Георгиевски пресмета дека Македонија губи 8 милијарди евра поради закочената евроинтеграција
Екс-премиерот и актуелен претседател на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски смета дека Македонија губи многу финансиски средства поради закочениот европски пат.
„Многу бледо помина во македонскиот информативен простор дека Хрватска досега од ЕУ добила 21 милијарди евра нето, а Црна Гора веќе е вклучена во новиот буџет на ЕУ со 3.2 милијарди евра како нова членка. По оваа логика нашата Македонија губи околу 8 милијарди евра“, тврди Георгиевски.
Европската Унија е подготвена да пренасочи дел од средствата наменети за реформи во Западен Балкан кон земјите што важат за предводнички во тој процес, како Црна Гора, Албанија и Македонија, пренесува „Еуроњуз“, повикувајќи се на извори од Европската комисија.
Средствата што не ги користат Босна и Херцеговина, Србија и Косово, затоа што не ги исполнуваат обврските од т.н. реформска агенда, се очекува да бидат пренасочени кон земјите со најголем напредок во реформите, пишува „Еуроњуз“.
Европската комисија најавува дека подетални информации за прераспределбата на средствата ќе бидат доставени до земјите членки во текот на месецот.