Немири на протестите против мерките за корона вирусот во Германија


 

Во Германија дојде до судир меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираат против воведените мерки против корона вирусот.

Полицајците на протестите користеле бибер-спреј и пендраци против лицата кои се обиделе да ги пробијат полициските бариери.

Околу 10.000 луѓе протестираа во градот Касел во централна Германија, а повеќето од нив не се придржуваа до мерките, па така не носеа заштитни маски ниту држеа физичка дистанца.

Од полицијата соопштија дека неколку лица се приведени, но не прецизираа колку.

Неколку групи, повеќето од крајно десничарските противници на владините прописи за борба против пандемијата, повикаа на протести во градовите ширум земјата.

Во Берлин околу 1.800 полицајци беа подготвени за можни нереди. но само неколку десетици демонстранти се собраа пред Бранденбуршката порта.

Во меѓувреме, околу 1.000 граѓани се собраа на берлинскиот булевар Унтер ден Линден во знак на протест против демонстрациите на крајната десница.

Полицијата мораше да интервенира кога некои од десничарите се обидоа да нападнат фоторепортери, но ситуацијата главно е под контрола.

Заразата во Германија последните седмици значително се зголеми, а владата следната недела ќе одлучи на кој начин ќе реагира.

Германската канцеларка Ангела Меркел во петокот изјави дека Германија мора да прикочи и повторно да ги прошири мерките.

Германскиот национален центар за контрола на болести соопшти дека новите инфекции експоненцијално растат затоа што позаразниот британски сој доминира кај новите случаи.

Освен во Германија, граѓани денеска демонстрираа и во Австрија, Швајцарија и во Финска, пишува АП.