Народната банка донесе нов пакет монетарни мерки


Фото: Б. Грданоски

Намалена е основната каматна стапка, дополнително намален е понудениот износ на благајнички записи и проширен опфатот на инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем

 

Народната банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5 отсто, што е трето намалување оваа година, по јануари и март. Истовремено, на седницате на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП) беше одлучено понудата на благајнички записи на аукцијата што ќе се одржи денес да се намали за нови 7 милијарди денари, што е уште едно олабавување на монетарната политика, по намалувањето на износот на благајнички записи што беше понуден на априлската аукција.

„Заедно со средствата коишто беа ослободени со намалената понуда на благајнички записи на аукцијата во април се ослободуваат вкупно 15 милијарди денари, коишто се очекува да овозможат натамошна поддршка на македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем“, соопштои Народната банка.

Одлуката за натамошно монетарно релаксирање се темели на стабилизирањето на очекувањата и довербата на економските субјекти во последниот период, видливо преку подобрените движења на девизниот пазар и кај депозитите во банкарскиот систем. Овие околности, при истовремено комфорно ниво на девизните резерви и умерена инфлација, а при оцена за неповолни ефекти од здравствената криза врз економската активност на краток рок, отвораат простор за натамошна поддршка преку монетарната политика.

„Ова релаксирање на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систе релаксирање на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем м, којшто соодветно ќе може банките да ја искористат за поддршка на домашната економија преку зголемување на кредитната активност и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија“, се нагласува во соопштението од НБ.

Од таму додаваат и дека на седницата се одлучи да се направат и дополнителни промени преку коишто од централната банка ќе им се овозможи на банките поголем пристап до ликвидност, доколку во следниот период се појави таква потреба, што индиректно отвора и дополнителен простор за зголемена кредитна поддршка на економијата.

„Поконкретно, со овие промени се прошири опфатот на хартиите од вредност коишто Народната банка може да ги прифати од домашните банки како инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. Така, при спроведување на монетарните операции за откуп на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа, Народната банка ќе може да ги прифаќа и домашните државни обврзници со најдолга рочност (15 и 30 години), како и еврообврзниците издадени од страна на државата на меѓународните финансиски пазари, коишто се во сопственост на домашните деловни банки“, велат од Народната банка.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите априлски макроекономски проекции, при што заклучи дека и покрај веќе видливите негативни ефекти врз економијата поврзани со шокот од ковид-19, економските фундаменти и натаму остануваат здрави. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската инфлација и стабилните движења на девизниот пазар во последниот период.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по релативно солидниот раст на економијата во 2019 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на оваа година упатуваат на продолжување на растот, но со забавено темпо. Имено, и покрај поволните движења во првите два месеца од годината, првите ефекти од корона-кризата се забележуваат во март, а се видливи преку падот на активноста во индустријата и трговијата. Во градежништвото, и во текот на вториот месец од годината е регистриран висок раст на активноста.

Просечната годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци од годината изнесува 0,4 отсто, при очекувања за стапка на инфлацијата од околу 0  проценти за оваа година и урамнотежени ризици околу проекцијата.

Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, со остварувања во согласност со очекувањата. Во однос на расположливите информации за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена заклучно со март оваа година упатуваат на проширување на трговскиот дефицит на годишна основа во првиот квартал – движења коишто се вградени во објавените најнови проекции на Народната банка. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на април укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекуваните за вториот квартал од оваа година, иако периодот за поконкретна оцена е многу краток.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за април покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, иако со поумерена динамика, согласно со очекуваната патека во рамки на проекциите.

Показателите за домашните финансиски пазари посочуваат на постепено стабилизирање на движењата на девизниот пазар, при забележано нормализирање на очекувањата на физичките лица. Имено, од крајот на април наваму се забележува постојано намалување на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното ниво пред отпочнување на корона-кризата. Во такви околности, Народната банка во втората половина на април, повремено интервенираше на девизниот пазар со продажба на вкупно 28 милиони евра. Од почетокот на мај, централната банка нема интервенирано на девизниот пазар.

Во однос на надворешното окружување, мерките со привремено запирање на активноста во одредени економски дејности кај земјите ширум светот резултираа со значителен пад на економската активност на глобално ниво, видлив преку показателите за БДП за првото тримесечје од годината и други високофреквентни показатели. Во такви околности, во април, носителите на монетарните и фискалните политики на развиените земји и на земјите во развој продолжија да обезбедуваат соодветна поддршка за домашните економии. Ваквите случувања влијаеја за стабилизирање на очекувањата на инвеститорите на меѓународните финансиски пазари и соодветно за намалена променливост на цените на финансиските инструменти.

„Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека надворешните и домашните ризици за економијата и натаму се присутни. Во актуелните околности, при стабилизирање на показателите коишто се релевантни за монетарната политика, постои простор за натамошно монетарно релаксирање, во функција на поддршка на економијата. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку тоа е потребно“, се вели во соопштението од Народната банка.