Најмалку 34 рудари загинаа во експлозија во јагленокоп во Пакистан


Во експлозија во рудник за јаглен во јужен Пакистан загинаа најмалку 34 работници, соопшти Пакистанската служба за справување со вонредни ситуации.

Експлозијата, предизвикана од метански гас, се случила синоќа и го урнала рудникот што се наоѓа во близина на Белуџистан, провинција богата со минерални ресурси. Веднаш била покрената спасувачка операција.

„Според информациите добиени од екипите на терен, пронајдени се телата на 34 лица“, соопштија рано утринава локалните власти задолжени за вонредни ситуации.

„Во тек е заедничка спасувачка операција за пронаоѓање и извлекување на површината на рударите кои се уште се заробени“, додадоа властите, без да наведат колку работници биле во рудникот во моментот на експлозијата.

Несреќите во рудниците се чести во Пакистан, особено во Белуџистан, најсиромашната и територијално најголемата провинција во земјата. Таа заостанува зад останатите делови на Пакистан во повеќе области, меѓу кои образованието, вработувањето и економскиот развој.