Недостигот на делови ќе блокира производство на 3,9 милиони возила

Автомобилската индустрија нема да може да го заврши производството на околу 3,9 милиони возила планирани за оваа година поради тесните грла во снабдувањето со клучни електронски делови, откри германската консултантска фирма Аликс Партнерс.
Тие 3,9 милиони возила вредат околу 110 милијарди долари, а износот е речиси двојно поголем отколку што се проценуваше во јануари, објави во петокот Аликс Партнерс.
Значителниот број непроизведени возила, исто така, ќе влијае на продажбите на компаниите, изјави менаџерот на Аликс Партнерс, Маркус Клајнфелд, иако тие ќе ги намалат залихите и со тоа делумно ќе го ублажат тој ефект.
Фолксваген проценува дека поради недостиг на полупроводници во првиот квартал, тие не успеале да состават околу 100.000 возила. Последиците може да бидат уште поочигледни во вториот квартал, објавија неодамна.
Американскиот производител Форд за годинава предвидува дополнителни 2,5 милијарди долари трошоци поради застојот. Повеќето компании, вклучувајќи ги Фолксваген и Дајмлер, очекуваат подобрување во втората половина на годината.
Недостигот на полупроводници ја кочи глобалната автомобилска индустрија со месеци, бидејќи големите производители во корона кризата се префрлија на производство на полупроводници за потрошувачка електроника за да се задоволи големата побарувачка.
Големите производители најавија проширување на капацитетот, но тоа е долготраен процес и чини милијарди долари, потсетува агенцијата ДПА.