Нашите Бугари и нивните Македонци

Чешко-германската декларација е одличен пример како со политичка волја може да се решат наследените трауми. Таа го отфрла решавањето на старите грешки со нови грешки


(Колумна за Дојче веле)

Сите среќни соседи имаат разбирање и за најголемите разлики. Сите несреќни соседи не можат да се разберат дури и околу она за што се согласуваат.

Оваа парафраза на оригиналот на Толстој може да се употреби за многу случаи. И сигурно и за оваа несреќна замрзната состојба во македонско-бугарските односи , ужасната недоверба што владее меѓу двата народи, потпалувањето на заблудите, уцените и „гранитниот став“ од страна на политичарите. Не изгледа парадоксално, туку целосно бесмислено, земјата која 30 години се фали дека прва ја признала независноста на Македонија да биде громовникот кој ќе го спречува нејзиниот европски напредок. И нејзините наводни вистини од историјата да ги претставува како заповеди исклесани во камен.

Дали е тоа балкански синдром за покажување кој е поисториски, поголем и позначаен? Можеби, но тоа не е само овдешен рецепт. Во сегашнава исклучително напната ситуација околу Украина некои членки на НАТО директно воено го помагаат Киев. Други ја поддржуваат политиката на Алијансата, но јавно остануваат воздржани од испраќање оружје. Има една земја која сака драмата во која се наоѓа Украина да ја искористи за исполнување на своја цел. Таа земја е Унгарија.

Односите меѓу Будимпешта и Киев драматично се влошија во 2017 година откако украинскиот парламент го усвои законот со кој украинскиот јазик е задолжителен во училиштата од петто одделение. Овој закон предизвика гнев во Унгарија затоа што за владата на Виктор Орбан една од главните задачи е да се грижи за Унгарците во соседните земји. Во 44-милионската Украина унгарското малцинство брои 156 илјади луѓе, или 0,3 отсто. Тие се населени во Заткарпатието, чиј дел некогаш беше во состав на Австро-Унгарија, по 1918 дел од Чехословачка, а по 1945 Сталин ѝ го одзеде и го додаде на Украина.

Унгарија сега ја блокира соработката на Украина со НАТО и со ЕУ додека не се остварат барањата на Будумпешта околу унгарското малцинство. И овде има еден историски парадокс, како во случајот на Македонија и Бугарија. Унгарија беше првата земја што ја призна независноста на Украина и сега е голем кочничар на нејзиниот атлантски и европски пат. Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, во средата во интервју за провладиниот весник „Маѓар немзет“ изјави дека дури и во овој конфликт со Русија тие нема да ја поддржат Украина додека „Украинците не отстапат од својата антималцинска политика“. Тој вели: „Искрено им кажав на нашите колеги од ЕУ и НАТО дека ако Украинците не отстапат од оваа политика, тоа многу ќе ја ограничи способноста на унгарската влада да обезбеди секаков вид поддршка на Украина, дури и во овој конфликт“. Во моментов унгарски се учи во 71 училиште во регионот.

Ова е грд пример, а македонскиот е уште погрд.

Маѓепсан круг

Бугарските и македонските политичари бараат некаков излез од заплетканиот маѓепсан круг на не-решение во план 5+1, па 4+1, па 4+1+1, во проширувањето на економската, инфраструктурната и културната соработка. На некој начин да ја премостат со голем вијадукт големата националистичка врева во двете општества заробени во заблуди и предрасуди. А е многу јасно – само политичари со широка визија може да ги решаваат проблемите, а при тоа ним да им помогнат дипломатите.

Еве еден пример кој е извонредно поучен, во кој и двете страни се задоволни. А и не се.

Минатата недела, на 21 јануари, се навршија 25 години од потпишувањето на Чешко-германската декларација во Прага. Со неа двете земји затворија едно „мрачно“ поглавје во меѓусебната историја од пред, за време и по Втората светска војна. А и навраќање на испреплетната и заедничка историја меѓу двата народи.

Таа декларација не е обврзувачки договор, но е прилично добро избалансиран израз на политичка волја. Внимателно формулираниот текст не претставува „пробив“, туку е важен чекор на патот кон помирувањето. Тоа го прави возможно обесштетувањето на чешките жртви на нацистичките злосторства. Иако во правна смисла не ги затвора барањата за сопственост на Судетските Германци, таа ја изразува политичката волја на двете страни да не ги оптоваруваат меѓусебните односи со прашања кои потекнуваат од минатото.

Истиот ден, на 21 јануари, двајцата министри за надворешни работи, Аналена Бербок и Јан Липавски, издадоа заеднчки соопштение во кое, меѓу другото се вели: „На денешен ден пред 25 години, федералниот канцелар Хелмут Кол и премиерот Вацлав Клаус ја потпишаа Германско-чешката декларација за меѓусебните односи и нивниот иден развој. Декларацијата имаше двоен фокус: прво, надминување на оптоварувањата што произлегуваат од заедничкото минато на двете земји и второ, насочување на нашите односи кон иднината.

