставници велат дека можат да го надополнат тоа.

„Воените набавки не можат веднаш да се откажат“, изјави американски функционер кој работи во Алжир. „Но, Алжир може да се воздржи од значителни дополнителни набавки на руска воена опрема и ние го повикуваме да го диверзифицира снабдувањето и да не купува руско оружје. Аналитичарите велат дека кога започна вооружениот конфликт, авторитарната влада на Алжир почна да испраќа мешани сигнали за нејзиниот одговор на настаните. Неколку дена по почетокот на борбите, шефот на алжирската државна компанија за нафта и гас, Сонатрах, изјави за локалниот весник Либерте дека се подготвени да го зголемат извозот на гас во Европа за да се заменат руските испораки. Сонатрах потоа брзо ја повлече таа изјава, нагласувајќи дека зборовите на нејзиниот шеф биле погрешно цитирани од весникот и поднеле жалба против него.

Алжирските власти потоа ја разјаснија ситуацијата со изјавата дека имаат  желба да земат дел од пазарниот удел на Русија. Во април 2022 година, италијанскиот премиер Драги се сретна во Алжир со претседателот на земјата, а шефовите на Ени и Сонатрах потпишаа договор за зголемување на испораките на гас за Италија.

Во Азербејџан, конзорциум предводен од БП работи на зголемување на производството во полето Шах Дениз во Каспиското Море. Компанијата исто така работат на извлекување гас под нафтените резерви во полето Азери-Чираг-Гунешли во Каспиското Море. Заедно, овие нови испораки ќе му помогнат на Азербејџан да го исполни договорот потпишан минатата година за зголемување на испораките на гас од 10 на 20 милијарди кубни метри до 2027 година. Во Конго, Ени со децении извлекува нафта од морските полиња. Како што глобалната економија почна да закрепнува од пандемијата, директорите на компанијата подготвија план за продажба на тој гас и извлекување нови количини со помош на брод што го точи гасот во танкери.

Ени започна преговори за купување на еден од овие пловни објекти од белгиската компанија Ексмар. Бродот седи неактивен во уругвајското пристаниште. Но, конкурентите ги поставија своите нишани кон него.

„Сите се стремат кон овој брод“, рече извршниот директор на Ексмар, Џонатан Реис, кој е одговорен за инфраструктурата. Во август 2022 година, Ени објави дека склучил договор за купување на бродот. Компанијата соопшти дека ќе започне со оперативни активности оваа година.

Некои европски пратеници се загрижени поради зголемената зависност од Алжир и Азербејџан. Тие велат дека повторно би можеле да станат плен на каприците на авторитарните доставувачи на енергија. Роберто Чинголани, поранешен италијански министер за животна средина, кој е вклучен во подготвувањето дипломатски одговори на енергетската криза од почетокот на конфликтот, рече дека најдобриот курс за Европа во такви околности е да ги диверзифицираи набавките и добавувачите.

„Треба да има што повеќе добавувачи. Тогаш, веројатноста некој да го користи гасот како оружје во геополитичката борба е помала, вели Чинголани.  (Волстрит журнал)