Немирите во Франција – поттик за десницата?


Дали бранот на насилство по убиството на 17-годишниот Нахел пред една недела, насочен против државата и нејзините институции, би можел да ја зајакне десницата?

Иако се чини дека насилството на улиците полека стивнува, во многу француски градови не може да стане збор за враќање во нормална состојба. Смртта на 17-годишниот Нахел, кој беше застрелан при полициска контрола, на многу места во Франција предизвика гнев кон државата и институциите, особено откако на социјалните мрежи се појави видео клип кој се чини јасно покажува дека полицаецот не пукал во самоодбрана. Насилството беше пред сѐ насочено спрема симболите на Републиката, полициски станици, училишта и седишта на градската управа. Кулминација беше нападот врз домот на градоначалникот на помало место во околината на Париз, кога непознати сторители со возило ја пробиле портата на куќата и предизвикале пожар. Сопругата на градоначалникот се повредила при обидот да избега со двете деца. Обвинителството отвори истрага заради обид за убиство. Пред повеќе градски собранија неделава имаше собири во знак на солидарност.

Од почетокот на немирите ширум цела земја уапсени се повеќе од 3.000 лица. Корист од ваквиот хаос може да извлече пред сѐ десноекстремната партија на Марин Ле Пен, Национален сојуз.

Колкава е солидарноста со семејството на Нахел?

Многу француски политичари децидно го осудија застрелувањето на 17-годишниот Нахел, прв меѓу нив претседателот Емануел Макрон кој делото го оцени како „необјасниво” и „непростливо”. Партиите од центарот и левицата заземаа ист став. Франсоа Руфин, пратеник од крајно левата партија Непокорена Франција, повика целата нација да покаже солидарност со една мајка „чијшто 17-годишен син е застрелан од непосредна близина, иако не претставувал закана на никаков начин”.

Во многу француски градови луѓето се одѕваа на повикот да се соберат пред градските собранија и да протестираат против насилството на улиците

Сепак неограничена солидарност со семејството на Нахел не доаѓа од сите страни, па така претседателот на конзервативната партија Републиканци, Ерик Сиоти, на Твитер вети „поддршка” за мајката, но, исто така, и за полицијата и додаде дека треба да се сочекаат резултатите од истрагата пред да се осуди полицаецот кој пукаше.

Политичарот веќе два дена по инцидентот побара да се прогласи вонредна состојба, која на властите би им дала широки ингеренции, на пример и да го ограничат правото на собири, или да спроведуваат рации во домовите.

Морел: Стратегија на вратоврски

Сиоти оди многу подалеку со барањата од Марин Ле Пен, претседателски кандидат на Националниот сојуз на изминатите претседателски избори и актуелен претседател на пратеничката група во собранието. Изјавите на Макрон таа ги опиша како „ексцесивни” и потенцираше дека мора да се сочекаат резултатите од истрагата против полицаецот. Но, вонредна состојба според Ле Пен треба да се прогласи само во случај ситуацијата дополнително да се влоши.

Бенжамен Морел, доцент по право на универзитетот Пантеон Асас во Париз, тоа го нарекува „стратегија на вратоврски”. Партијата веќе неколку години се обидува да се прикаже умерена, вели Морел. „Насекаде носат вратоврски и костуми, на пример во собранието, и не паѓаат како порано во очи со многу радикални изјави”, вели тој. „Во актуелнава криза, Национален сојуз се речиси на иста линија со Макрон”, посочува доцентот во разговор со ДВ и објаснува дека „во Франција, за разлика од други земји како Германија, не може да дојдат на власт преку коалиции, туку мора да бидат први на претседателските избори, а за тоа е потребно да привлечат страшно многу гласачи”.

Ивалди: Двојна стратегија

Некои членови на Национален сојуз и натаму се хардлајнери, дополнува Жил Ивалди, политиколог на Центарот за истражувања „Цевипоф” во Париз. Како пример го наведува претседателот на партијата, Жордан Бардела. Младиот човек од 27 години, кој и самиот потекнува од доселеничка фамилија, зборува за „последици од комплетно неразумна имиграциона политика” и ветува дека сите „странски криминалци” ќе ги протера од земјата ако Национален сојуз победи на следните избори.

„Партијата спроведува двојна стратегија во која ги ‘послужува’ и нејзините традиционални, екстремни гласачи, како и потенцијални нови кои се грижат за својата безбедност и кои сега преку ликот на Ле Пен во Национален сојуз гледаат прифатлива партија која повторно ќе воспостави ред”, вели политикологот Ивалди во разговор со ДВ.

Крепон: Секогаш се виновни доселениците

Национален сојуз и натаму има расистичка програма, вели Силвен Крепон, доцент за политички науки при Универзитетот Тур во централна Франција. „Партијата сака да стави точка на било какво доселување од места надвор од Европа и децидно е против вредности како интеграција и еднаквост”, вели тој за ДВ. Тоа е толку општо познато, што партијата веќе не мора ни да зборува за тоа, смета тој.

„Дури и Марин Ле Пен да не го кажува тоа експлицитно, сите знаат дека за нејзината партија секогаш доселениците се виновни за криминалот во Франција. Кога други политичари, како Сиоти го кажуваат истото, тоа оди само во прилог на Национален сојуз, затоа што гласачите порадо гласаат за оригиналот отколку за некоја копија”, вели Крепон. Таквата стратегија полека, но сигурно носи плод. Во вториот круг од претседателските избори минатата година, Ле Пен освои 41,5 проценти од гласовите, наспроти 34 проценти во 2017 година.

Сите тројца експерти се согласни дека актуелната криза би можела да им даде полет на десноекстремните. Тоа се чини го поткрепува и резултатот на два онлајн повици за донации во кои за семејството на Нахел беа собрани нешто повеќе од 260 илјади евра, додеказа семејството на полицаецот кој го застрела малолетникот повеќе од 1,2 милиони евра.

Десницата се засилува – полека, но сигурно

Француските власти нагласуваат дека на кризата, исто како и на можниот полет за екстремната десница во Франција, реагираат со средствата на правната држава.

„Го засиливме полициското присуство и во контакт сме со локалните власти и здруженија и со семејството на Нахел. Додека други предлагаат радикални решенија, ние сакаме да спречиме поделби во општеството”, одговори на прашање на ДВ портпарол на владата на почетокот на неделава на брифинг со медиумите. Владата веќе има доста направено за предградијата, но мора да израмни дефицит кој се собирал со децении, вели портпаролот на Елисејската палата.

Мишел Кокореф, професор по социологија на Универзитетот Винсен Сен Дени во Париз, кој важи за експерт за состојбите во предградијата, вели дека „тоа е просто неточно. Владата меѓу другото во 2018 година едноставно се откажа од акциски план за предградијата тежок 48 милијарди евра”, вели експертот за ДВ.

„Единствениот начин да се спротиставиме на десницата е да ги пополниме пукнатините во општеството за да се спречат во иднина немири во предградијата. За тоа се потребни реформи, на пример во полицијата, за да има полициски единици и во предградијата кои секојдневно се во контакт со населението”, оценува професорот.

Дури и владата под Емануел Макрон да започне со реформи, ќе биде потребно време за тие да покажат ефект. Но, до следните претседателски избори има уште само четири години.

(Дојче Веле)