Декларацијата е камен-темелник на односите меѓу Германија и Чешка. Создаде клучни инструменти кои помогнаа да се трансформираат соседите во пријатели: германско-чешкиот иден фонд и германско-чешкиот форум за дискусија, кои дадоа и продолжуваат да даваат важен придонес кон продлабочување на меѓусебната доверба“.

Оние коишто се во неволја, политичка или друга, мислат дека нивните проблеми се најголеми или најважни. Во тие перцепции нема ништо спектакуларно различно во Софија и Скопје за третманот на „нашите Бугари и нивните Македонци“. Без оглед што зборувале уставите на двете држави. Ако ја видиме историјата на односите меѓу Германија и Чешка, меѓу Германците и Чесите, тогаш проблемите меѓу Македонците и Бугарите би можеле да изгледаат минорни, затоа што не се натопени со крвта на стотици илјади жртви, прогонства и страдања. 

Како се трујат односите

Германците почнуваат да доаѓаат во чешките земји уште во 12 век. Најголемиот број од нив биле занаетчии и трговци. Во вековите подоцна, особено за време на Австриското царство на Хабзбурзите, тоа биле времиња на подеми и падови во меѓусебните односи. Од 1861 до 1913 имаше и земско собрание во Прага во кое чешките и германските пратеници беа опседнати со кавги. На германски јазик. Австрискиот цар Франц Јозеф I го распушти собранието токму поради тие кавги со кои беше блокирана работата. Потоа дојде Првата светска војна, распадот на Австро-Унгарската империја, создавањето на демократската Чехословачка на чело со прочуениот претседател Томаш Масарик. Чешките Германци, познати како Судетски Германци беа околу три милиони, повеќе од Словаците во заедничката држава, а беа малцинство. Масарик, не беше само државник, туку и филозоф. Тој за Германците зборуваше како за „нашите Германци“ и велеше дека не постои судир меѓу својот народ и и таковината од една страна и хуманизмот од друга, туку дека има судир меѓу модерниот национализам и хуманизмот.

Историјата ги вмеша прстите во 1933 година со изборот на Хитлер за германски канцелар. Судетските Германци ги зафати бранот на национализмот и тие сѐ повеќе гледаа преку границата. Тогаш дојде Минхенскиот договор од 1938 година на Хитлер, Чембрлен и Даладје, според кој за наводен мир во Европа, Британија и Франција се согласија Судетските области во Чехословачка да им се отстапат на Германија. Тоа беше една од најголемите политички погрешни проценки во европската историја на 20. век. Чехословачка попушти пред германскиот ултиматум, потоа нацистичка Германија во 1939 година ги окупира чешките земји и го создаде протекторатот на Бохемија и Моравија, а од Словачка создаде профашистички марионетско-квинслишки режим сличен на НДХ.

Некоколку работи во овој период ги затруја односите меѓу двата народи. Во 1942 година чехословачки диверзанти на служба во британската РАФ се истоварија со падобрани и го убија заповедникот на протекторатот Рајнхард Хајдрих, еден од омилените соработници на Хитлер. За одмазда нацистите го срамнија со земја селото Лидице во близина на Прага и ги убија сите негови жители.

За време на окупацијата до 1945 година во чешкиот протекторат и во марионетската словачка држава беа убиени околу 350.000 луѓе, од кои 260 илјади Евреи. За време на војната чехословачкиот претседател во егзил, Едвард Бенеш од Лондон ги издаде контроверзните декрети со кои по завршувањето на војната треба да се протераат судетските Германци, да им се одземе нивниот имот и да го изгубат државјанството. По завршувањето на војната, во 1945 и 1946 година почна невиден прогон на судетските Германци. Речиси три милиони луѓе беа протерани од Чехословачка, главно во Баварија. За време на тие ужасни маршеви на протерување од сопствената земја под команда на државата умреа најмалку 150.000 луѓе, иако чешките историчари велат дека бројката е барем за два пати помала.

Чешко-германската декларација од 1997 година е извонреден пример како заедничката историја и трауматичните искуства од минатото да се преточат во политичка волја за иднината: канцеларот Хелмут Кол и премиерот Вацлав Клаус по потпишувањето на декларацијата

 

Овие трауми се огромни, жртвите се огромни. И за време и после војната. Но оној што има визија гледа подалеку. Првиот претседател на Чехословачка по Кадифената револуција, неповторливиот Вацлав Хавел, реши веднаш во јануари 1990 да замине во Германија за да се обиде да ги залечи раните кои изгледаа дека не можат да се залечат.

