Најдоброто што Брисел може да го направи во Бугарија е да остане настрана


ДИМИТАР БЕЧЕВ

Механизмите за владеење на правото на ЕУ не успеаја. На граѓаните им останува сами да побараат одговорност за елитата

 

„ЕУ, дојди види како ги трошат твоите пари“, пишуваше на еден транспарент на протестот во Софија, каде демонстрантите во понеделникот ги повикуваа премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител на земјата, Иван Гешев, да поднесат оставка.

Според секоја веројатност, Европската комисија или другите земји-членки на ЕУ немаат илузии за тоа како се „апсорбираат“ повеќето фондови на ЕУ во земја што заостанува зад своите колеги во ЕУ во рангирањето за чиста влада.

И, да се каже вистината, не беа многу Бугари беа шокирани од протечените снимки во јуни, во кои некој глас кој има голема сличност со оној на Борисов се заканува дека ќе „запали“ бугарски европратеник за скандалот со исчезнати фондови на ЕУ. И во Брисел и во Софија, ваквите откритија рутински се игнорираат.

Прашањето како ЕУ треба да одговори на новиот бран протести што ја потресе земјата – поттикнат од сложениот скандал со корупција, кој фрли светлина на замаглените линии меѓу моќните олигарси и државниот безбедносен апарат – не е лесно да се одговори.

Во 1990-тите и 2000-тите, членството во ЕУ се сметаше дека е лек за заробената држава и корупцијата. Нејзината привлечност произлезе во еднаква мерка од ветувањето за зголемување на животниот стандард и верувањето дека институциите во Брисел ќе ја обезбедат очајно потребната проверка на предаторските елити.

Деновиве преовладува повеќе циничен поглед. Со сигурност, членството во ЕУ останува огромно популарно. Но, бирократските трикови, како што се т.н. механизам за соработка и верификација, чија цел е да се одржат реформите во владеењето на правото во Бугарија по пристапувањето во Унијата во 2007 година, донесоа неуспех.

Сукцесивните влади не направија многу за да го рехабилитираат судството во земјата или семоќната канцеларија на јавниот обвинител Поврзувањето на можното вклучување на Бугарија во безвизната Шенген зона со почитување на барањата за владеење на законот не направи никаква разлика. Според „Транспаренси интернешенел“, Бугарија е рангирана како најкорумпирана земја во ЕУ и е меѓу најсиромашните на блокот. Таа падна на 111-то место во Индекс за слобода на печатот на „Новинари без граници“ во 2020 година.

Лекцијата што ја научи гласното малцинство Бугари е дека промената може да се случи само од дното нагоре. И – седум години откако излегоа на улиците да се соберат против назначувањето на медиумскиот магнат Делјан Пеевски за шеф на безбедносната агенција на земјата – има многу работи за кои треба да бидеш гневен во Бугарија, ако ти се случи да веруваш во владеењето на законот и основните принципи на правичност.

Борисов, кој се искачи на сцената во 2000-тите како огнен популист ветувајќи дека ќе ги затвори корумпирани инсајдери, е заштитник на расипничкото статус-кво и партнер во олигархиски картел, прераспределувајќи ги трансферите од ЕУ и други јавни ресурси. Тој гледаше од маргините како јавниот обвинител, Иван Гешев, сѐ повеќе прибегнува кон репресивни методи за арбитража на деловните ривали или за неутрализирање на политичките противници. Иако Гешев вети дека ќе преземе остри активности против корумпираните деловни елити, тој беше селективен во своите цели, не успевајќи да ја истражи улогата на Пеевски во банкротот на КорпБанк во 2014 година, четвртиот по големина заемодавател на земјата, додека ревносно гони критичари на медиумскиот тајкун.

Демонстрантите бараат оставка од главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев

Некои, вклучително и бугарскиот претседател Румен Радев, повикаа ЕУ да заземе став. Портпаролот на Европската комисија изрази поддршка за „правото на мирни протести“ и американската амбасадата во Софија даде изјава во која ги поддржуваше про-демократските протести. Но, понатамошното мешање во Европа би можело да ги влоши работите.

Политичките групации во рамките на Европскиот парламент побрзаа да ги поддржат своите. Манфред Вебер, водачот на моќната централно-десничарска Европска народна партија, на која ѝ припаѓа партијата ГЕРБ на Борисов, даде изјава во која го поддржува бугарскиот лидер. Социјалистите и демократите може да бидат во искушение да размислат дали да застанат на страната  на опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), која е поврзана со тековните протести.

Вмешувањето во внатрешната политика на Бугарија само ќе ги обои паневропските партии со несаканите политики на нивните локални придружници. Можеби поопасно, со влегувањето во расправијата ЕПП и СиД, исто така, би можеле да дадат доверба во нарацијата дека протестите се водени од цинична желба за моќ, а не од вистинска загриженост за демократско владеење.

Зборувањето за вредностите на ЕУ и владеењето на правото честопати значи малку на места како Бугарија – главно затоа што не доведе до опиплива промена.

Но, толпите на улиците на Софија, Варна и другите градови, се анимирани од нешто помоќно: длабоко вкоренето чувство за неправда и растечка нетрпеливост за бесрамна корупција. Така што повторно, битката за душата на Европа се води на маргините на Европа.

(Димитар Бечев е соработник на Центарот за источноевропски студии на Универзитетот на Северна Каролина и соработник на Атлантскиот совет)