Не се само уставните измени за кревање на ветото, Бугарија има барања поврзани со историската комисија, вели Сиљановска Давкова


Уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговори на земјава со ЕУ, туку Бугарите имаат и услови поврзани со протоколите поврзани со историската комисија, изјави денеска во Софија претседателката Гордана Сиљановска Давкова по билатералната средба со шефицата на бугарската држава Илијана Јотова на маргините на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), јави известувачот на МИА. 

 – Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. Да, еве јас за почеток за да им дадам шанса на преговорите, на разговорите и на дијалогот за да останам на монолог, само ќе кажам дека едно на обајцата ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам, изјави претседателката Сиљановска Давкова. 

Македонската делегација предводена од претседателката, како што кажа таа, ги изложила нашите позиции и видувања и особено ја потенцирала обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на ЕУ да ги почитуваат пресудите на Судот во Стразбур бидејќи пресудите важат за сите и сите членки на Советот на Европа имаат судии во Судот во Стразбур. 

Сиљановска Давкова рече дека исто така било посочено оти претставници на двете земји треба почесто да се среќаваат и да разговараат, колку тоа и некогаш да изгледа дека нема да вложи со резултат. 

По завршувањето на официјалната прес-конференција и предавањето на претседавањето од Бугарија на Романија, бугарските медиуми побараа изјава од македонската претседателка. Сиљановска Давкова на нивните бројни прашања поврзани со уставните измени одговараше на англиски јазик објаснувајќи дека таа не е монарх да одлучува за тоа, но исто така укажа на уставните заложби за почитување на човековите права, што не е случај во Бугарија.

Во официјалното соопштение од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова се вели дека на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварија средба со бугарската претседателка Илијана Јотова.

Во фокусот на разговорот беа проблемите во билатералните односи, врзани за македонската евроинтеграција.

Соговорничките изразија различни ставови за можните решенија за отпочнување на македонските пристапни преговори.

Сиљановска-Давкова укажа на неопходноста од интензивирање на комуникацијата меѓу училиштата, универзитетите, научните и културните институции, невладините организации и граѓаните заради надминување на предрасудите, зближување и разбирање.

Сиљановска-Давкова ја потенцираше важноста на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како обврска за сите земји-членки на Советот на Европа.

Според претседателките, треба да продолжиме да разговараме за тешките прашања.

На маргините на Самитот на ПСЈИЕ, претседателката Сиљановска-Давкова оствари средба и со Албулена Хаџиу, вршител на должноста претседателка на Република Косово.  

На средбата, обете изразија подготвеност за унапредување на македонско-косовските односи во интерес на стабилноста и европската иднина на регионот. 

Претседателката истакна дека ќе продолжиме да ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО, како и аспирациите на Косово за членство во регионалните и меѓународните организации и иницијативи. 

Сиљановска-Давкова изрази задоволство од успешната примена на „Едношалтерскиот систем“ на граничните премини Блаце и Јажинце.

Според неа, потребно е поголемо искористување на европските фондови за модернизација на граничната инфраструктура и отворање нови гранични премини. 

Во однос на безбедносните прашања, Сиљановска-Давкова ја реафирмираше  поддршката  на дијалогот Приштина - Белград, со посредство на Европската Унија.

Според неа, ваквиот пристап и помирувањето претставуваат единствен одржлив пат кон стабилност, безбедност и соработка во Западен Балкан.

Обете се согласија дека македонско-косовската економска соработка бележи континуиран напредок, а Косово останува еден од нашите најзначајни трговски партнери.