Не се разговарало за кратење на платите на администрацијата


Кратењето на платите во јавната администрација воопшто не е отворено како тема на разговор, не е разгледано како можност, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој ги отфрли како неточни информациите дека меѓу него и министерката за финансии има несогласувања особено за кратењето на платите во јавната администрација.

– Јас и министерката за финансии може да имаме различни ставови и на други теми, но ние сме дел од една Влада и последните одлуки ги носиме колективно како Влада и ги почитуваме. Не дека сме имале спротиставени ставови со министерката на оваа тема. Што се однесува до подготвувањето на ребалансот и на третиот сет економски мерки, имаме одлична соработка со министерката за финансии. Соработуваме на дневна основа за да создадеме што подобри мерки кои ќе бидат поддршка на стопанството и на граѓаните, истакна Бектеши.