На средбата со германскиот претседател Рихард фон Вајцзекер Хавел рече: „Шест години нацистичка надмоќ беа доволни да нè направат жртви на инфекцијата на злото. Наместо да ги предадеме на суд тие што ја предадоа државата, ние ги избркавме од државата и ги казнивме со одмазда која ги надмина границите на законот. Тоа не беше казна, тоа беше одмазда“.

Некоја година потоа, особено кога Чехословачка се раздели, почнаа преговрите зад кулисите како да се најде лек одмаздата да не царува со душите на луѓето и како да се гледа кон иднината.

Преговори во тајност

За механизмите на преговорите и нивната тајност деновиве за чешките медиуми зборуваше Рудолф Јиндрак, тогаше генерален конзул во Минхен, човекот преку кој поминуваа деликатните дипломатски разговори.

Јиндрак вели дека тоа биле интензивни две и пол години, кога се одржале единаесет рунди преговори „кои успеавме да ги чуваме во тајност од новинарите за да не бидеме под притисок. Беше и технички тешко, моравме да имаме јасна правна аргументација со моите колеги. Тогаш спиев на работа завршувајќи ги подготовките пред следната рунда состаноци. Благодарение на тоа што бев во Минхен околу пет години, имав голем број контакти, дури и меѓу судетските Германци, и успеав одвнатре да добијам информации како Германците се подготвуваат за преговорите“.

Според него, „основата на договорот е дека двете страни се заинтересирани за него. Бевме заинтересирани Германија да нѐ поддржи за влезот во НАТО и перспективно во ЕУ. Тоа би го окарактеризирал како трпение. Ни помогна и внатрешно-политичката ситуација во Германија. Партијата на зелените, која беше во опозиција, го притискаше Хелмут Кол, кој немаше голема волја да го стори тоа”. 

На прашањето како ги оценува односите меѓу Германија и Чешка 25 години по потпишувањето на Декларацијата, Јиндрак вели дека чувствата се мешани – дека е и среќен и не е среќен. „Денеска имаме поинтензивни односи со Германија и Австрија отколку со Полска и Словачка. Да ми кажеше некој такво нешто некој пред триесет години, ќе се удрев по челото. Работите страшно се променија и сполај му на господ за тоа“, вели Јиндрак.

Чешко-германската декларација има пролог и осум точки. Прологот укажува на долгата историја на плоден и мирен соживот на Чесите и Германците, богатото меѓусебно културно наследство на двете страни и го отфрла решавањето на старите грешки со нови грешки. Во првиот дел, двете страни изјавуваат дека споделуваат исти демократски вредности и потреба да заземат јасен став за минатото. Во вториот дел, Германија ја објавува целосната одговорност за последиците што ги предизвика нацистичкиот режим. Во третиот дел, чешката страна го изразува своето жалење за повоеното протерување на Германците од Чехословачка и експропријацијата и одземањето на државјанството на судетските Германци, вклучително и многуте неправди („Unrecht“ во германската верзија – беззаконие) и страдањата на невините што произлегоа од ова. И чешката страна изразува жалење за настаните при протерувањето кои поминаа неказнето.

Во четвртиот дел, двете страни ги прогласуваат направените грешки како проблем од минатото и го признаваат правото на другата страна на различно мислење. Овој пасус, иако е компромис, е меѓу најконтроверзните делови од декларацијата во двете земји – германската страна одби да се помири со чешките барања да се прогласи Минхенскиот договор за ништовен уште од самиот почеток (како што направија Франција и Италија во минатото). А сепак, го признаваат правото на Чешка да го сметаат за ништовен. Во петтиот дел, двете страни декларираат намери за поддршка на малцинствата на другите народи на нивната територија… Последниот, осми дел, е договор на двете страни дека заедничката историја мора да се истражува заедно и тие ветуваат дека ќе создадат чешко-германски форум за дискусија за да го поттикне чешко-германскиот дијалог.

Можеби изгледа како претерано детализирањето на оваа декларација. Но таа е извонреден пример како заедничката историја и трауматичните искуства од минатото да се преточат во политичка волја за иднината. На судетските Германци не им беше вратено државјанството, ниту имотите, но Германија ја собра сета своја политичка храброст да го надмине тоа и да ја поддржи Чешка за НАТО и ЕУ.

Ова е Балкан, политичките волји се попримитивни. Да зборуваме за „нашите Бугари и нивните Македонци“ за многумина може да изгледа како предавство. Овде за Бугарите, а во Бугарија за Македонците. Историските заблуди најтешко се лечат, особено кога политичките лидери се главни војсководци на тие заблуди. Кој знае, на крајот од оваа фаза на работните групи меѓу Бугарија и Македонија може да дојде до некоја слична ваква декларација во која ќе се зборува за иднината, за богатото меѓусебно културно и друго наследство, но дека не смеат старите грешки да се решаваат со нови грешки.

(Линк до Дојче веле овде)