Надежта е дисциплина


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Надежта е дисциплина која мора да ја вежбаме секој ден. Во миг на една не само локална, туку и глобална разочараност, ваквиот концепт ме натера да се вратам во реалноста и да престанам да се чувствувам грозно поради работите што ги гледам околу себе

 

Ден по американските избори гледав во живо на платформата „Зум“ (можност што ја гледам како пандемиски благодат) трибина на четворица автори што се дел од инцијативата „Писатели против Трамп“ (Writers Against Trump) во САД, на која учествуваше и Ребека Солнит. Во екот на разочарувањето од постојаните шокови во време на четиригодишното претседателството на Трамп кое (во тој миг) кулминираше со фарсата на изборите, Солнит рече нешто што оттогаш постојано си го повторувам, во обидот да се справам со постојаните потреси на нашето корумпирано општество: надежта, рече таа, цитирајќи ги зборовите на инспиративната американска активистка Мерием Каба, е дисциплина.

Во постојаната потрага по надеж и во неуморната борба со разочарувањето, овие зборови за мене имаа силно значење, поради што и сакам да ги споделам. Најдов поткаст со Мерием Каба во кој таа го објаснува концептот: надежта, вели таа, не ги исклучува чувствата на тага, бес и фрустрација или пак кое било друго чувство. Таа не е емоција, не е оптимизам, и претпоставува живеење во сегашноста. Така, надежта е дисциплина која мора да ја вежбаме секој ден. И навистина во миг на една не само локална, туку и глобална разочараност, ваквиот концепт ме натера да се вратам во реалноста и да престанам да се чувствувам грозно поради работите што ги гледам околу себе.

До извесен степен, се разбира, зашто сепак дисциплината е нешто што се вежба, и барем сега развив извесна филозофија дека чувствата на лутина и разочараност се нормални и не смеат да ме фрлат во комплетна апатија, или пак, како што сѐ почесто гледам на социјалните мрежи и од ретките разговори под маски во живо со луѓе, во разорен цинизам. Еве во моментот кога го пишувам ова за разорните циници ми надоаѓа раскошен гнев кон сите оние кои не ми дозволуваат полесно да си ја вежбам дисциплината, а тоа во последно време се еден тон луѓе кои во отсуство на потребната социјализација, социјалниот живот го водат на социјалните мрежи (што е одлично, и потребно, и фала им на социјалните мрежи за тоа, и на интернетот), при што сета фрустрација и гнев кон сѐ што се случува околу нас го истураат во празни, зли зборови што не резултираат со ништо друго освен предизвикување на понатамошна фрустрација, а со тоа регрес, или во најдобар случај, стагнација.

Зборувам за сега сѐ повидливиот механизам на празно гомнојадење што секогаш има едно исто мото: ништо не чини, светот не оди никаде, сите напори ви се џабе, не бидете наивни и престанете да верувате во идеали. Таквите велат, ееех, и јас порано имав идеали, ама сега веќе не сум наивен. Таквите ве нарекуваат наивни ако сте конструктивни и сите ваши обиди ги посипуваат со сивиот пепел на неуспехот. Таквите луѓе, кои сега има да ги ринеш со лопати на социјалните мрежи, всушност имаат две примарни цели: да ви кажат „нели ти реков“ доколку не успеете и така да ви се прикажат како неприкосновени Нострадамуси што можат да ја предвидуваат мрачната иднина поради својот супериорен ум, а втората е многу потажна, а таа е за да се заштитат сами од разочарување. Ако испадне лошо – знаеле. Ако не испадне лошо – ќе се радуваат и никој нема да им замери што прогнозирале црнила. Основниот деноминатор зад двете овие цели е заштитата на личното над колективното, или пак народски кажано, себичноста.

