Не плаши се народе, нема да биде подобро

ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Без оглед која од двете големи македонски партии ќе формира влада нема да има сериозна реформа во судството. Особено ако ДУИ биде можен коалиционен партнер

 

Поминаа уште едни избори и многу веќе слушнати ветувања кои никогаш никој не ги исполнил ниту се зафатил сериозно со нивната реализација. И на ови избори покрај плукањето и изнесувањето на валканиот веш, што само го докажа фактот дека ретко кој политичар има чисти раце и искрени намери, една од главните теми беше правдата која треба да биде еднаква за сите и справувањето со корупцијата. Како и досега, устите на оние кои претендираа повторно да се сместат во фотелјите кои носат многу права и привилегии, беа преполни со ветувања кои ги повторуваат секој изборен круг а кои се забораваа кога ќе дојдат на власт.

Ниту сега не се очекува дека некој ќе се зафати со сериозна правна реформа која би го деполитизирало судството и би ја вратило довербата на граѓаните во него. Без оглед која од двете големи македонски партии ќе формира влада резултатот по ова прашање ќе биде ист – нула, ништо. Ова особено ќе се случи ако ДУИ биде можен коалиционен партнер, а како што стојат работите без него речиси е невозможно да се формира мнозинство за влада.

Ниту една од партиите нема да се зафати со сериозна правна реформа не затоа што таа е невозможна и неизводлива, не затоа што проблемите и основните причини за ваквата состојба во правосудството не се дијагностицирани, туку поради неколку субјективни партиски причини.

Првата и основна причина е сопствената сигурност. Неспорно е дека политичките партии и нивните раководства со текот на изминативе години, па и децении, се вмешани во најголемите финансиско коруптивни афери кои ѝ се случија на државата. Преку коруптивни зделки, сомнителни тендери, непотизмот, сомнителните финансирања на партијата на изборите и нетранспарентноста и неотчетноста по однос на финансиите, партиските раководства се заглавени до гуша во криминалните матни води и се извор и легло на високата корупција, а за сето тоа, покрај снимките кои сами си ги објавуваат, постојат и многу други докази кои некој многу лесно може да ги собере. Независно судство и независно правосудство би значело реална можност независен обвинител да покрене постапки, а независен суд да ги процесуира предметите против високи функционери, луксуз кој ниту една од големите партии не сака ниту смее да си го дозволи. Недопирливоста и неказнивоста на високите функционери би била минато, а тоа е нешто што ниту еден партиски функционер вмешан во низа коруптивни настани не сака да го дозволи. Токму затоа, секоја поголема афера од типот на „Рекет“, „Шпион“ итн. завршува со неколку поситни риби, кои не се битни за партијата ниту ја инволвираат. Доколку и се појави понекој партиски функционер на обвинителна клупа тоа е веќе претходно отпишан партиски кадар или партиска фракција која служи како воспитен пример за останатото партиско членство.

Втората причина е моќта. Секоја политичка партија тежнее да ја освои власта и да владее со државата и нејзините добра и ресурси, во нормалните демократски држави во полза на народот, а во онаквите како нашата во полза и корист на партијата и мал круг поединци. Една од најмоќните алатки е правосудството и од истата алатка ниту една од партиите која беше на власт не беше подготвена да се откаже. Не само затоа што партизираното правосудство е гаранција за недопирливоста на оној кој е на власт и врхушката до него, туку е и моќна алатка за справување со политичките противници и дисциплинирање и елиминација на неистомислениците. Не постои полесен начин во рамки на „законитото“ постапување на правосудните исполитизирани инстанци да се дисциплинира и елиминира неистомисленик и тоа во рамки на законот. По однос на политичките противници ова средство секогаш се користело ограничено и рестриктивно поради принципот на реципроцитет па токму затоа ништо битно ниту се случи ниту можеше да се случи со СЈО. Ниту една партија не сака да ризикува казнувајќи ги политичките противници да ја отвори пандорината кутија и нејзе истото да ѝ се случи по заминувањето од власта. Циркусот кој се прави околу наводно големите предмети е договорена игра за широките народни маси по римскиот принцип колачиња и гладијаторски игри. Ниту еден таков предмет нема своја правна разврска.

И трето и не помалку важно, е гаранција на сигурност и недопирливост на бизнис фелата. Ниту еден од тајкуните кои ги финансирале партиите или ги „подмачкале“ високите функционери и вложиле огромни суми сомнително спечалени пари во легални бизниси, не сака ниту да помисли дека еден ден некој надобуден независен обвинител или истражител ќе тропне на неговата врата и ќе почне да истражува и чепка таму каде што не треба. Сумите на вложените пари или дадените проценти на политичарите и функционерите не се дадени поради љубов туку поради сопствената сигурност и недопирливоста.

Токму поради сево ова ниту ќе се случи сериозна правна реформа ниту таа реално може да се очекува со истите играчи кои во изминативе години владееа со државата на ист начин и се вмешани во сите можни афери. Некако сево ова ме потсетува на Никола Пашиќ и неговата легендарна реченица „Не плаши се народе, подобро нема да биде“. Барем додека не се појави некоја трета опција со луѓе без политички и криминален багаж.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)