Не смее да ја потцениме разорната моќ на ваквата појава. Во време на пандемија, кога сме опкружени со болест и со смрт, кога сме заглавени во средините во кои од ден на ден сите наши слабости и сиот трулеж на општеството излегува на површина, треба да се задржи извесна мера на сталоженост и перспектива за да се оди напред. На пример, пак ќе ја спомнам Ребека Солнит која реферираше на еден друг тренд што го видов во американското општество, а што нам ни е добро познат, а тоа е желбата за миграција (кај нив се појави за време на претседателството на Трамп). Две мои пријателки, на пример, се спакуваа и тргнаа да одат да живеат во Канада (тоа што за нас е Европа или Америка) затоа што биле згрозени и разочарани од назадувањето на општеството откако Трамп дошол на власт. Среќа, не добија иселеничка виза, па сега мора активно да учествуваат во општествениот живот на нивната земја која дотогаш им ги пружа сите привилегии во рамките на своите способности. Солнит, затоа истакна дека државата не е хотел па да можеш да ја напуштиш туку-така ако не си задоволна од услугата. Нејзиното потенцирање дека надежта е дисциплина произлегува од истата криза во американското општество, а на извесен начин доживеа огромен подем кога почина врховната судијка Рут Бадер Гинзбург. Ја гледав како во едно интервју кажува дека кога клатното на часовникот ќе отиде премногу во едната насока, несомнено тоа бргу ќе се отиде подалеку и на другата.

Оттаму, вежбајќи ја дисциплината, сите разорни циници сакам да ги потсетам една глобална работа, а тоа е дека за помалку од една година човештвото разви вакцина. Дека општеството, колку и да е гнило и назадно, молкавично се приспособи на социјално-ограничен живот. Дека некои општества и нивните влади (раководени од жени), како на пример во Нов Зеланд, покажаа како може успешно да се води држава по принципот на соработка, разбирање и емпатија, што е неповратен процес: штом се појавија такви влади, ќе следат и други. И покрај црните случувања во Америка на 6 јануари и страшниот удар кон принципите на нивната демократија, по четири години кошмар, демократите се изборија за превласт во двата законодавни дома, и го добија и претседателството, благодарение на макотрпниот вложен идеалистички и долготраен труд на многу активисти (како на пример, Стејси Абрамс во Џорџија).

 А можам да кажам дека и Македонија, и покрај сета корумпираност и гнилост во системот, и покрај необразованоста и сиромаштијата на населението, го живее својот досега најслободен и најкритички развиен живот (знам дека ова звучи чудно и будалесто од прва, но во споредба со порано, така е, и за тоа можеби и малку фала му на Груевски што нѐ подразбуди). Со ова мислам на тоа дека во нашето општество веќе нема страв, има дијалог, и се јавува извесна локална одговорност – што се мали чекори напред, но претставуваат неповратен прогрес што не смееме да го заборавиме секојпат кога сме спремни очајно да кукаме. Ќе истакнам и нешто што ми е лично битно: деновиве во Србија повеќе млади жени се осудија да проговорат јавно за нивниот „култен“ учител што долги години ги силувал кога биле малолетнички. Вакво пријавување и вакво прекршување на молкот беше незамисливо пред само пет години. Незамисливо беше и дека како реакција на коментарите што ги осудуваа, оцрнуваа и обесхрабруваа жртвите, ќе се јави таков масовен, буден отпор, како што имаше и во нашето општество.  

Покрај надежта, се обидувам да вежбам и малку трпение и да се потсетувам на фактот дека во текот на еден наш животен век не можеме да ги видиме промените до крај. Тоа ќе му остави простор на разорниот и импотентен гомнојадец да ви каже, „нели ти реков“, но во тие ситуации одлично функционира и затнувањето на ушите. И да, често, како потсетник, си велам дека да можев да изберам која било постоечка епоха во времето, ќе ја изберев оваа, сегашната.                                                                (Верзија на овој текст беше објавена во српскиот неделник „Време“ на 14 јануари)

(Румена Бужаровска е писателка)